Почина Драги Михајловски, ценет професор, писател, преведувач на Шекспир на македонски

По долго боледување, на 71-годишна возраст денеска почина проф. д-р Драги Михајловски, еден од најреномираните македонски писатели и преведувачи, кој ќе остане запаметен и по преводите на собраните дела Шекспир. Преведе 37 драми и 154 сонети од Шекспир, за што некои оправдано го нарекуваа „македонски Шекспир“, соопшти Друштвото на писатели на Македонија.

Од 1976 година работи на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, од каде и се пензионира, како редовен професор на Катедрата за англиски јазик и книжевност по предметите Теорија на преведувањето и толкувањето и Практика на преведувањето.

Проф. д-р Драги Михајловски е дoбитник на бројни награди и признанија меѓу кои Рациновото признание, наградите „Стале Попов“ за романот „Смртта на дијакот“ (2002), наградата „Григор Прличев“ за препевот на епот „Загубениот рај“ од Милтон, награда „Григор Прличев“ за препевот на „Сите драми и сонети“ од Шекспир (2013), а и наградата “11 Октомври“ за животно дело од областа на културата и уметноста (2018).

Драги Михајловски беше член на Друштвото на писателите на Македонија, член на ПЕН на Македонија, како и на Асоцијацијата на писателите за мир во Вашингтон, САД.

Михајловски е роден во Битола на 16 октомври 1951 година. Член е на Друштвото на писатели на Македонија од 1992 година, како и на на П.Е.Н. на Македонија и на Писателската асоцијација за мир од Вашингтон, САД.

Автор е на збирките раскази: Речно улиште, 1981; Ѓон, 1990; Скок со стап, 1994; Триполската капија, 1999; Раскази од шести кат, 2003; Пеперуткарот, 2009; збирката новели и раскази Глинениот човек, 2014; Раскази и споредбени коментари 2015; и уникатната комбинација на раскази и драми, Патот за рајот, 2017. Исто така, Михајловски ги има објавено и следните романи: Пророкот од Дискантрија, 2001; Смртта на дијакот, 2002; Мојот Скендербеј, 2006; Бајазит и Оливера, 2009; Должници, 2014; Швајцарија на Балканите, 2015 и Бдеењето на Одисеј, 2018. Има објавено и две книги за деца: Волшебното котле и други бајки, 1995 и Сиромавиот и чучурлигата, 2000, како и две студии од областа на преведувањето: Нераспнати богови, 1991 и Под Вавилон: задачата на преведувачот, 2002. Неговите прозни дела се преведувани на англиски, германски, француски, руски, унгарски, српски, хрватски, словенечки, албански, турски, бугарски и други јазици.

Сподели