Кристијан Фидановски, докторанд на „Оксфорд“, гостин на С(ц)иеста на „Кантарот“

„Дали пронаталитетските држави се пронаталитетски на ист начин?“ е темата на онлајн-дискусијата која во среда во 20 часот ќе се одржи во живо, на фејсбук-страницата на Кантарот.мк. Гостин ќе биде Кристијан Фидановски, докторанд по социјални политики на Универзитетот Оксфорд, а модератор е проф. Никола Стиков. Ова е трета отворена С(ц)иеста, во организација на фондацијата „Кантарот“.

– По векови на речиси непрекинат раст, во втората половина од 21 век, се очекува светската популација да почне да се намалува. Околу половина од државите во светот веќе се одликуваат со просечна стапка на наталитет пониска од оние 2,1 деца по семејство потребни за да се одржи константен број жители на планетата. Во Источна Европа, вклучително и во Македонија, стапката на депопулација се засилува и поради високата стапка на иселување. Ваквите популациски трендови отвораат разни прашања околу идната одржливост на пензиските и здравствените системи (на среден рок), но и околу опстанокот на одредени култури и држави (на долг рок) – пишува во најавата за дебатата.

Покрај краткиот преглед на глобалните популациски текови, Фидановски ќе претстави и некои првични наоди од неговата докторска дисертација на тема пронаталитетски политики, поврзани со анализата на детските додатоци во 10 европски држави. Наодите се однесуваат на карактерот на пронаталитетските детски додатоци кои во моментов се достапни во држави како Србија, Белорусија, Унгарија и Полска. Овие финансиски пакети имаат неколку сличности со (но и значајни разлики од) контроверзната политика „трето дете“, која беше спроведена во Македонија од 2009 до 2018 година.