Упорноста и посветеноста во борбата со предизвиците, еве скоро две години, отвори некоја друга продукциска креативност кај нас и желба да не се откажуваме така лесно и трпеливо да изнаоѓаме решенија како културните настани сепак да се случуваат – вели Арсов
„Како крајот и да не е сосема блиску“ на Битеф театар вечерва во 20 часот во Младинскиот културен центар во Скопје ќе го отвори 46. Млад отворен театар. По пауза од една година поради ковид-рестрикциите, на Скопје повторно ќе му се случи омилениот театарски фестивал, кој ќе се реализира во два блока – од вечерва до 7 декември на повеќе сцени. Разговараме со Русе Арсов, директор на Младинскиот културен центар, организатор на фестивалот.
МОТ годинава најавува амбициозна програма. На големо враќање на театарот во живо. Верувам дека нема театарски љубител кој не се радува.
– И не само кај публиката – како се доближуваме до почетокот на фестивалот така и кај нас во МКЦ возбудата сè повеќе расте. Можеби сè уште со неверување, но и покрај сè – МОТ сепак и годинава ќе го има! Ќе се случи, за да покажеме дека театарот е жив, дека театарот е во сала, пред публика, таму каде што припаѓа. Ќе се случи и како награда за сите театарски соборци, кои внимателно и претпазливо во овие опасни времиња градеа проект по проект, премиера по премиера. Како во некои други времиња, домашната независна сцена беше посебно активна и продуктивна и едноставно не сакавме да оставиме тоа да мине така незабележано. Затоа решивме посебен акцент на 46. МОТ ставаме на селекција од продукции од домашната независна сцена произведени меѓу двете фестивалски изданија.
Каков предизвик е да се организира фестивал во сè уште пандемски услови, кога од ден во ден не знаеме дали ќе се случи некаква нова рестрикција и сл.?
– Па токму таа неизвесност, промените на протоколите и случувањата со пандемијата кај нас, но и кај земјите од каде поканивме гости, беше причина и МОТ повторно да го промени својот традиционален, повеќедецениски термин – крајот на септември. Иако се подготвувавме за тој термин, во последен момент моравме да се откажеме и да почнеме сè од ново. Но упорноста и посветеноста во борбата со овие предизвици, еве скоро две години, отвори некоја друга продукциска креативност кај нас и желба да не се откажуваме така лесно и трпеливо да изнаоѓаме решенија како културните настани сепак да се случуваат.

Во првиот блок еден од заштитните знаци на фестивалот ќе биде изведбата на три различни продукции на „Мојот маж“, според расказите на Румена Бужаровска. Имавте ли потешкотии за да ги донесете српската и словенечката продукција? Колку е ова всушност важно за да имаме поголема слика за тоа колку се вредни нашите автори, штом се провокативни и надвор од земјава?
– Иако ни беше веќе јасно видлив европскиот успех на збирката „Мојот маж“ на Румена Бужаровска, со голема радост одекнуваа трите театарски премиери кои настанаа во Скопје, Белград и Љубљана. И сето тоа се случува во година кога има нагло затишје и глува пандемиска тишина, а наша авторка се чита и драматизира по сцените низ регионот. Одамна сме немале таква меѓународна театарска радост, а МОТ е тука тоа да го препознае и промовира и пред домашната публика. Затоа во три вечери, во соработка со Драмски театар од Скопје, ЈДП од Белград и СНГ Драма од Љубљана сакавме да овозможиме заедно да ги погледнеме сите три продукции, а потоа ќе овозможиме и разговор меѓу самите инволвирани автори по повод трите продукции. Но, неизвесноста од пандемјата ни го менува репертоарот и за жал словенечката „Мојот маж“ не ќе можеме да ја погледнеме во првиот дел од фестивалот, затоа што во ансамблот веќе има ковид-позитивни. Во моментов правиме напори изведбата на претставата во Македонија да биде до крајот на годината.
Независната сцена е заштитен знак на МКЦ. Може слободно да се каже дека токму во пандемијата независниот театар полесно се прилагоди со онлајн-форми. Го споделувате ли мислењето?
– Па не би рекол дека се прилагоди, туку дека паметно научи да ги користи онлајн-формите. Научи како да ги користи како алатки за промоција и дистрибуција на своите дела, а некои похрабри дури и да ги користат како нов експериментален формат, нов јазик на драмско дејствување. Верувам дека овие алатки ќе останат како нешто многу позитивно кое нè натера да го научиме и прифатиме додека е пандемијата во својот ек, а ние, како културни работници од неа да ги извлечеме бенефитите.
МКЦ работи неуморно, имате настани од различен вид, музички, театарски, изложби, мултимедијални проекти. Сте биле ли исправени досега пред поголеми предизвици од ковид-пандемијата, во однос на организирањето на настани?
– За нас посебен предизвик е секој настан одделно. Независно дали се работи за изложба во галеријата, или фестивал на повеќе локации, секогаш со исто внимание и посветеност одговорно мора да се грижиш за публиката, но и за персоналот, техничарите, артистите… Иако на неколку пати веќе кажуваме дека публиката на МКЦ е најубава, свесна и одговорна, сепак сега нема простор за опуштање и грешка. Од друга страна, посебно оваа година, имаме често откажувања во последен момент на странски артисти во фестивалските програми, но како што и претходно кажав – некаква друга креативна енергија нè одржува да останеме смирени и умни. И, ДА нас работата и задоволството на публиката ни е особена мотивација за работа.
Што по МОТ, на што ќе се фокусирате?
– Следната година е можеби и најголемиот предизвик на оваа генерација на програмски уредници – големиот јубилеј „50 години МКЦ“. Со оглед на тоа дека ќе славиме со програма преку целата 2022, веќе работиме на редење на мозаикот и она што може да го кажеме сега е дека: ќе биде многу убаво!





