75 години Театар „Антон Панов“ во Струмица – премиера на „Црна дупка“ и изложба на фотографии

Театарот „Антон Панов“ од Струмица вечерва ќе го одбележи големиот јубилеј – 75 години постоење, со премиера на претставата „Црна дупка“ од Горан Стефановски во режија на Љупчо Ѓоргиевски. На премиерата, во 19.30 часот ќе претходи изложба на фотографии од Сречко Гунчев, насловена „75 години НТ „Антон Панов“.

Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимите на Андреј Ѓоргиевски, музиката – Сашко Костов. Играат: Васил Михаил, Танкица Стојанова, Анкица Бенинова, Јасмина Вучкова, Кире Ѓоргиев, Елисавета Бончева, Коста Ангов, Ангелина Тренчева-Ангелова, Јулија Милкова, Стојан Велков-Трн, Илија Младенов и Теодора Арсов.
„Тешко е кога човек е странец во странство. Но уште потешко е кога човек е странец дома. Најстрашни се оние времиња кога самиот дом се претвора во туѓина, во џенем, во јабана. Кога човек е на своето огниште, а саштисан и отуѓен како змија да го полазила. Кога е внатрешно раселено лице. Кога т’гата не е поради отсуство туку поради присуство. Кога седи среде куќи, а не може да си ја препознае домата“ – пишува Стефановски.

Датум на основање на Театарот во Струмица се смета 1 мај 1949 година кога е изведена драмата „Бегалка“ од Васил Иљоски во режија на Димитар Колчаков. Подготовките за неговото основање започнуваат на крајот на 1948 година, кога локалната самоуправа во Струмица донесува одлука за формирање театар и дозвола за изградба на театарска зграда. Градски народен театар – Струмица е првиот професионален театар основан во Источна Македонија. Театарската зграда, денес позната како Стариот театар, е изградена на улицата „Боро Џони“ во централното градско подрачје, во близина на некогашното кино „Балкан“.

Сподели