Кои се добрите, а кои лошите страни на рангирањата, и зошто се тие неопходни? „Рангирање – како од индивидуални критериуми до објективна оценка“ е темата на која ќе зборува д-р Зоран Шуниќ, професор по математика на Универзитетот Хофстра во Њујорк. Модератор на дискусијата е проф. Никола Стиков, а ќе се одржи задутре во 20 часот во живо, на Фејсбук-страницата на Кантарот.мк.
– Ако нема бурек со месо, дајте ми со сирење, а ако има – тогаш со спанаќ! Иако се чини дека муштеријата од претходната реченица доаѓа од театарот на апсурд, ситуацијата не е несекојдневна, дури е и неизбежна при рангирањата. Рангирања се вршат постојано, рангираме политички кандидати/партии, кандидати за работа, за награда, за упис, рангираме научни журнали, спортски легенди, буреци… Во најширока смисла, рангирањето е обид неколку листи подредени по индивидуални критериуми да се обединат во единствена листа што објективно ја претставува заедничката оценка произлезена од тие критериуми. Навидум едноставен проблем, „дај да се преброиме“, но рангирањето/одбирањето е исклучително сложен феномен, па дури и најдобрите методи имаат свои недостатоци. Од друга страна, постои неизбежна потреба од (некои) рангирања, така што, било тоа сложено или не, постои и потреба да се разбираат и уважуваат барем некои основни принципи при рангирањата – се вели во најавата.