Марио Брезовски, детето што сонува да стане славен триатлонец

Во овој спорт најмногу ми се допаѓа што има три дисциплини во едно и секој тренинг е различен и интересен, вели Марио

Сонот на овој млад, надежен спортист е да освои медал и да се искачи на подиумот на Олимпијада. Упорен е, истраен, не пропупшта тренинг. А неговите родители се решени да го поддржат во желбата да се занимава со спорт. Марио Брезовски има 11 години. Роден е во Скопје. Овој шестоодделенец тренира триатлон од пет години. Вели дека му се допаѓа овој спорт зашто обединува пливање, трчање и велосипедизам.

Марио е дел од серијалот „Идолите на Халки“ со 12 деца и млади. Преку нивните таленти, ценејќи ги важноста на квалитетно образование, креативноста и посветеноста како трајни вредности, Халкбанк АД Скопје го започнува проектот преку кој овие деца треба да бидат вистински идоли на нивните врсници, но и на возрасните.

Марио Брезовски

– Во овој спорт најмногу ми се допаѓа што има три дисциплини во едно и секој тренинг е различен и интересен. Најдобро се чувствувам додека пливам и најдобар сум во оваа дисциплина – вели Марио.

Тој веќе пет години се занимава со триатлон. Неговите родители забележале дека има спортска моторика уште кога бил многу мал.
– За сите спортови го биваше. Што и да фатеше правеше успешно. Прво почна со пливање, така сфативме дека може да биде спортист. Најбитна е желбата за спорт, да го исполнува. Истраен е во ова што го прави, не пропушта тренинг – вели татко му, Дарко Брезовски.

Марио сака да оди во школо и не е добар само во спортот, туку и во цртање. Во слободно време со другарите надвор играат фудбал и кошарка или се шетаат. Како многу негови врсници игра „Фортнајт“, но не е голем љубител на видеоигри.

Постигнал успеси на натпревари во Македонија, но и во Србија, Бугарија, Романија, Хрватска… Марио е член на триатлонскиот клуб „Триоги Рејсинг“, каде токму периодов имаат повик за нови членови.
– Омилена победа ми е во Хрватска. Првпат се натпреварував во кадетска дистанца и освоив второ место – вели Марио.

На прашањето како спортот влијае на неговото секојдневие, Брезовски вели дека многу е битно за секое дете да се занимава со спорт.
– Се социјализира, создава пријатетелства, другарува, здраво живее, организиран му е денот. Многу поубаво му поминува детството – дециден е тој.

Родителите се решени да го поддржат Марио да продолжи и професионално да се занимава со триатлон. Покрај организираните тренинзи во „Триоги Рејсинг“, имаат поддршка и од Триатлонската федерација. На прашањето кој е неговиот најголем сон, Марио вели:
– Сакам да отидам на Олимпијада и да се качам на подиумот.
Важни се луѓето и нивните приказни.

Насловна фотографија: Игор Пирковски

Сподели