Со „Оревокршачка“ балерината Ивана Коцевска вечерва одбележува 20 години кариера

Омилената божиќна балетска бајка „Оревокршачка“ ќе биде изведена вечерва во 20 часот на сцената на Националната опера и балет во Скопје. Истакнатата солистка Ивана Коцевска ја толкува главната улога и токму со овој балет таа ќе одбележи 20 години од својата кариера. Исто толкав јубилеј ќе одбележи и балетот „Оревокршачка“, кој премиерно беше изведен на 2 декември 2001 година во тогашен Македонски народен театар. Во претставата ќе настапат и: Балаж Лашеи (Унгарија), Ела Канер (Турција). Настапуваат првенците, солистите, балетскиот ансамбл при Националната опера и балет и ученици од ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“.

Во овие две децении „Оревокршачка“ редовно се изведува на нашата сцена за време на новогодишно-божиќните празници. Станува збор за волшебна, новогодишно-божиќна бајка, која мириса на снег, карамела и на цимет. Обоен е со црвено, златно и со бело.

Вкупно три изведби организира НОБ на балетот на Чајковски. Следната изведба е на 28 декември.

 

Сподели