Делот од агората, мерната маса и мермерна биста веројатно на Фаустина, сопруга на римскиот император Антониј Пиј се дел од новите откритија на археолозите од Прилеп
Во 142 година, Ајлиј Химнос, службеното лице на агората во Стибера донирал мерна маса во градот. Агорите – големи плоштади во античките градови биле средиште на економскиот, религиозниот и социјалниот живот на луѓето во минатото. Делот од агората на Стибера кај Чепигово, мерната маса и мермерна биста веројатно на Фаустина, сопруга на римскиот император Антониј Пиј се дел од новите откритија на археолозите од Прилеп кои го истражуваа археолошкиот локалитет познат како македонска Помпеја поради бројните мермерни статуи што се пронајдени низ годините.
Душко Темелкоски
Археологот Душко Темелкоски од Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Прилеп ги претстави новите откритија. Според него, ова е прва агора во голем обем откриена на антички град во земјава. Пронајдените предмети се од 2 век – период на голем процут на градот.
– Тоа е време на благосостојба во целото Римско царство. Фаустина починала релативно млада, во 140 година, и императорот ја прогласил за дива, човек-божество. Затоа во нејзина чест насекаде во царството се подигаат комеморативни бисти со нејзиниот лик. Бистата во Стибера била поставена на постамент во ниша луксузно декорирана со флорална орнаментика. Извонредната изработка претставува можеби најрепрезентативниот пример на познатата работилница за мермерни скулптури во градот – вели Темелкоски.
Откривањето на агората во Стибера, место за купопродажба и дел од стопанските објекти на античкиот голем град е реткост на нашата територија. Агорите биле дел од сите градови. Тие биле средиште на економскиот, религиозниот и социјалниот живот на луѓето. Темелковски објаснува дека агората претставувала и пазариште, место каде граѓаните вршеле стокова купопродажба.
– Го откривме т.н. административен дел од агората во Стибера. Подот бил поплочен со мермерни и гранитни плочи, додека централно бил изграден ритуален бунар, околу кој се одвивале разни религиозни активности. Просторот бил заграден и покриен и според сочуваните остатоци од ѕидовите имал речиси квадратна форма – објаснува Темелкоски.
Во агората археолозите откриле и две мермерни маси. На едната била најверојатно поставена терезија и таму се одредувала тежината на овошните плодови, зеленчукот и житарките што се продавале. Другата била мерна маса за одредување на количествата на течните продукти (млеко, вино).
– На масата има издлабено 8 отвори со различни пречници и длабочини и со отвори на дното, од каде истекувале течните продукти. Количествата кои се верификувале се 10, 5, 3, 2 литри, 1 литар, 700, 300 и 150 милилитри. Вакви мерни маси, но во фрагменти, се пронајдени во Италија, Грција, Турција и Израел. Според сочуваноста, нашата мерна маса се споредува со онаа од Помпеја, која била покриена со лавата по ерупцијата на вулканот Везув. На предната страна на овие маси обично имало врежан натпис, каков што има и масата од Стибера. Натписот кој го прочита класичниот филолог Весна Калпакоска од Битола. Службеното лице на агората, агораномот со име Ајлиј Химнос, во 142 година донирал свои средства за поставување на мерната маса – објаснува Темелкоски.
Тој информира дека веќе се завршени конзерваторските анализи. Догодина би требало да почне реконструкцијата и конзервацијата на откриениот дел од агората во Стибера. На локалитетот се пронакдени повеќе од 30 мермерни статуи и бројни артефакти. Темелковски се надева дека локлаитетот ќе добие уште една репрезентативна градба покрај храмот на заштитничката на градот, Тихе.