Во ликовната галерија „Марко Цепенков“ во Прилеп вечерва, во 19 часот ќе биде отворена изложбата „Suzanne“ од уметницата Ивана Мојсовска. Таа ќе се претстави со две слики и пет фотографии. Изложбата е инспирирана од веќе реализираниот танцов перформанс во соработка со кореографката Адријана Данчевска, која е и субјект во делата.
– Сузан е измислен карактер кој ни ги пренесува екстремните расположенија на една млада жена која се бори со сопствените емоции и пориви. Во овој проект, карактерот на Сузан е повторно предмет на естетската материјализација каде преку фотографијата како медиум, ги доловувам моментите на екстаза и кинестетичка емпатија. Во дел од фотографиите акцентот е ставен на централниот субјект. Ја гледаме Сузан во нејзината трансцеденција, додека во останатите дела таа е ставена во улога на спектатор и симболично ни ја прикажува сврзаноста на делата со кинестетичката емпатија. Анализирајќи ги танцовите перформанси и фокусирајќи се на перформативноста како процес од кој произлегува некаква акција, се обидувам да го замрзнам тој жив и интензивен момент на одвивањето на самиот уметнички чин – вели Мојсовска.
Уметницата е родена во Скопје. Во 2020 година магистрирала на Факултетот за ликовна уметност во Скопје со самостојната изложба во МКЦ насловена „Meet Water“. Таа досега реализирала две самостојни изложби, а учествувала на повеќе групни изложби во земјата и во странство.





