Пишува: Александра Јуруковска

Историјата е предлошка во „Бајазит и Оливера“ (издание на „Каприкорнус“, 2009), а зад исповедничките тон и речиси романтичарскиот шарм на приказните кои слободно можеме да ги наречеме и „мемоари на една султаница“ се крие голема слоевитост добиена преку мошне прецизни и современи раскажувачки постапки.

Страсна приказна за една голема љубов и многу лични и туѓи големи страдања. Вкрстување на историјата и фикцијата, на објективното и субјективното кои заедно даваат едно несекојдневно уживање и „влез“ во животот на неколку големци кои оставиле длабоки траги на ова поднебје.

Неколку историски личности за кои сме чуле или сме учеле од учебниците – царица Милица и Цар Лазар, нивната ќерка Оливера и големиот освојувач султанот Бајазит Први. Тој го поразува кнежевството во Косово и го убива Лазар, а за да се спаси нешто од сјајот што бледее, Оливера бидува негова жена. Бајзит е син на Мурат, неговата слава и моќ е во подем, ја зема младата христијанка се венчаваат во Едрене, а потоа нивниот заеднички живот минува главно во Бурса. Поточно нејзиниот живот минува таму, затворена во големиот дворец, а неговиот се „распространува“ на бојните полиња. За неговите битки и освојувања пишува историјата, но за него, за самиот Бајазит пишува таа – неговата жена, султаница, неговиот плен, жртва, гладната љубовница и убавата моќница.

Во раскажувањата на Оливера за Бајазит се вметнати и неговите лични приказни за победите и побудите за освојување, тоа се неговите приказни раскажани по многубројните враќања дома, изморен од војувањето. Оливера е Дездемона, таа е ќерка на владетел, но бидува плен, таа е дете на Бога, но паѓа во рацете на неверникот, таа е убавица која паѓа во рацете на ѕверот. А тој моќникот за неа е и Бог и маж, тој е нејзиниот Јилдирим, нејзиниот падијашах.

Романот е и извесен коментар на машко-женските односи: мажите на бојното поле ја испишуваат историјата, а оние другите или поточно другата или ТАА останува во сенка. Нејзиното име е речиси секогаш второто име од приказната/ насловот/митот (Ромео и Јулија, Троил и Кресеида, Антонио и Клеопатра). ТАА е вториот дел од приказната кој неретко бидува заборавен или “ненамерно“ испуштен.

Драги Михајловски е одличен раскажувач, кој не првпат преку своето раскажување ù „реплицира“ на историјата, неговото дело „Мојот Скендербеј“ беше добитник на наградата „Стале Попов“ за 2007 година. Историјата е предлошка и во „Бајазит и Оливера“, а зад исповедничките тон и речиси романтичарскиот шарм на приказните кои слободно можеме да ги наречеме и „мемоари на една султаница“ се крие голема слоевитост добиена преку мошне прецизни и современи раскажувачки постапки.

Цитатност, интертекстуалност и дослух не само со историјата, ами и со цел еден корупс дела важни за европската и светската литература и цивилизација: Шекспир, Парацелзиус, митови, житија, легенди, цитати од Библијата и Куранот. Михајловски за наратор одбира женски лик и неа и’ ја дава или признава умешноста на деталното раскажување, нишката со имагинацијата и ù дозвлува на виделина да ја изведе своја крепост, ранливост, но и борбеноста и одмздољубивоста која може да ја има само една заљубена и залудена жена.

Победата и војувањата се јавни, а приказните на една султаница/принцеза се приватни, лични, интимни. Никој не знае за нејзината борба, за големите страдања, за силната омраза и исконскиот порив за одмазада. Историјата не ги запишува маките на понижената, продадената и поразената жена. Никој не води сметка за „крупните женски ситници“, освен можеби едно вакво писание кои овозможува високоуметничко уживање во една поинаква историја.

Текстот е објавен во книгата „Ткаење на текстот“ („Силсонс“) – 2014 година

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.