Галичник меѓу дигиталното и пандемиското

Биеналната (31/32) Галичка ликовна колонија, чиј куратор е Ана Франговска синоќа беше отворена во Мултимедијалниот центар „Мала станица“ во Скопје. Концептот на 31. сесија на тема „Коегзистенција“ се однесува на релацијата (изгубената релација) меѓу природата, човекот и секако и самиот Галичник и неговата природа и традиција кои треба да извршат импакт врз финалниот производ/дело.

Вака е објаснета првата сесија во текстот од годинашниот каталог, а поставката содржи дела од осум домашни и осум странски уметници. Секој од нив се претставува со по едно свое дело, како и едно заедничко работено во пар. Интересно е да се види уметничкиот дијалог низ призмата на личното доживување на гоегзистенцијата (автор-природа), но и низ заедничкото дуетско размислување на истата тема, притоа токму заедничкото дело е резултат на работата преку онлајн сесии, диктирани од контекстот на пандемијата со ковид-19.

Во концептот на изложба доминираат новите/дигиталните медиуми, експерименталните форми и видео инсталациите и инсталациите во просторот, што на темата, како и на местото (Галичник) му даваат сосема нова визура. Дел од делата имаат личен, интимен ракурс на гледање на нештата, а дел од нив силна ангажираност како одговор на приликите на созадавање.

Концептот на 32. сесија е „Визуелна интрузија“ и идејата е со визуелна интервенција т.е. интрузија на природниот амбиент на Галичник и неговата околина, која ќе биде предизвикана во реалноста, а нагласена со помош на дигиталната интервенција и архивирање на медиумот на фотографијата или видеото. Целта е да се визуелизира контрастот и моќта која човекот ја има во загрозувањето, но и заштита на животната средина и зачувување на нејзиниот природен облик и форма.

На годиншната колонија, која имаше хибриден пристап учествуваа единаесет уметници, а четворица имаа онлајн сесии.

(А.Ј.)

Фото: Денис Јагџи

Сподели