Неопходна е структурна промена на средното образование за талентираните ученици да можат да напредуваат, вели Трајков
Тој е еден од нашите талентирани ученици што останаа да студираат во Македонија. Не ја исклучува можноста постдипломските студии да ги продолжи во странство, но во моментот е посветен на дипломските студии на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Михаил Трајков лани ја претставуваше нашата земја на 55. Меѓународна олимпијада „Менделеев“ и на 53. Меѓународна олимпијада по хемија (IchO2021). Ова се само дел од натпреварите на кои учествувал и постигнал одлични резултатити.
Михаил заврши во приватното средно училиште „Јахја Кемал“ во Скопје. Во моментот е прва година на студии по применета хемија на Институтот за хемија. Со него разговараме за предизвиците на талентираните ученици во Македонија, за љубовта кон науката, за идните планови.

Михаил Трајков
Учениците што покажуваат афинитет кон одреден предмет преку општинските, регионалните и државните натпревари влегуваат во системот каде си ги одмеруваат силите и ги покажуваат своите знаења. Научните друштва што ги организираат натпреварите, во случајов Сојузот на хемичари и технолози на Македонија, ги селектираат најдобрите. Потоа тим од универзитетски професори ги подготвуваат за меѓународните натпревари каде конкуренцијата е навистина силна. Според Михаил, овие подготовки се многу битни – од една страна го олеснуваат учењето на предметот во средно, а им помагаат на улениците и во првите години на студиите по хемија.
– Особено е битна онаа виша математика која во средно се учи многу оскудно – вели Трајков.
Иако заврши во приватно училиште каде програмата е различна од таа во државните училишта (предметите се изучуваат на англиски јазик), Михаил смета дека сепак се одржуваат покласични гимназиски предавања и нема многу простор за промена на таа основна структура пропишана од Министерството за образование и наука.

– Можеби се дава повеќе простор во слободата за подготовки. Дел од професорите се во секој момент достапни и сакаат да помогнат, имавме лабораториски услови, сме работеле експерименти во училиштето. Веројатно во државните училишта има повеќе бирократија и администрација и немаат многу простор за да им помогнат на учениците надвор од стандардните часови – вели Трајков.
Сепак, смета тој, неопходна е структурна промена на средното образование за талентираните ученици да можат да напредуваат. Бидејќи, кога ќе ги поминат подготовките на Институтот за хемија првата година, тие веќе го имаат поминато сиот материјал од прва до четврта година во средното оразование.
– Така таа програма за средношколците до некаде е губење време. Добар е примерот во западниот систем – достигнување на ниво на изучување на одреден предмет. Стандардно ниво за некој што нема долгорочни интереси по некој предмет и напредно ниво за ученикот кој има подлабоки интереси. Така учениците ќе избегнат дополнителни оптоварувања после часови, за време на викенди. Тоа да биде вградено во самиот систем. Ако ученикот сака хемија да се насочи во напредно ниво, а од други предмети каде нема интерес да биде сосема ослободен – објаснува Михаил.
Вели дека хемијата отсекогаш го интересирала, природните науки воопшто. Решил да ги продолжи студиите во Македонија зашто кадарот и професорите на Институтот за хемија се подготвени да ги предадат сите свои знаења што ги имаат и програмата е солидна за завршување на дипломски студии.

– Понатаму секако останува можноста постдипломските студии да ги продолжам на некој од европските универзитети и на нив се признаени успесите и дипломите од тука, така што, тоа е секогаш опција за понатаму. Би сакал да видам какви се условите надвор од Македонија. Иако кај нас е доволна теоретската подготовка, сепак лабораториите и инструментите се доста застарени. Има некои подновувања и напредок, сепак е релативно застарено, реагенси што не се достапни и слично – вели Трајков.
Засега од хемијата како поддисциплина го интересира онаа синтетичка органска хемија за подготовка на нови молекули и аналогија на некои молекули.
– Некако најинтересна ми е со сите тие експериментални процедури, синтези итн. Дали понатаму ќе остане овој интерес, во некоја од фармацевтските компанин во индустриската сфера или пак во областа на академското истражување, сè уште не сум одлучлил. Ама и двете ми се интересни – завршува Михаил.





