Професор на Политехничкиот универзитет на Монтреал, Канада, пишувач, блогер, твитерџија, истражувач, иноватор, а последна фиксација му е Центарот за напредни интердисциплинарни истражувања на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје
Од средношколските денови во скопската гимназија „Корчагин“ и соништа да стане прочуен физичар, преку студирање на „Стенфорд“ во Калифорнија, до плодна научна кариера на полето на магнетната резонанца и професор на Институтот за биомедицинско инженерство при Политехничкиот универзитет на Монтреал, Канада. Проф. д-р Никола Стиков е сè освен универзитетски професор во класичното поимање на оваа професија. Пишувач, блогер, твитерџија, истражувач, иноватор, а последна фиксација му е Центарот за напредни интердисциплинарни истражувања на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје – плод на неколкумина истомисленици кои почетокот на пандемијата во 2020 година случајно ги поврза.
Целта е секој научник од Македонија што работи во странство да може да се поврзе со УКИМ и заеднички да развиваат идеи и проекти. Стиков со семејството деновиве ги поминува во Македонија, на редовниот шестмесечен „распуст“ (сабатикал) кој на три години го добива секој професор на Универзитетот во Монтреал. Периодот ќе го искористи за зацврснување на Центарот каде во моментот е еден од четворицата членови на бордот. Со Стиков разговараме за почетоците, за текот на неговата кариера како научник, за можностите за развој на науката во Македонија.
Како почна Вашата фасцинација од физиката како наука?
– Сè е тоа поврзано со некои средношколски фантазии, желби. Отсекогаш сум бил наклонет кон научна фантастика. Основно завршив во „Браќа Рибар“, средно во „Корчагин“… Ние бевме првата генерација што не отиде на екскурзија низ Југославија, бев прва година средно кога умре Милан Младеновиќ. Трета година средно ја поминав во Америка, преку „Нова“ која во тоа време беше Училиште за странски јазици. Се вратив назад во „Корчагин“, веќе со диплома за завршено средно. Морав да се вратам за да можам да аплицирам на факултети во САД, бидејќи на силните факултети крајните рокови беа многу рано, па немав време да го направам тоа од Америка. Така се вратив во „Корчагин“, завршив четврта година и уште еднаш матурирав, па имам две дипломи од средно, и од Америка и од Македонија.
Зошто изборот за студирање падна токму на „Стенфорд“?
– Средношколските години беа исполнети со читање, научна фантастика, филмови… Многу ми влијаеше „Контакт“ на Карл Саган, и сè уште ми е една од омилените книги. Главниот лик докторира на Универзитетот „Калтек“. Аплицирав и таму, но за жал ме ставија на листа за чекање, а „Стенфорд“ ме прими и ми даде полна стипендија. Кога дојдов на „Стенфорд“ во 1997 година, си реков: „Да, физичар, нормално“. Но, во првите година-две сфатив дека физика малку ги ограничува работите што потоа можеш да ги правиш. Барем во тоа време се подразбираше дека ако работиш физика, ќе продолжиш со академска кариера.

Универзитет „Стенфорд“ / Фото: Pixabay
А на „Стенфорд“ ти даваат слобода. Инсистираат на она што се вика либерално образование. Првата година земав часови по физика, математика, филозофија и пишување, а до крајот на втора година треба да избереш што сакаш да студираш. Не се определуваш веднаш, прво земаш предмети, па потоа одлучуваш. Решив да продолжам на инженерстсво, затоа што има врска со физика, но ми отвора повеќе врати. Во основа, моите постдипломски студии се некаков компромис. Кога би требало да се опишам, јас сум електроинженер, но ме водат како медицински физичар, зашто ја разбирам физиката на магнетната резонанца (МР). Но, знам да ги манипулирам и секвенците за МР што значи дека сум и инженер. Значи оваа моја струка што сега ја работам е баш некаков спој помеѓу средношколските фантазии да се биде прочуен физичар и потребата да се направи нешто практично и корисно за светот.
За време на студиите слушавте предавања од луѓе што многумина ги сметаат за легенди… И за нив пишувате на блогот „Кантарот“.
– Сите тие инспирации се од тој период. Предавањето на Стивен Хокинг стварно ми остави силен впечаток, како и неколку други гостувања од тие години на „Стенфорд“. Отприлика тоа време и Гари Каспаров беше гостин и зборуваше за тоа како изгубил од „Дип Блу“ и беше многу лут. Сметаше дека односот бил нефер, дека интервенирале со компјутерот и длабоко веруваше дека човек е подобар шахист од компјутер. Сега, 20 години подоцна знаеме дека не е баш така… Леонард Коен гостуваше со Филип Глас, кој пак имаше некое музичко дело инспирирано од Коен. И баш тогаш на тоа гостување Коен најави дека се враќа на сцена оти долго време беше отсутен. „Кронос квартет“ настапуваа на „Стенфорд“. Се погоди сопругата на мој професор да е во бордот на „Кронос квартет“, па нè поканија кај него дома, па пиевме вино со членовите. Сè се тоа убави работи кои влијаеле некако. Ти отвора пошироки видици и денес си викаш, па не биле залудни тие години, отвориле многу хоризонти.
Како продолжи приказната од „Стенфорд“ до Политехничкиот универзитет на Монтреал?
– На „Стенфорд“ останав речиси 12 години. Таму почнав додипломоски, магистериум па докторат. Имав неколку патувања, повторно во рамките на „Стенфорд“, живеев малку во Берлин, малку во Јапонија и сите истражувања ми беа на истиот факултет, од додипломските до докторирањето бев со истите професори. Во 2008/9 година, кога дојде време да размислувам што понатаму, сакав да продололжам со магнетна резонанца, ама сакав да ја видам и Канада. Имаше таму некоја конференција, а таму се наоѓа и еден од врвните институти за невронаука – Невролошкиот институт на Монтреал.

Монтреал / Фото: Pixabay
На тоа патување се поврзав со професор што го знаев подолго, кој работи на слични полиња на интерес. Исконтактиравме и ми понуди да дојдам на постдокторски во Монтреал. Беше одлична можност, по толку години во Калифорнија. Згора на тоа сопругата Драгана зборува француски што беше уште еден плус да бидеме во франкофонска средина. Монтреал е прекрасен град, симпатичен, пријатен за живот. Дојдовме тука во 2010, до 2014 година бев на постдокторски на Невролошкиот институт и потоа се отворија неколку професорски позиции во градот. За среќа една од нив ми ја дадоа мене, на Универзитетот на Монтреал. Од 2015 сум професор на франкофонскиот Универзитет на Монтреал.
Фокусот на Вашиот научен интерес е магнетна резонанца. Како оваа технологија почнала да се применува кај луѓето?
– Магнетната резонанца има многу длабоки корени и таа технологија веќе е добитник на многу нобелови награди по физика, хемија и во најскоро време – во медицина. Така еволуира науката, почнува со некоја чудна идеја, па полека повеќе луѓе ја прифаќаат. Во 40-тите години неколку научници на „Стенфорд“ и на „Беркли“ ја развиваат таа основна физика на магнетна резонанца, меѓу нив Феликс Блок и Едвард Прсел. Некаде во 70-тите преминува во втор бран, кога почнува снимање со магнетна резонанца, кога оваа технологија влегува во клиника. Нобеловата награда во 2003 е за примената на МР во медицинското снимање. Тешко е да се предвидат тие трендови. Луѓето во 40-тите гарант не сметале дека вака ќе еволуира, но одеднаш МР е во клиника! Не е сè уште доминантна. Во клиничката пракса и натаму повеќе се користи рентген или компјутерска томографија, но убавото во МР е што не е штетна за телото, нема доказ дека предизвикува какви било штетни ефекти. Јас сум скениран стотици пати. Тоа ни овозможува да скенираме здрави мозоци. Па одеднаш од клиничка пракса, невронаучниците велат – па зошто да не ја применуваме кај здрави луѓе?
На што се насочени Вашите истражувања? Што поточно работите?
– Голем дел од моето истражување, барем од 2010 до 2020 година беше како да измериме нешто што е многу важно за човекиот мозок – колку миелин имаме во него? Миелин е супстанција што ги обвива аксоните и овозможува брзо да се пренесуваат информациите во мозокот, нешто како изолатор на кабел. Ако го изгубиш миелинот се намалува брзината на пренос на информации и тоа предизвикува многу проблеми – невродегенеративни болести како мултиплекс склероза и многу други. Во овие десет години се обидувам да дадам алатка на невронаучниците за да се измери миелинот. Па како одат овие работи горе-долу, јас од невронаучник пред десетина години, пак се враќам во инженерски води каде велам: „Сè е ова супер за невронаучници, ама јас сакам мојава техника (технологија) за мерење на миелин пак да влезе во болница“.

Снимка со МР / Фото: Pixabay
И тоа во последно време работиме за да овозможиме мерењата што ги правиме на еден скенер да се исти со мерењата направени на друг скенер. Џабе јас мерам миелин тука, ако го пренесам на друго место ќе даде други бројки. Во моменотот за мене тоа е иднината – да се создаде нешто како App Store МР. Како што апликацијата „Вибер“ работи исто и на андроид и на ајфон, тоа да го направам за МР. Веќе да не е важно дали работите на скенер произведен од „Џенерал електрик“, „Сименс“ или „Филипс“, зашто гарантирам дека мојата секвенца ќе работи исто. Ако тоа го постигнам, не само што ќе постигнам стандардизирано мерење на миелин, што многу би сакал да се случи, туку ќе им дадам на болниците алатка да кажат: „Не е доволна сликата, можеме да правиме и мерење“. Оти во моментот радиолозите гледаат само слика со МР, па се водат по големината (на нешто), сенки и сл. Ако можеме да измериме, да дадеме бројка – имам толку миелин, волуменот на туморот е толкав, веќе одиме во нова насока. Мислам дека тоа е некој трет бран во МР – да се квантифицираат мерењата и да ги стандардизираме клинички низ светот.
Што Ве мотивира да работите како научник?
– Мислам дека научникот сака да го смени светот. Да измисли нешто, а за тоа мора да се биде оригинален. Да ти текне научна идеја која на друг не му текнало, инспирирано од други, нормално. Има тука еден себичен момент. Но, за таа идеја да успее, не е доволно да ти текне, треба таа да биде и прифатена. И ако со тоа му се помогне на светот, одлично. Првиот импулс е желбата да се направи нешто оригинално. Затоа си научник. Инаку би бил многу подобро платен инженер, програмер, што и да е. Вториот импулс е кога ти текнало веќе да им помогнеш на луѓето, тогаш треба да ги убедиш, а тоа е најтешкиот дел.

Од предавање на Политехничкиот универзитет на Монтреал
Сите иновации се околу 20 отсто технолошки, а 80 отсто социјални. Интересно е дека со магнетната резонанца пред дваесетина години имало дилеми, дали е штетна, дали предизвикува нешто лошо. Дури во еден момент ЕУ донесува регулатива која, несакајќи ја забранува магнетната резонанца. За потоа да се свестиме дека овие бранови се радиобранови. Работиме на радиофреквенции кои и претходно сме ги имале во воздухот и знаеме дека не предизвикуваат ништо лошо. Битката со 5Г е многу слична со тие дилеми околу магнетна резонанца пред 20 години.
Како почна идејата за блогот „Кантарот“ во 2013 година?
– Јас сум од оние што постојано следат работи, а не сакам да бидам во јавност, да коментирам јавно, да изложувам голем дел од мојот живот јавно. А имам потреба да пишувам, цел живот пишувам, но најчесто пишував мејлови, долги мејлови. Така ми почна комуникацијата во 90-тите и некако си најдов вентил, знаев како да пишувам. Околу 2010 луѓето престанаа да користат мејлови. И влегов во некој вакуум, сакам да пишувам, но кому да пишувам? Да им праќам во инбокс и да им кажувам да проверат мејл!? И решив да пишувам на македонски, под псевдоним за да не се изложам себеси во јавност. Така почна „Кантарот – Поп-култура и ментална фискултура“. Гледам многу филмови, слушам многу музика, сакам да пишувам за тоа, ама знам дека во Македонија има ограничена публика. Неколку блогери сме, си пишуваме едни со други, се следиме. Од друга страна научник сум и чувствувам обврска да придонесам кон тој јавен дискурс.

Во тој период, околу 2013 многу патував, држев предавања насекаде низ светот, се обидував да добијам академска работа. Многу интервјуа, покани, период во кој бев многу активен. Во некоја хотелска соба, во Калгари или Бостон, не знам, видов дека „Вест“ има написи за родители кои имаат деца со аутизам. Написите беа супер, за првпат дознаваме како е да се живее со дете со аутизам. Од друга страна, во секој од написите имаше нешто што ја спомнува вакцината за ММР, па решив да напишам нешто на македонски за да објаснам дека вакцините не се одговорни за аутизмот. Текстот беше многу читан и споделуван, веројатно највиралниот текст што сум го напишал, а реакциите беа претежно позитивни. Дури и оние, антиваксерски настроени, пишуваа аргументи на кои требаше да се одговори. Блогот разви една културна дискусија, што мене ми одговараше, бидејќи суштинатата на „Кантарот“ е дека секогаш има две страни. Оттаму почна таа малку поголема научна ангажираност. Ќе напишев пет осврти за филм, па нешто за наука. Тоа ми беше некој баланс, сè до 2017/18 кога почнав и други работи да пишувам.
Следуваа неколку научни блогови, па „С(ц)иеста“…
– Веќе немав толку време да пишувам на „Кантарот“, зашто професорската работа подразбира многу друг тип на ангажмани и веќе не си толку научник, колку што си менаџер. Во тој период на „Кантарот“ малку падна бројот на постови. Но, од друга страна зашто бев малку поактивен на „Твитер“, во еден момент излегов со име и презиме и тоа ми даде малку повеќе самодоверба да бидам јавно присутен во други медиуми. После „Кантарот“ почнав неколку блогови – блог за магнетна резонанца на журналот во Здружението за магнетна резонанца, блогот на Организацијата за мапирање на човековиот мозок (OHPM), подкаст со канадската „Платформа за отворена невронаука“.

И одеднаш, од „Кантарот“ каде пишував за мала публика, се најдов како координатор на научници кои комуницираат со јавноста. Јас не сум професионален новинар, но преку блоговите многу луѓе се поврзаа со мене, дознаа дека постои вакво нешто. Еден од тие контакти беше Кирил Гаштеовски, наш истражувач во Германија што работи во Лабораторијата NEC. Спомна дека долго време собирал имиња на наши научници, родум од Македонија во странство и предложи да направиме мејлинг листа.
Во тој период, почеток на 2020 година бев на „сабатикал“ во Македонија. Веќе во март се затвори сè. Го прекинав платеното отсуство и се вратив на работа, но виртуелно, на дистанца, а со семејството останавме во Македонија. Со Кирил решивме, покрај сè лошо што се случи со пандемијата, барем да направиме нешто позитивно заради пандемијата. Ги имаме луѓето, ајде да ги каниме да правиме муабет со нив. Секоја среда во 5 попладне, кој сака да дојде на пиво (ончајн). Што би било интересно да зборуваме? Секоја недела нов гостин со различна експертиза. Бидејќи не сакавме да одиме во јавност во живо, секогаш се ограничувавме на 20 учесници, а потоа Наташа Атанасова ќе напишеше репортажа за пошироката јавност. Тука, на овие средби, сосема случајно почна иницијативата за Центарот за напредни интердисциплинарни истражувања при УКИМ.
(ПРОДОЛЖУВА: Сакам и знам дека можам да работам научни истражувања во Македонија)





