Милена Јакимовска има 23 години и родена е во Крива Паланка. Таа е една од студентките на Академијата за дигитален маркетинг наменета за сите заинтересирани жени и девојки од ранливи категории
Ги поминува последните месеци во студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје. Вели дека сè уште го доживува како совршено место каде поминала три години исполнети со многу дружби, пријатели и одлични услови за да се посвети на студиите и да ги надгради своите знаења. Милена Јакимовска има 23 години и родена е во Крива Паланка. Таа е една од студентките на Академијата за дигитален маркетинг наменета за сите заинтересирани жени и девојки од ранливи категории од земјава, што ја организираат Сеавус Едукативен и развоен центар во соработка со IMPACT Foundation, поддржана од програмата RECONOMY.

Милена Јакимовска
Средното образование го завршила во родниот град. Решила да студира економски науки бидејќи сакала да научи повеќе за економијата која како општествена наука која проучува како најефикасно и рационално да ги искористат ресурсите со кои располагаат општествата.
– Математиката ми одеше одлично, добивав највисоки оценки, успешно ги разработував задачите и сметав дека не би имала проблем да се справам со предметите и пресметките кои се предвидени во студиската програма на Економскиот факултет во Скопје. Студирањето економија ми овозможи да имам увид во области како што се оданочувањето, инфлацијата, каматните стапки кои влијаат на секојдневниот живот и многу други основни економски поими. Добив нова перспектива за функционирањето на светот, запознавање на бизнис трендовите и мотивација да ги истражувам можностите за кариерен развој и вмрежување – вели Милена.
Отсекогаш сакав да бидам во тек со дигиталните трендови
Таа неодамна дипломира на Економскиот факултет, насока финансиски менаџмент. Слободното време го користи за читање книги, прошетки на чист воздух, посета на изложби и одење на кино. Вели дека спортот е одлична активност секој погоден момент го користи за трчање на кеј или вежбање во теретана. Особено внимание посветува на времето поминато со најблиските и пријателите. Разменуваат мислења, се грижат едни за други и одржуваат постојана комуникација.
Вели дека отсекогаш сакала да биде во тек со дигиталните трендови – една од причините да се пријави на Академијата за дигитален маркетинг.
– Пополнив апликација во декември и по неколку дена, сосема неочекувано добив повик со кој што ми соопштија дека сум една од избраните за изучување на дигиталниот маркетинг и можам да започнам со следење на часовите. Тоа беше едно пријатно изненадување за мене и со нетрпение чекав да го почнеме нашето дружење, слушање на предавачите и имплементирање на новите знаења во практични задачи – објаснува Јакимовска.

Таа смета дека формалното образование ја дава основата која треба да му е позната на секој потенцијален маркетер. Неформалното образование, пак, помага за развивање и унапредување на практичните вештини.
– Секој што сака да се надгради во оваа сфера треба учествува во некоја ваква академија дополнително, бидејќи ќе му помогне многу за усовршување, искористување на моќта на социјалните медиуми, создавање на интегрирана и унифицирана маркетинг комуникациска стратегија, пуштање кампањи за сопствен бренд или за останати брендови, имејл-маркетинг и стекнување со многу други вештини за освојување на нови предизвици – објаснува Милена.
Според неа, со стекнатите теоретски знаења на факултет имале разни можности за практична настава за време на студиите – во банки, државни институции, осигурителни компании, сметководствени бироа и сл. и работење на реални студии на случај во актуелни компании за изнаоѓање на најдобрите соодветни решенија.
– Изминативе години го користев летниот период што поефикасно, со посетување на практична настава и собирање на позитивни искуства. Од сите сум презадоволна. Волонтирав во Управата за јавни приходи – Регионална дирекција каде што ги надоградивме комуникациските вештини за работа во тим со колегите, ги подобривме односите во работењето со странки и придонесовме кон развојот на тогаш воведениот систем на е-ПДД. Како дипломиран економист и веќе познатата динамика на пазарот, спремна сум, со нови сили и голем ентузијазам да започнам со работа, да ја градам кариерата и да го применам знаењето во различни организации со кои ќе работам – вели Милена.
Ни помагаат одличните предавачи
На Академијата за дигитален маркетинг досега поминале неколку модули и постојано учат преку практични примери. За почеток ја изучиле разликата меѓу дигиталниот и традиционалниот маркетинг, од што е составен маркетинг-миксот, какви канали на комуникација постојат, Inbound & Outbound маркетинг, B2B vs. B2C, сегментација на публиката, креирале профил на идеален потрошувач, водење низ маркетинг фазите со помош на инката за дигитален маркетинг и уште многу други аспекти од оваа професија.

– За сето ова има доста работи кои може да се кажат во однос на нивната уникатност и специфичност кои секој ден ги совладуваме сè повеќе и повеќе. Ни помагаат одличните предавачи кои несебично вложуваат труд да ни го пренесат нивното знаење со голема внимателност и умешност. Област која што ме интригира е графичкиот дизајн кој што претставува еден вид на уметност и познавање на естетски вештини за визуелизирање на крајното решение. Со оваа тематика ќе се запознаеме во некој од понатамошните модули и сакам да навлезам подетаљно во суштината, елементите и алатките кои што се потребни да ги знае еден графички дизајнер – објаснува Милена.
Таа смета дека оваа доквалификација може да биде клуч за отворање на многу врати на различни IT -компании кои што нудат работни места поврзани со маркетинг, креатива, веб-дизајн, графички дизајн и истражување на пазарот.
– Би сакала да се вклучам во некоја од нив и да работам на реални проекти. Освен наведените IT компании, побарувања за маркетери има и во останати сектори кои што имаат сопствено производство и им требаат внатрешни маркетинг тимови. Сите ние сме свесни дека маркетингот е област што постојано се менува и еволуира па така и ние со него се прилагодуваме на модерното работење – вели младата економистка.
Според неа, ниту еден бизнис не може да се замисли без економист кој што своите знаења може да ги примени во индустријата, банкарството, IT компаниите и многу други области. Тој е одговорен за анализа и планирање на економската активност, зголемување на ефикасноста на работа, пропорционално користење на сите видови на ресурси, спречува загуби и преголемо трошење на средствата.

– Интересна професија поврзана со економијата е финансиски аналитичар кој е важен дел во активности поврзани со финансиите, профитот и капиталот. Бизнис аналитичар исто така како професија е интересна бидејќи е поврзано и со деловната и со техничката страна на работите. Размислувајќи за иднината сфатив дека моите лични цели треба да се совпаѓаат со целите на институцијата во која што ќе работам за да придонесам кон раст и развој на истата. По завршувањето на академијата ми се отвораат многу врати на пазарот на трудот и нови можности во IT компании кои не треба да се пропуштат. Само треба да ја изберам најсоодветната за раст и развој на мојата кариера. Како економист сакам да започнам со работа во банкарскиот сектор, во тим составен од стручни, посветени и способни лица и со многу труд и посветеност да станам успешна деловна личност – завршува Милена.





