„Вера сонува за морето“ ја освои главната награда на фестивалот во Токио и ми е особено драго што беше избран, особено што режисер е жена (од Косово) и што Македонија е ко-продуцент, а има и актери од Македонија кои настапуваат, вели Цветковиќ, која беше член на жирито на светскиот фестивал
Јапонија има висок животен стандард и солидна животна средина, но заостанува во бројот на жени во политиката и раководните позиции. Во македонскиот парламент имаме околу 39 отсто жени, а во јапонскиот околу 14,5 отсто. Токму поради овие фактори, јас како жена се чувствувам должна да го искористам својот глас и ја користам секоја можност да зборувам за тоа какви политики и практики треба да се усвојат и реализираат за да се овозможи жената да биде порамноправна во јапонското и во македонското општество, а и воопшто во светот, вели Андријана Цветковиќ, голема поборничка за женските права, но и за промовирање на македонската култура и традиција во Јапонија. Поранешната амбасадорка на Македонија во оваа земја е заслужна за многу соработки меѓу двете земји. Кон крајот на минатата година таа беше член на жирито на Интернационалниот филмски фестивал во Токио.

Бевте дел од меѓународното жири на познатиот фестивал. Убаво ли е чувствтото да се биде меѓу професионалци од областа на филмот – Вашата голема љубов?
– Иако мојата кариера се протега во повеќе области од науката, академијата, бизнисот и дипломатијата сепак, филмот е и останува мојата најголема љубов. Навистина беше прекрасно чувството да се биде дел од жирито на овој фестивал кој е еден од најпрестижните во Азија, но и во светски рамки и со која јас сум интимно поврзана. Во Токио дојдов пред 17 години и филмот ме донесе тука, при што поминав низ долг пат—докторирав на Универзитетот Нихон во областа на филмот, режирав и бев сценарист на филмови кои освоија врвни награди и признанија во Јапонија и Азија, соработував со неколку познати јапонски режисери, бев режисер и продуцент на ТЕД Говорите во Кјото (2012/2013), и бев професор на престижниот Кјото Универзитет.
За време на мојот амбасадорски мандат како прв амбасадор на Македонија во Јапонија (2014-2018), но и пред и после тоа, посветив голем дел од мојата енергија да го промовирам македонскиот филм и сè уште продолжувам да го правам тоа во секоја можна прилика. Минатата година напишав рецензија на филмот „Медена земја“ на јапонскиот дистрибутер на филмот тука, а оваа година ќе бидам модератор на сесијата со режисерот Милчо Манчевски, чиј филм „Врба“ ќе биде прикажан на фестивалот Хисторика во Кјото, кој е во организација на Тоеи и Шочику студијата во Кјото.

Како се случи да бидете дел од жирито на Токио?
– Јас сум една од ретките жени режисери од Европа и член сум на Здружението на филмски режисери на Јапонија, во која членството се заслужува и е знак на определен статус во филмскиот свет. Секако дека има повеќе причини што организаторите ме поканија да бидам во жирито и ми ја укажаа честа да дадам свој придонес. Една од тие причини е што минатата година на мој предлог и големи залагања, успеав да ги поврзам „Амазон Студиото“ и Фестивалот и да издејствувам „Амазон“ да стане официјален спонзор на фестивалот, при што беше договорено да се додели посебна награда за најдобар млад режисер, кое освен парична награда нуди можност избраниот краткометражен филм да биде продуциран во долгометражен филм од „Амазон Прајм“.
Кога почна пандемијата видов колку им е тешко на уметниците да креираат во овие тешки времиња и сакав да сторам нешто со што ќе помогнам, барем малку и барем на неколкумина. Верувам во правењето добро без да се очекува нешто за возврат и навистина ми е драго што успеав во тоа. „Амазон“ не само што им ги отвори вратите на победниците на краткометражниот филм, туку за прв пат во Јапонија почнаа да гледаат потенцијал во уметничкиот филм, не само во комерцијалните дела.

Филмот „Вера сонува за морето“ освои една од наградите. Како Ви се допадна оваа инспиративна приказна од Балканот – каде во последните неколку години буквално се случува големо пробивање на женското писмо или сè повеќе режисерки се истакнуваат со фестивали и награди?
– „Вера сонува за морето“, всушност, ја освои главната награда на фестивалот, Гран При и ми е особено драго што беше избран, особено што режисер е жена (од Косово) и што и Македонија се јавува како ко-продуцент, а има и актери од Македонија кои настапуваат. Приказната е многу интересна, ја носи женската приказна од нашиот регион и плени со својата нежност и непосредност. Ова не е прв пат филмови со женска приказна да бидат препознаени во Јапонија, а особено од нашиот регион. Во изминативе години беа прикажани неколку филмови на Теона Митевска, но и филмот „Медена земја“, како и филмовите на Милчо Манчевски особено пленат поради длабочината и автентичността со која се пристапува кон ова прашање.
Resonance: The Future and Past of Art, Science, and Diplomacy Intersections беше темата на која дискутиравте со професори, доктори на наука од врвни универзитети. Кои се најважните заклучоци до кои стигнавте?
– Иднината на дипломатијата, науката и уметноста беше симпозиум инициран од моја страна и подготвуван цела година, како дел од мојата иницијатива Амбасадори на промените (Ambassadors of Change), а поддржан од Институтот за наука и технологија во Окинава и Универзитеот „Харвард“. На овој симпозиум учествуваа проф. Роберт Лангер еден од врвните научници во светот, и професор на МИТ Универзитетот во САД, ко-основач на Модерна, д-р Питер Грус,научник, поранешен претседател на Макс Планк Институтот, претседател на Институтот за наука и технологија во Окинава, Јапонија и Диемут Стребе, глобална мултимедијалена уметница од Германија, која има соработувано со речиси сите врвни научници од светот во креирањето на нејзините дела.
На истиот освен како ко-организатор, и иницијатор учествував и јас, бидејќи во мојата академска кариера и професионална работа работев посветено на градењето на културната дипломатија. Главни теми на дискусија беа фокусирани на потребата од редефинирањето на глобалната дипломатија, создавање на платформи за реализирање и премостување на препреките за реализација на Агендата 2030 поставена од страна на Обединетите Нации, а поврзана со одржлив развој, можностите на поврзување на науката, дипломатијата и уметноста и нивно ефективно користење како алатка во надминување на глобалните предизвици и слично.

Заклучоците беа формулирани околу потребата да се создаде платформа и политики, кои ќе овозможат луѓе од дипломатијата, науката и уметноста почесто да се среќаваат, да разменуваат искуства, да работат заеднички на проекти и стратегија која би помогнала овие три дисциплини да имаат взаемна синергија и суштествена соработка која би помогнала за добробит на човештвото.
Вие сте гласноговорничка за женските права, за вистинската инклузија особено преку спортот и културата. На кое ниво е Јапонија по ова прашање, а каде сме ние?
– Тешко е да се споредат Јапонија и Македонија во овој однос, но според рангирањето The Global Gender Gap Index 2020 rankings од 189 земји Македонија е на 70-то место, а Јапонија на 121-то. Кога ќе се спореди овој ранкинг со оној на Обединетите Нации во кој се гледа Human Development, тогаш ние сме на 82-ро место, а Јапонија на 19-то. Јапонија иако има висок животен стандард и солидна животна средина, заостанува во бројот на жени во политиката и раководните позиции. На пример, во македонскиот парламент имаме околу 39 отсто жени, а во јапонскиот околу 14,5 отсто. Токму поради овие фактори, јас како жена се чувствувам должна да го искористам својот глас и ја користам секоја можност да зборувам за тоа какви политики и практики би биле потребни да се усвојат и реализираат за да се овозможи жената, во јапонското и македонското општество, а и воопшто во светот, да биде порамноправна во општеството. Имаме многу работа пред нас на ова поле и далеку сме од еднаквост, но впрочем женското право го гледам како човечко право и колку повеќе градиме општество во кое жените ќе имаат можност да напредуваат, толку подобро за сите.

Какво искуство беа Летните олимписки игри во Токио?
– Олимписките игри се одржаа во многу тешки времиња за светот, но и за Јапонија, бидејќи бројот на ковид-заразените беше највисок во текот на летото. Сепак Јапонија и Јапонците се покажаа како одлични домаќини, како и секогаш, и ги стоплија срцата на многу луѓе, пред сè спортисти кои дојдоа од целиот свет да се натпреваруваат во Токио. Сите за момент заборавија на пандемијата и иако не можеме да ги следиме игрите на стадионите и спорстските сали, од дома следевме и се радувавме на секој спортски подвиг. Јас особено се гордеам на целата наша делегација, и им благодарам што нè направија сите горди, посебно Дејан Георгиевски, кој го понесе сребрениот медал во теквондо.
На што сте фокусирана професионално периодов?
– Во моментов сум професионално ангажирана како корпоративен директор за Северна Азија за престижниот The Economist, при што раководам со голем тим и мрежа од преку 150 компании кои се членови на оваа ексклузивна групација. Освен тоа сум во Бордот на директори на една од водечките компании од прехрамбената индустрија во Јапонија со 65 години историја на постоење, и прва компанија која е рангирана на јапонската берза, а е предводена од жена. На академско поле сум ангажирана во бордот на Институтот за наука и технологија во Окинава и ја поддржувам нивната фондација и академска соработка. Во слободното време пишувам роман, кој е веќе готов и би требало да биде издаден годинава, а за време на ковид-пандемијата ја открив и мојата љубов кон сликањето и тоа ми е големо хоби во моментов. Од филмот не сум се откажала и се надевам дека во следните години ќе имам можност да се посветам повеќе на ова поле, бидејќи за сите професии во кои се реализирав во изминативе години, сепак едно е заедничко – јас сум само добар storyteller (раскажувач на приказни) или storymaker (креатор на приказни), и тоа е суштината.





