„Улиште“: За бесмисленоста на војната и патријархалните пранги што тежат како солзите на жените

Филмот што освои три награди на „Санденс“, в понеделник (28 февруари) во 18 часот ќе биде прикажан во Кинотеката.  

„Војната подеднакво им наметнува данок и на мажите и на жените, но само од едни зема крв, а од други – солзи“. Овие зборови на британскиот сатиричар Вилијам Текери не може, а да не ви одѕвонат додека го гледате филмот „Улиште“ – дебитантски игран филм на косовската режисерка Блерта Башоли, во кој заедно со Албанија копродуцираше и Македонија („Скопје филм студио“).

Темата – што после војна, како да се продолжи со животот, посебно со животот во мало, особено патријархално настроено опкружување, посебно ако сте жена. За едни, традицијата на потчинетост е нормална и поставена толку високо што не вреди да се потрудат да ја срушат, но за други – желбата за живот и грижата за своето семејство е поважна од сите стереотипи што таа мала средина може да ги наметне.

Косово, село по 90-тите години, после еден од најголемите масакри познати во овој дел од светот, на местот Голема Груша. На стотици мажи им се губи трага кај местото Голема груша, на Косово ,во 1999 година, кога НАТО започнал со воздушни напади врз Србија. Агонијата расте секој ден дали ќе се пронајдат живи или и малиот оптимизам дека барем семејствата ќе ги добијат телата на своите сакани. Во таков амбиент се расплетува приказната за Фахрије Хоти, жена која го чека својот маж, а живее со своите две деца и нејзиниот свекор.

Животот не застанал за оваа жена, таа одлучила да се бори и цврсто да им се спротивстави на сите што и стојат на патот за да продолжи со живот. Фахрие одлучува да зема часови за возење, затоа што автомобилот ќе и отвори нови можности. Почнува да прави ајвар и да продава во маркет во Приштина. На почетокот сама, но постепено и се придружуваат сите жени коишто се плашеа од реакциите.

Иако нема големо финансиско фајде, таа одлучува да не се откаже од неколкуте улишта што нејзиниот сопруг ги негувал во нивниот двор. Актерката Јилка Гаши е совршен избор за улогата. Секоја емоција, секој гест на нејзиното лице се на соодветно место. Режисерката Башоли го направила вистинскиот избор селектирајќи ја Гаши за својот главен лик.

„Улиште“ освои три награди на престижниот „Санденс“ – најмногу што му се случило на филм на овој фестивал. Тоа му ги отвори вратите и на други фестивали каде освои награди, актерски и режисерски. Силни сцени во кои жените бараат правда… режисерката Башоли ги решила на интересен начин, а Фахрије одбира да продолжи да се бори за подобро утре за своите деца, без разлика што ќе се случи со сопругот.

Под зборовите: „Што и да правиш, се одразува на целата фамилија“ – се крие товарот на целата приказна. Но, интересно е како една по една жените од различна возраст ги оттргнуваат прангите и се борат за своето јас. „Не го правиме ова за тебе, туку го правиме за себе“, и велат на Фахрије, жените што почнаа да ја придружуваат.

Војната е страшна работа, носи само несреќи. Поттикната од актуелната ситуација во Украина, човек да се замисли како може безумието да завладее во 21 век во Европа.

Праксата да влегуваме во копродукции со земјите од регионот, таму каде што ќе се намириса добра приказна, е патот што македонската кинематографија треба да го продолжи. Косовската кинематографија во последнитее години бележи големи успеси. Интересно е што неколку наслови во последните неколку години се токму ориентирани кон прашања што ја третираат жената (Барајќи ја Венера, Вера сонува за море, Улиште…) Не случајно токму „Улиште“ влезе во 15-те најдобри филмови во трката за номинација за Оскар за странски филм.

Сподели