Гледајте ја приказната „Бел“ во интерпретација на Ѓорѓи Јолевски (ВИДЕО)

Во чест на 2 Април, Светскиот ден на литературата за деца, ви ја споделуваме приказната „Бел“ на авторката Ника Гавровска. Од неодамна „Клин продукција“ ја започна својата мисија под мотото „Гледај книга“, со цел да ја доближи книгата до децата, со видеа во кои македонски актери читаат детски книги. Тоа е придружено со анимација, инспирирана од илустрациите на самата книга. Книгата е во издание на „Гаврош“, а во 2020 година ја освои наградата за најдобро илустирано дело на Фестивалот за литература и илустација за деца „Литера“.

Една зимска ноќ, кога ќе забележи едно необично бело дете, долу на улиците под неа, љубопитната Месечина ќе тргне по него и ќе заталка во денот. Не само што Месечината ќе го следи таа вечер, туку ќе остане негова пријателка се до денот кога тој ќе ја продаде и ноќите во градот ќе станат сосема темни.

Бел е современа илустрирана бајка за чудесното пријателство помеѓу малиот Бел и Месечината. Бел е приказна за осаменоста на небото полно со ѕвезди и онаа вистинската осаменост на оние кои им недостига љубов. Ова е приказна за неизмерната љубов каква што е мајчинската.

Проектот „Гледај книга“ е поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка.