Иако беше оценет лошо од Агенцијата за филм, „Нема да си сама“ си го најде патот до „Санденс“

Се обидов да добијам македонска поддршка – прво за развој на сценарио, како и за снимање и копродукција. Бев одбиен. Не добив објаснување. Само ми беше соопштено дека комисијата моето сценарио од можни 100 поени го оценила со 22, вели режисерот Горан Столевски

Светскиот магазин посветен на филмската уметност „Варајети“ го смести во десетте режисери што не треба да се пропуштат во 2022 година. Причина за тоа е неговиот дебитантски долгометражен филм You won’t Be Alone („Нема да си сама“), хорор-приказна која веќе крена прашина. Премиерата му беше на „Санденс“, сите светски медиуми пишуваа за него, а допрва светот ќе може и да го види во киносалите.

Горан Столевски е Македонец кој повеќе од 20 години живее во Мелбурн, Австралија. Таму се образoвал за филмска уметност, а Македонија никогаш не ја заборавил. Неговиот краток филм „Види ја ти неа“, во кој главната улога ја толкуваше Сара Климоска, имаше голем успех и ја освои наградата за најдобар интернационален краток филм на „Санденс“ во 2018 година.

Со Столевски разговараме како се роди приказната за You won’t Be Alone, со какви предизвици се соочил пред да го сними филмот, кога ќе го видиме кај нас.

You won’t Be Alone е Ваш прв долгометражен филм, кој веќе крена прашина. Очекувавте ли да има такво меѓународно медиумско внимание по премиерата на „Санденс“?

– Ќе звучи малку арогантно, ама ајде ќе бидам искрен. Очекував внимание, да. Барем во последниве неколку месеци. Претходно, додека го пишував сценариото – и кога неколку државни филмски агенции (не само во Македонија) одбија да го поддржат проектот – воопшто не замислував дека некој ден би добил шанса да го снимам. Но, кога се запознав со продуцентките Кристина Кејтон и Сем Џенингс и кога при крајот на 2019-та американското студио Focus Features се понуди како инвеститор, сфатив дека овој филм има потенцијал да стигне до поширока меѓународна публика и да остави впечаток. Сепак, уште ме чуди што истото студио реши да го поддржи филмот, дури и откако одбив да снимам верзија на англиски јазик (и откако истовремено се откажав од понуда со неколку додатни милиони долари).

Како се роди приказната за овој филм. Ми се чини дека сценариото почнавте да го пишувате на некоја филмска работилница баш во Македонија.

– Претежно пишувам и режирам интимни драми со прилично класична структура. Како вежба решив да напишам приказна со жанровска основа во која сепак главниот фокус ќе бидат односите и чувствата на ликовите, а не жанровските конвенции. По малку размислував во тој правец, но немав конкретна идеја за приказна, кога при крајот на 2015 година мојата драга (и феноменално талентирана) колешка Елеонора Венинова ми јави за филмска работилница во Скопје. Во тој период живеев во Бристол и решив работилницата да ја искористам како прилика да се видам со Еле, а и со моите најблиски во Тетово.

Се сеќавам, имав 3-4 дена да составам цела приказна за филм и останати документи околу режисерската визија и слично. Набрзина напишав 20-ина страници, хорор-бајка за вештерки со наслов „Нема да си сама“. Ни самиот не бев сигурен дали пишувам нешто квалитетно или само нешто што е симптом на нервен слом. Ама ете, ме примија на работилницата – мислам главно поради тоа што немаше доволно други апликации. Неколку од проектите во работилницата беа финансиски поддржани за развој, мојот не беше меѓу одбраните. Но сепак имам исклучиво позитивни асоцијации со тоа искуство, бидејќи запознав неколку прекрасни колеги, а и проектите што беа поддржани од Агенцијата беа одлични и инспиративни.

Беше ли долг процес да се изберат вистинските актери?

– Долг и комплициран, да. Поради финансиката структура зад продукцијата моравме неколку главни улоги да одделиме за странски глумци. Дебитантите-режисери начелно не ги привлекуваат холивудски, британски и австралиски актери, а уште помалку амбициозни, ризични проекти кои не се на англиски јазик. Истовремено и мене повеќето холивудски и австралиски глумци не ме привлекуваат поради причини што најдобро да не ги набројувам. Постојат многу малку актери кои што истовремено ги задоволуваат финансиерите, а и ме инспирираат мене како уметник. Ковид ни створи додатни компликации со кастингот. Буквално една недела пред снимање, за две од главните улоги уште немавме потврдено глумци. Но, пред да го прочитам прашањево сосема заборавив за сите тие компликации и притисоци бидејќи глумците со кои што имав чест и задоволство да соработувам беа толку прекрасни луѓе и врвни уметници кои што сега ги сметам за блиски пријатели.

Сара Климоска и во овој проект е една од Вашите главни актерки. Што Ве фасцинира најмногу кај неа како актерка?

– Не знам доволно зборови на македонски ниту на англиски да го опишам сето тоа. Како прво: од практичен поглед, едноставно ми ја олеснува работата. Максимално ми помага и го продлабочува филмот за време на подготовките. Вложена е во сите аспекти од филмот, исто колку што сум и јас. А додека снимаме покрај неа чувствувам ретка сигурност и безбедност како уметник. Затоа што знам дека во секоја варијанта, ако нешто во сцената не „штима“, ако се појави проблем со кој било елемент, ако јас немам доволно идеи или решенија, едноставно можам да ја свртам камерата накај Сара во крупен план и секој проблем исчезнува. Таа и како човек и како уметник не е способна за гест што не е сосема искрен и природен. Со Сара не постои лош дубл.

Иако нема никаква врска со приказната, филмот го снимивте во Србија. Дали се обидовте да добиете и македонска поддршка за филмот?

– Се обидов, прво за развој на сценарио, а евентуално и за снимање и копродукција. Бев одбиен. Не добив објаснување. Само ми беше соопштено дека комисијата моето сценарио од можни 100 поени го оценила со 22, што мислам дека е рекорд за најниска оценка доделена од страна на која било Агенција за филм во светот. Но, истовремено морам да потенцирам дека во истите конкурси македонската Агенција поддржа проекти од други одлични дебитанти кои што долго време се бореа да снимат долгометражен филм и секако го заслужија тоа. А исто така бескрајно сум благодарен што Агенцијата неодамна го поддржа мојот следен филм „Домаќинство за почетници“, кој што ми е исто толку драг колку и „Нема да си сама“. Без поддршка од Агенцијата за филм, за жал, беше невозможно да се состави буџет за снимање во Македонија. Моравме да се свртиме кон Србија.

Кога би можеле да го видиме филмот во Македонија?

– Американското студио одлучува околу тоа, јас немам особено влијание. Но се надевам летово ќе може да направиме премиера во Скопје. Всушност има голема шанса Македонија да го гледа филмот во кино пред која било друга држава во Европа.

Роден сте во Македонија, каде постојано се враќање, а повеќе од 20 години живеете во Мелбурн. Се чувствувате ли некогаш ни ваму, ни таму?

– Роден сум во Македонија и цел живот ѝ се враќам. Истовремено очигледно веќе сум и од Австралија, затоа што пола од животот ми помина во Мелбурн. За мене не постои контрадикција во тоа што сум од две места. Не сакам да лажам – често се чувствувам како да не сум дома ни таму ни ваму. Главно бидејќи и во Мелбурн и во Дебар Маало сум третиран како странец. Во Мелбурн поради акцентот, „балканската фаца“ и, ете да речеме, балканскиот темперамент. А во Македонија поради малку покомплицирани причини – некои од нив непријатни, а некои сосема разумни. Кога бев помлад повеќе ми пречеше тоа. Но, со време сфаќам дека животот ми е далеку побогат, токму поради тоа што од 1997-ма наваму секаде сум аутсајдер!

Сподели