Мозаични подови, ѕидови украсени со мермер, базен – чија била палатата кај Стакина Чешма во Валандово?

Објектот служел за убаво, лагодно живеење, а сопственикот секако припаѓал на повисоката и богата општествена класа, вели археологот Мила Шурбановска, кустос-советник во пензија

Велелепна градба со повеќе од десет простории, базен со апсидална форма и екседра, мозаични подови и ѕидови украсени со мермерни плочи или со декоративен малтер насликан со разни бои. Вака отприлика изгледала палатата во Стакина Чешма кај Валандово во доцната антика, која археолозите ја ископуваат повеќе години. Објектот служел за убаво, лагодно живеење, а сопственикот секако припаѓал на повисоката и богата општествена класа, вели археологот Мила Шурбановска, кустос-советник во пензија која поголем дел од својата истражувачка кариера ја посвети токму на овој локалитет. Летово, со поместувањето на колскиот пат кој минувал низ наоѓалиштето, археолозите сфатиле дека просториите од двете страни на патот се всушност дел од еден огромен објект. Во интервјуто со Шурбановска разговараме за Стакина Чешма, за истражувањата, за значењето на овој локалитет во регионот.

Мила Шурбановска

Локалитетот Стакина чешма кај Валандово како да ја одбележа целата Ваша истражувачка кариера. Кога првпат се сретнавте со локалитетот?

Археолошките истражувањата на локалитетот почнаа во 1987 година и со поголеми прекини се одвиваат до денес. Локалитетот е регистриран како археолошки споменик во 1972 година, кога Археолошкиот музеј на Македонија од Скопје презел археолошки рекогносцирања заради изработка на археолошка карта на Р. Македонија, а во 1973/74 година Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата од Скопје вршел краткотрајно истражување на локалитетот, при што е евидентиран дел од објект со подни мозаици. Резултатите од овие истражувања, кои укажуваа на репрезентативен објект ги иницираа археолошки истражувања на овој простор.

Кои беа првите интересни пронајдоци и што Ве натера да продолжите со археолошки ископувања?

– На самиот почеток од истражувањата евидентиравме неколку простории со подни мозаици изработени во опус сектиле (opus sectille) и опус теселатум (opus tesellatum), а ѕидовите во просториите биле обложени со бели мермерни плочи или со декоративен малтер сликан со разни бои. Јасно беше дека се работи за репрезентативен, раскошен објект, кој секако заслужува да се истражи и заштити. Особено, затоа што беше во исклучително лоша состојба и загрозен од повеќе фактори, за кои досега многу сме зборувале.

Последните ископувања летово донесоа навистина интересни заклучоци. За каков објект всушниост се работи?

Со досегашните истражувања беше откриен дел од објект со десет простории, екседра и една мала просторија со апсидална форма (базен). Во централната просторија од објектот се наоѓа мал мермерен имплувиум. Објектот е работно наречен Римски домус и е датиран во доцноримско време. Покрај често пати споменуваните проблеми на локалитетот (како постојани проблеми со исфрлање на отпадоци, проблеми со градската канализација, голем проблем претставува и нерешените имотно правните односи со некои од сопствениците на дел од просторот), постоеше и проблемот со земјениот колски пат, кој поминуваше низ средината на локалитетот, така што имавме ограничен простор за работа и ископувањата се одвиваа на источната страна на локалитетот. Во 2013 година мислев да прекинам со истражувањата и активностите главно беа насочени околу соодветна заштита и документација на објектот. Но, при редовна обиколка на околниот простор за време на истражувањата, на западната страна од постоечкиот објект, т.е. од колскиот пат, на поголемо растојание, на самата површина во слој од нанос и шут, е откриен дел од објект, односно подна површина опус сектиле. Тогаш извршено е документирање, евидентирање, мерење и превентивна заштита. Заклучоците изведени од овие куси прелиминарни евидентирања одеа во насока дека се работи за нов објект или за дел од постоечкиот објект, за што беа потребни комплетни археолошки истражувања. Оваа состојба на локалитетот беше последица од ерозија на земјиштето.

Така, започнавме со работа на овој простор. Овде се евидентирани две простории. Првата просторија, интерпретирана како екседра е со богато уредена внатрешност, и дел од втора просторија со мозаик во опус теселатум. Помеѓу нив има вертикално поставени бели мермерни плочи како челна конструкција за скали, кои воделе кон екседрата. Се отвори прашањето дали се работи за нов објект. Работите завршија на оваа позиција, бидеjќи помеѓу „двата“ претпоставени објекта поминуваше земјен колски пат и просторот под него не можеше да се истражува. Во 2021 година, благодарение на залагањето и помошта од локалната самоуправа, колскиот пат е дислоциран и отворен е нов простор за работа, каде ќе може да се работи и во наредните години. На овој простор се евидентирани две нови простории и истражена е јужната просторија со поден мозаик, идентичен со подниот мозаик во втората просторијата од западната страна, поточно просторијата до екседрата. Констатиравме дека се работи за една голема просторија со поден мозаик во опус теселатум, а ѕидовите и овде биле обложени со декоративен малтер боен во различни бои. Од добиените податоци стана јасно дека се работи за една градба со над десетина простории, еден базен со апсидална форма и екседра. Сите подни површини во објектот се обработени во разни мозаични техники со површина од околу 500 квадратни метри, а ѕидовите се украсувани со мермерни плочи или со декоративен малтер насликан со разни бои.

Последните резултати јасно укажуваат дека станува збор за една голема градба со раскошно уредена внатрешност, со екседра, мермерен имплувиум, убаво уреден трем со базен и чешма. Се работи за градба со сите потребни простории која служела за убаво, лагодно живеење, а сопственикот секако припаѓал на повисоката и богата општествена класа. Но, објектот не е целосно доистражен, така што неговата целосна интерпретација ќе ја одредиме поточно по целосното откривање. Исто така, засега не е сосема јасна и неговиот однос спрема локалитетот. При обиколки на просторот на целото наоѓалиште наидуваме на остатоци од архитектура, делови од мозаик, што упатува на мислење дека на локалитетот постојат и други објекти.

Во какви историски времиња живее регионот во 4 век? Кој би можел да изгради ваков велелепен објект? Кој бил најблискиот развиен град во ова време?

Градбата настанала во периодот на доцната антика, кога се случувале големи промени во стопанството во Царството, кои влијале и на животот во провинциите. Градовите повторно доживуваат процут, се градат раскошни објекти кои служеле за разни намени. Градбата се наога на самиот раб од Валандово, на чија територија се евидентирани (од страна на РЗЗСК) бројни делови од објекти со подни мозаици, кои сведочат за еден извонредно богат живот на овој прстор во доцноантичкиот период. Всушност, градот доживеал најголем подем во периодот на доцната антика, така што и објектот на локалитетот Стакина Чешма кој се наоѓа на самиит раб од денешната населба, можеби е дел од комплексот на луксузни градби.

Во тој период Валандовската Котлина имала улога на значајна сообраќајна врска, преку која поминувале значајни антички патишта и на тој начин населбата била поврзана со многу значајни антички градови. За подемот на населбата и за убавиот и лагоден живот секако придонела и благата медитеранска клима, плодната почва, рудните богатства кои биле одличен предуслов за развојот на населбата во античко време. Во овој период и во вакви услови е изградена и градбата (вилата) на локалитетот Стакина Чешма.

Како ќе се одвиваат археолошките истражувања на Стакина Чешма понатаму?

Примарна цел е целосно доистражување на градбата, заштита и конзервација на локалитетот во соработка со надлежната институција за заштита и конзервација на културното наследство, Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Струмица. Оваа година под раководство на археологот и конзерватор Ване Секулов е започнат долгогодишен проект за трајна заштита на сите пронајдени архитектонски остатоци кои потоа ќе можат соодветно да бидат презентирани пред пошироката јавност. Една од поголемите активности, планирани за наредната година е и геофизичко снимање заради одредување на границите на локалитетот. Всушност геофизичките истражувања во помал обем беа изведени и лани, во втората етапа на истражувањата. Со нив раководеше археологот Радомир Ивановиќ од Археолошки музеј на Р.С. Македонија со стручен тим.

Кое е најдоброто решение за презентација на објектот пред јавноста?

– Потребни се повеќе активности, како: целосно истражување на објектот, заштита и конзервација. Потребно е оградување на градбата и непосредната околина, како би се заштитил објектот од оштетување, од фрлање на отпаден материјал, средување на пристапниот пат до локалитетот, покривање на градбата. Ова во голем дел спаѓа во ингеренциите на Завод и музеј Струмица и се разбира од поддршката од локалната самоуправа, која ја имавме и досега. И повеќе материјални средства. На самиот локалитет ќе биде поставена информативна табла на македонски и англиски јазик со што посетителите во секое време ќе можат да се информираат за културното и историско значење на локалитетот и неговите содржини. Да бидат поставени соодветни патокази кои ќе го олеснат пристапот до локалитетот, како и посилна медиумска промоција.

Сподели