Уметницата Елпида Xаџи-Василева покрена фонд за спасување на 450-години стариот „близнак“ во Брајтон

Потребни ѝ се 5.000 британски фунти за да го спаси од заборав еден од „Близнаците“ (Twins) во Престон парк во Брајтон

Уметницата Елпида Xаџи-Василева покрена фонд за донација која ќе помогне да се сочува еден од најстарите англиски брестови во светот. Потребни ѝ се 5.000 британски фунти за да го спаси од заборав еден од „Близнаците“ (Twins) во Престон парк во Брајтон. Хаџи-Василева, родум од Кавадарци скоро две децении гради меѓународна кариера во Англија, а пред неколку месеци беше актуелна во татковината. Нејзиното дело Silentio Pathologia со кое ја претставуваше Македонија на престижното Венециско биенале за ликовна уметност во 2013 година, беше изложено во Мултимедијалниот центар „Мала станица“ во Скопје. Таа и тогаш најави дека работи на долорочен, комплексен проект за заштита на дрвото, вид кој се соочува со истребување.

Елпида Хаџи-Василева / Фото: Корнелија Конеска

– Во мојата работа како уметник меногу ме интересира медицината, науката, истражувачите. Соработувам со медицински инстутути. Вирусот многу ме интересира, како напаѓа, што се случува. Брестовите се нападнати од вирус и во цела Европа не можат да ги одржат, да ги сочуваат дрвјата. Ги напаѓа и ги уништува комплетно. Дрвото на кое работам е старо 450 години. Такви цртежи има на него, направени се од „бубачката“ што го јаде. Се обидуваме да го заштитиме, да конзервираме нешто што е толку години старо и многу важно за историјата на земјата и на природата. Вирусот не го напаѓа само човекот, туку и растителниот свет. Околу овие нешта се вртам постојано, тоа се нештата што ме интересираат во моите долготрајни истражувања – вели Хаџи-Василева.

Во повикот за заштита на „близнакот“ стар 450 години се вели:

Ве молам помогнете ни да го сочуваме и да го славиме ова прекрасно дрво, да го трансформираме и повторно да го вратиме на старото место за граѓаните да уживаат во неговата убавина уште многу години.

Поради болеста дрвото морало да биде преместено во „Тајната градина“ во Кемптаун (дел од Брајтон) каде се работи на него. Кога ќе биде завршено ќе биде изложено во „Тајната градина“ и повторно вратено во Престон парк. Многу од старите брестови во Англија веќе се истребени. Брајтон и Хоув се места со најголем диверзитет на брест и играат клучна улога во сочувувањето на овој вид во Европа. Проектот го поддржуваат градските совети на Брајтон и Хоув, повеќе фондации, индивидуалци и бизнисмени. Целта на проектот е да ја зголеми свесноста за болеста што ги напаѓа брестовите и вегетацијата.

– Ќе ја информираме јавноста за историјата и последиците од ова опасно заболување и улогата што можеме да ја одиграме во спречувањето на ширењето на болеста и заштитатата на видовите. Дрвјата можеби ги загубивме, но мора да продолжат да живеаат во нашето сеќавање, знаење и искуство. Овој проект е последна можност да го задржиме и славиме минатотот што исчезнува – се вели во повикот.

Хаџи-Василева долго време живее и работи во Англија. Дипломирала на Уметничката школа во Глазгов, а магистрирала на Кралскиот колеџ во Лондон.

Сподели