Актерите Весна Петрушевска и Игор Џамбазов се во нова мисија, овојпат како водители на еколошкото шоу „Агенда 21“ во продукција на КМК. Емисијата ветува добра забава, факти и повик за акција за ублажување на климатските промени, глобалното затоплување и деструктивноста кон природата од страна на човекот. Од 20 ноември ќе се прикажува на ТВ Телма, секоја сабота од 20 часот.

Игор Џамбазов
– Сигурна сум дека шоуто „Агенда 21“ ќе го задржи вниманието на гледачите, преку важни теми за животната средина. Интересен е фактот што направивме емисија која е налик на т.н домашна седенка со поширокиот круг на семејството во која дискутираме, едуцираме, дебатираме и се забавуваме. Во светот, но и дома, сме сведоци на пожари, поплави и изумирање на безброј животински диви видови, така што во никој случај не треба да ги игнорираме овие предупредувања кои ги имаме, за да не биде предоцна за целото општество – вели Весна Петрушевска.

„Агенда 21“ ќе ги едуцира гледачите за моменталната состојба со животната средина во земјава, што всушност сите заедно можеме да направиме за да се грижиме за природата, бидејќи климатските промени се реалност и за тоа треба да се преземат сериозни чекори, како индивидуално така и од страна на институциите и компаниите.
– Крајно време беше некој да се позанимава на оваа тема. Мојата убава татковина, извор на бесконечно прекрасни пејзажи, доживеав младите да ја викаат Македонија-депонија што ми покажа дека нешто навистина сме згрешиле во нашето битисување – изјави Џамбазов.

ТВ-проектот го подготвувавме две години и бевме свесни за тежината кој ja носи. Откако започнавме да снимаме во градовите и селата, воочивме дека грижата за животната средина ни е на ниско ниво, вели Виолета Дамевска-Ѓоргиева, продуцент на проектот.

Весна Петрушевска
– Навистина е загрижувачки да гледате депонии големи колку цели села, а истите тие се комшии на нашите урбани и рурални општини. За жал, сето тоа ние како граѓани го консумираме преку воздухот и почвата. Треба да преземеме акција уште денеска – вели продуцентката на проектот.
Во „Агенда 21“, Петрушевска и Џамбазов се придружувани од нивните млади актери – колеги Кристијан Ѓоргиев, Анастасија Митровска и Јована Миладинова, со кои е вистински предизвик да дебатираат и разменат мислења.





