Со образложението И уметноста е порака, затоа никој не смее да дозволи таа да биде извалкана“, Министерството за култура во петокот на својата официјална страница на „Фејсбук“ соопшти дека се одложува концертот „Руски романси“ закажан во Националната опера и балет. Во несмасниот, да не речам, недоветен статус беа нафрлени неколку ѓоа-аргументи, дека „последните вести од Украина го загрижуваат целото човештво“ и дека „за никого ова не е време за романси“. Само не разбравме зошто се одложува концертот, дали затоа што на програмата требало да бидат изведени „романси“ или зашто тие биле „руски“?

И се случи оксиморон – чувајќи ја чистотата на уметноста, врховниот ресор за културата толку ја извалка што ќе треба многу добар аргумент за да си го измие образот. Според кој протокол Министерството за култура преку статус на „Фејсбук“ произнесува ставови во однос на случувањата со Русија и Украина?! Дали за забрана на руската култура се разговарало на повисоко ниво и дали нашата земја има официјален став за тоа, особено што по ескалацијата на рускиот напад на Украина многу земји откажаа настапи на руски уметници.

Министерството за култира не испрати вообичаено официјално известување на меморандум до медиумите и јавноста, туку одлучи своите ставови по ова прашање да ги искаже преку пет реченици на „Фејсбук“. А во нив, што сакал „писателот“ да каже? – „Убавите романси нека останат за подобри времиња, времиња во кои повторно ќе владее мирот, нема да има жртви и никој нема да се чувствува загрозен или под закана.“ По оваа логика, не е време ни за комедија. Не чув дека некоја комедија деновиве е повлечена од репертоар, поточно одложена, до некои „времиња во кои повторно ќе владее мирот“!? Се прашувам, што ако во петокот на програмата беа француски шансони?

Сакам да верувам дека ова е само несреќен гаф на Министерството за култура. Искрено, не разбирам како ќе го пишманиме Путин ако ги забраниме Чајковски, Рахмањинов, Шостакович, Тарковски, Кандински… А, пак Казимир Малевич, роден во Киев, починат во Санкт Петербург! Што би било следно, укинување на насоката Руски јазик и книжевност на катедрата за Славистика, хемијата како наука поради Периодниот систем на Менделеев? Укинување на лектирите од руските писатели, палење на делата на Достоевски, Толстој, Гогољ на плоштадите?! Сите знаеме како тоа заврши…

Министерството за култура не забрани ничија култура кога во Ирак се уриваа музеи, се уништуваа сумерските скулптури, кога ја гранатираа Палмира… А да му беше на Путин до културата, немаше да гранатира објекти под заштита на УНЕСКО како светско културно наследство.

Неблагодарно е во време на војна, трагедии, на бегалски кризи и траорни човечки судбини да дебатираме за овие нешта на ваков начин, со неколку прикрпени паушални реченици. Но, културата не смее да биде жртва на војната. Културата е комплексен процес од кој уметноста е само еден дел. Се создава секој ден, секој миг во колективната меморија на еден народ и се вчитува во колективната меморија на светот. Културата е врвот на цивилизацијата, на достигнувањата, на сè што нè тера да гледаме далеку кон ѕвездите. Во петокот, Министерството за култура со само пет реченици ни го сврте компасот во правец на амебите.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.