Четири наши училишта меѓу 250-те од целиот свет наградени за борбата против климатските промени

Основните училишта „Крсте Мисирков“ и „Димитар Миладинов“ од Скопје, „Драга Стојановска“ од с.Ракотинци, скопско и „Кочо Рацин“ од Охрид добиja награда за Проектот за климатски активности што ја доделува Cartoon Network Climatе и Проектот за климатска акција (Climate Action Project). Само 250 училишта во светот го добија признанието за интензивна работа на полето на образованието поврзано со климатските промени. Добитниците на наградата беа објавени вчера попладне на Денот на климатската акција, онлајн-настан во живот што го проследија 250.000 луѓе во светот. Победниците ги прогласи Ден Расел, актерот што го позајмува гласот за неколку ликови во хит-серија The Amazing World of Gumball и Нанди Бушел, 11-годишна музичарка, инфлуенсер и застапник за климата.

Меѓу говорниците на настанот беа принцот Вилијам, Џејмс Аликс Мишел, поранешен претседател на Сејшелите, Рик Дејвис од НАСА, принцезата Есмералда од Белгија, Хуан Пабло Целис Гарсија, од Програмата за животна средина на Обединетите Нации и многу други светски лидери, научници-климатолози и активисти.

Принц Вилијам

Принцот Вилијам на прогласувањето вчера рече:
– Потребна ни е креативноста на младите за да ја поправиме нашата планета. Учениците треба да измислуваат и да иновираат – да размислуваат подалеку од тоа каде сме сега и да бидат оптимисти за нашата иднина.

Според Коен Тимерс од Проектот за климатска акција, младите луѓе имаат капацитет да направат повеќе отколку само да учат за климатските промени.
– Тие можат да смислат решенија, да преземат мали активности и да ги инспирираат другите да го променат својот животен стил. На крајот, промената на однесувањето на учениците и начинот на размислување на општеството ќе биде клучна за решавање на кризата – вели Тимерс.

Д-р Џенифер Вилијамс, од Проектот за климатска акција вели дека едукаторите се собрале за да го поддржат климатското образование за сите.
– Посветени сме да обезбедиме пристап до информации за учениците, да поддржиме идеи и можности да преземат акција за планетата, а денес овие училишта за извонредност го предводат патот за целиот свет – вели Вилијамс.

Принцезата Есмералда од Белгија

За основното училиште „Димитар Миладинов“ се вели дека е едно од најактивните училишта во Македонија. Освен учениците, се едуцираат и наставниците и заедницата да ја чуваат, заштитат и негуваат животната средина.
– Секоја година садат дрвја и цевеќиња, рециклираат, реупотребуваат и произведуваат компост, создаваат уметност од ѓубре и организираат изложби од креациите изработени на еколошки теми. Ги одбележуваат важните еколошките датуми, пишуваат еко-поезија и еко-проза, организираат модни настани со еколошка облека направена од отпад, еко-брошури, весници, календари, слогани и постери. Сите свои практики ги споделуваат со останатите училишта од целата земја – велат од школото.

Ментор на проектот е наставничката Аида Петровска.

Cartoon Network Climate Champions е иницијатива за подигање на свеста за климатските промени чија цел е да ги инспирира децата да преземаат секојдневни предизвици кои колективно можат да направат голема разлика за здравјето на нашата планета. Развиена е во соработка со Светскиот фонд за дивиот свет (World Wildlife Fund), светски познатата еколошка организација. Проектот климатска акција е бесплатен образовен проект лансиран од Take Action Global, образовна непрофитна организација со седиште во Соединетите Американски Држави, во која се вклучени 2,7 милиони наставници и студенти од 146 земји од светот. Целта на проектот е да им помогне на учениците да научат за климатската криза и за начините како да ги шират решенијата на интернет.

Фото: ООУ „Димитар Миладинов“

Училишта што добија признание ја доставиле својата работа за изминатата година и исполниле опсежни критериуми, вклучително и посветеност на целото училиште за климатско образование и студентски решенија. Мисијата на Take Action Global е да поттикне една милијарда ученици да преземаат акција за почиста животна средина до 2030 година преку програми, вклучувајќи го и „Проектот за климатска акција“. Со визија за климатско образование за сите, Take Action Global ги комбинира наставните програми за животната средина со проекти предводени од ученици, споделувајќи идеи и искуства со локалните и глобалните заедници, образовните лидери и партнерските организации. Партнери се Фондацијата на Обединетите Нации, НАСА, WWF, Cartoon Network, LEGO Education и Earthshot Prize претставена од Кралската фондација.

Сподели