Станува збор за едукативна програма за развој на систем на менторство за нашата земја во која беа вклучени 24 ментори и 72 студенти
Обучени и компетентни ментори на студенти-идни наставници, ново, висококвалитетно следење и поддршка за време на нивната пракса, подиректен пристап до реалниот училиштен контекст за универзитетските професори и услови за подобрување на универзитетските наставни програми се само дел дел од придобивките на пилот-проектот „Квалитетна обука преку менторство за идните наставници – КВАМЕН“ кој лани беше спроведен во повеќе институции во земјава. Резултатите од спроведените активности од пилот-проектот беа претставени пред повеќе претставници и директни учесници во образованието во земјава.
– Целта на проектот е да се подигне свеста за неопходноста од пополнување на постоечката празнина во иницијалното образование на наставници – да се координира знаењето на студентите оформено на Универзитетот со наставните компетенции што треба да се стекнат при практичната работа во предучилишните установи и училиштата – велат претставниците што го спроведоа пилот-проектот во земјава.

Проектот е финансиран од Министерство за надворешни работи на Норвешка преку Европскиот Вергеланд Центар, Осло и претставува реализација на едукативна програма за развој на систем на менторство за нашата земја во која беа вклучени 24 ментори и 72 студенти. Концептот беше претставен пред ректорот на „Универзитетот Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Никола Јанкуловски, проректорката за финансии, проф. д-р Биљана Ангелова, заменик-министерот за образование и наука, проф. д-р Лулзим Алиу и директорот на Бирото за развој на образование, Зекирија Хасипи. Присутни беа и деканите на факултетите кои го реализираа пилот-проектот, проф. д-р Емиљ Сулејмани, декан на Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ и проф. д-р Александар Скепаровски, декан на Природно-математичкиот факултет, како и претставници на УНИЦЕФ и невладини организации – Нансен дијалог Центарoт и Центарот за балканска соработка – Лоја.
Пилот-проектот КВАМЕН го организираа и презентираа тим професори од Педагошкиот факултет (проф. д-р Весна Макашевска и проф. д-р Лулзим Адеми и проф. д-р Маја Рауник-Кирков,) и од Природно-математичкиот факултет (проф. д-р Марина Стојановска, проф. д-р Валентина Гоговска и проф. д-р Катерина Русевска). Тимот го водеше проф. д-р Ролф Голоб од Циришкиот универзитетот за образование на наставници, Швајцарија.

– Преку анализа на активностите, извештајот потврдува дека оваа професионално водена програма за едукација и обука овозможува стекнување на компетенции за квалитетно и современо менторство на идните наставници и директен пристап на менторирање со квалитетна супервизија и поддршка за време на практичната работа на студентите-идни наставници. Придобивките се на повеќе нивоа – велат професорите.
Според заменик-министерот за образование и наука, проф. д-р Лулзим Алиу, за поддршка на целиот едукациски систем е неопходна координација.
– Потребна е постојана поддршка од високообразовните установи од каде произлегуваат наставниците, како инвестиција во добро подготвен наставен кадар кој ќе биде мотивиран за работа. Презентираните резултати даваат јасни насоки колку е важно знаењето стекнато на универзитетот да кореспондира со наставните компетенции што треба да се стекнат при практичната работа во предучилишните и училишните установи – рече Алиу.

Според Сулејмани, неопходна интензивна соработка на сите инволвирани страни, особено на планот на реализација на активностите. И Скепаровски се согласува дека системската имплементација е неопходна.
Макашевска објаснува дека проектот КУАМЕН пред сè е едукативна програма за развој на систем на менторство во земјава, базирана на искуствата на експертскиот тим. Но, тие искуства ќе се докажат со имплементација на менторирање на студентите–идни наставници кои реализираат практична настава во училишта во тековниот семестар.
Адеми објаснува дека квалитетен ментор, што е целта на обуките, е наставник подготвен да го следи студентот-иден наставник низ целиот процес, кој ќе му дава целосни повратни информации за сите негови постигнувања.

Рауник-Кирков вели дека дисеминацијата на активностите на пилот-проектот е особено важно за актуализирање на состојбата и подигнување на свесноста за огромното значење на практичните искуства на студентите. Првата директна дисеминација ќе ја спроведат учесниците на работилницата кои биле презадоволни од стекнатите знаења и активностите и ќе ги споделат со своите колеги
На собирот беа донесени повеќе заеднички заклучоци и план за интензивна тимска работа – да се креира официјален предлог за системска имплементација на процесот на менторирање со структурирана обука на ментори кој ќе биде доставен до Министерството за образование и наука.





