Васко Марковски: „Џабе работи, џабе не седи“ има смисла, барем колку за континуитет на добриот пример

„Непозната Македонија„ е сумирање на еден обид за првпат и одново да се откријат некои места и приказни кои ми тлееле како предизвик да ги видам и нешто за нив да напишам, во форма на новинарска патеписна репортажа, вели Марковски

„Непозната Македонија“ е ракопис кој ми тежеше со години. Посакував да биде објавен, вели Васко Марковски, новинар, фотограф, преведувач, туристички водич, хроничар. Ракописот дочека да биде објавен во издание на „Бегемот“, а утре во 18 часот ќе биде промовиран во кафе-книжарницата „Буква“ во рамките на Фестивалот „ArtArea“. Два часа подоцна почнува музичкиот настап на вокалнo-инструменталниот состав „Тркалезна маса“ во кој Марковски е член. „Непозната Македонија“ е издадена во рамките на едицијата „На пат“ и се впишува во традицијата на патеписната, репортерска и хроничарска литература, во која се чува знаењето и сеќавањето за личностите, местата и феномените што го обележуваат времето и просторот.
Томислав Османли вели дека во книгата „се вкрстуваат сегашните објекти, простори, изгледи и минати приказни, митови, истории, ликови во една долга и богата низа од сказови, патеписи, репортажни записи и сведоштва на изворни личности“.
Марковски како автор на серијалот „Урбани легенди“ и во својство на главен уредник на месечникот Free Time Guide – Macedonia e награден со признанието „Најдобар промотор на Македонија“ за 2010 година. Автор е на поетската книга „Корпоративно утро“ и на монографијата „Урбани легенди“. Застапен е во неколку антологии на современата македонска поезија. Свири гитара, бас-гитара, мандола и мандолина.

Васко Марковски

На 412 страници е напишана „Непозната Македонија“, книгата која излезе од печат кон крајот на 2020 година. Претставете ни ја, која е, каква е, од добра фамилија ли е?

– „Непозната Македонија“ е ракопис што ми тежеше со години. Посакував да биде објавен; многумина кои ги следеа моите објави како новинар во печатените медиуми ми велеа дека репортажите од серијалот би требало да ги соберам во книга; дојде мигот, се запознавме со уредниците на „Бегемот“, и еве, веќе излезе втората книга за таа издавачка куќа. „Непозната Македонија“ е книга од 412 страници, сакајќи да ја спакуваме во издание со усул, наместо првичните шестотини и кусур, колку што беше материјалот. Книгата е сумирање на еден обид за првпат и одново да се откријат некои места и приказни кои ми тлееле како предизвик да ги видам и нешто за нив да напишам, во форма на новинарска патеписна репортажа. Се чувствувам должен кон предците да речам дека сум дете од фамилија, така што, и за книгата би рекол дека е од фамилија, ама, некако ми се чини дека не ме бидува за стројник.

„Непозната Македонија“ е книга која секој би требало да ја има дома. Во неа се тајните на убавите места кај нас. Како ги откривавте овие тајни?

– Ме радува што слушам дека е така доживеана. Работејќи за редакцијата на неделникот „Форум“ ми беше доверено секој петок да излезам на пат, секој вторник да предадам за печатење репортажа од серијал под заеднички наслов „Непозната Македонија“. Со време, како што „машината се разработи“, сфатив дека се создале условите кои потајум сум ги посакувал да ми се случат некогаш во животот — да можам и јас да патувам и да им раскажувам на читателите, надевајќи се дека ќе им го приредам доживувањето што мене ми го приредувале патеписците од нашите радија, телевизии и печатени медиуми, кои ги имавме некогаш. Со време, на „Форум“ се надоврза и месечникот Free Time Guide – Macedonia, изграден околу продукцијата репортажи од серијалот, кој ми беше зададен како предизвик и чиј уредник бев почестен да бидам. Следејќи ја агендата на месечникот, предизвикот беше на читателите-странци што живеат во Македонија и кои накусо престојуваат во земјата да им понудиме предлози за патувања што се изводливи во конкретниот месец во кој излегува магазинот. Во откривањето помагаа безбројните ливчиња со белешки од интересни податоци чуени на радио, прочитани спорадично некаде, но и поттикнати од самите патувања што претходно веќе се случиле.

Ова не е е книга што се чита „во еден здив“, туку полека, со уживање и потоа ве тера да се качите во автобус, воз или со автомобил да одите и да посетите некое од опишаните места. Иако се новинарски репортажи, имаат повеќе литературен, отколку новинарски стил.

– Ќе бидам искрен дека и самиот сум изненаден со таквото доживување на ракописот, препрочитан по десетина години од настанувањето. Претпоставувам дека донекаде тоа ми го овозможи и одлуката, заедно со издавачот, текстовите да одат неилустрирани, сакајќи на тој начин светлината на сцената да ја насочиме врз зборовното. Уште една радост што ми иде како повратно искуство од читателите е што веќе забележувам луѓе кои во „Непозната Македонија“ виделе поттик да си го доосмислат својот престој во некој дел од нашата земја. Поголема радост и награда за авторот, не можам да замислам.

Ви „лежат“ овие репортажи. Така беше со „Урбани легенди“, сега и со „Непозната Македонија“. Пишувани во период кога уште се ценеше новинарската репортажа, нешто што денес веќе не постои. Што е она што може да се направи сега?

– Од срце, благодарам. Се согласувам. Нашите медиуми се огледало на сеопштата состојба на духот во нашето општество и имам впечаток дека нашата генерација новинари, сепак, имаше можност да доживее да работи во средина која беше како добро организирана, убаво негувана градина. Не знам дали имаме друга надеж, освен да се вратиме во библиотеките, да ги видиме регистрите со дневните и неделните весници некогаш, да се посветиме да пораснеме работливи и љубопитни деца и да се вложиме, како новинари од таа генерација, да го продуцираме тоа што сме научиле да го правиме, од добрите градинари, верувајќи дека и „џабе работи, џабе не седи“ има смисла, барем колку за континуитет на добриот пример.

Несомнено низ годиниве и како новинар, но и како туристички водич, прераснавте во хроничар на градот Скопје. Данило Коцевски, „авторитетот“, за жал, веќе не е меѓу нас. Дали би продолжиле по неговиот пат?

– Споредбата ја сметам за незаслужена. Ќе ни недостига и никогаш нема да можеме да го стигнеме во неговата посветеност и продуктивност во истражувањето на градот. Кога ја подготвувавме „Урбани легенди“ за објавување, посакав на некој начин да побарам благослов од него, како мајстор во хроничарењето на градот, обраќајќи му се да го напише предговорот на книгата. Од начинот на кој ја пречека и со кој ги пречекува читателите на книгата, сфаќам дека благословот го добив, што многу ми значи. Би сакал, веројатно, да продолжам на некој начин со двата серијала – „Непозната Македонија“ и „Урбани легенди“, но без силење. Надежта, засега, е дека набргу ќе помине и чумава, која нè стави на почек повеќе од една година, и дека повторно ќе можам тоа да го правам во својство на туристички водич.

Како ја поминавте пандемската година?

– Првото што го направив, се фатив за литературен превод – од турски на македонски, една од моите професии. Преведувам избор раскази од еден значаен турски автор. Истовремено се зафатив со „Непозната Македонија“. Откако ја завршив, дојде на ред авторска книга, на која работам во моментов – биографија на една инспиративна спортска личност, а набргу треба да излезе од печат мојата втора поетска книга, „Скопски улици“. Како многумина од нас, и мене патот ме одведе, (не)очекувано во градинарството. Со принудното затворање по дома, многумина сфативме дека некаде имаме некој имот што сме го наследиле, а каде што би можеле да бидеме во природа и да бидеме креативни. Така, сега ми се на ред подготовките за садење краставици, грав, наут, тикви, а со дождовите и косење. Што побргу.

На сите ни е тешко во изминативе 14 месеци, ама мислам на уметниците и на туристичките работници им е најтешко. Но, и во таква тешка година се отвори и книжаницата „Буква“, каде што може да се купи „Непозната Македонија“ и личи на зрак надеж дека не е сè загубено…

– „Секоја планина, своја тежина“. Сите сме на некаков начин погодени. Да се надеваме дека се гледа крајот. „Буква“ е, за мене, навистина, една од светлите точки во периодов што ќе го кажуваме на внуци — да сме здрави и живи и ако им е интересно да слушаат. Посебно ме прави радосен кога повторно гледам како некое место во градот, запаметено по култура на живеењето, повторно се разбудило, нудејќи нешто слично, создадено од поновите генерации.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.

Сподели