Приказната има интересен ритам, а читателот останува љубопитен сè до самиот крај кога се дознава како пилето се нашло во шумата. И тоа дека стануваше збор за цртежи на тогаш шестгодишно дете, а мој син, ми даде дополнителен поттик – вели Мирјана Трајчева-Иванова.
Второодделнецот Марко Трајчев има седум години и најмногу од се’ сака да црта животни, бубачки, диносауруси… Во една од тие детски инспирации, Марко на 6 години нацртал неколку цртежи со гладно пиле и бубачки. Неговата мајка Мирјана Трајчева Иванова, која работи во маркетинг-сектор, видела потенцијал во детската фантазија на Марко и се инспирирала да создаде приказна за неговите илустрации. Кога во приказната се вклучи и нејзината сестра, тета Ивана која ги дигитализира цртежите на Марко, ќе беше жалосно ова заедничко дело создадено со многу љубов, да не најде свое финално пакување. Сликовницата беше интересна за „Арс Ламина“ и оттаму ја отпечатија „Гладното пиле“.

Приказната за „Гладното пиле“ е забавна и интересна, но и приказната како дојде до нејзиното издавање е исто така убава и позитивна.
– Ликовите имаа силна експресија, цртежите континуитет и тоа беше мотив од нив да се направи приказна, па така се роди и текстот. Во книгата се зборува за едно пиле кое залутало во шумата. Бидејќи е гладно, почнува да јаде бубачки. Веста во шумата брзо се шири и бубачките една по една почнуваат да се кријат. Приказната има интересен ритам, а читателот останува љубопитен сè до самиот крај кога се дознава како пилето се нашло во шумата. И тоа дека стануваше збор за цртежи на тогаш шестгодишно дете, а мој син, ми даде дополнителен поттик – вели Трајчева-Иванова.

Откако ги споиле цртежите и текстот им било јасно дека направиле нешто убаво и радосни биле поради тоа.
– Направивме убав производ, ама сакавме тој да добие и пакување. Па побаравме помош од уште еден член во семејството – мојата сестра Ивана, која ни помогна во дигитализацијата на цртежите. Некое време потоа дојдов на идеја ракописот и примерокот да ги испратам на rakopisi@arslamina.mk. Самиот процес на креирање побуди некои убави и позитивни емоции – вели мајката на Марко.
– По некое време добивме позитивен одговор од издавачката куќа „Арс Ламина“, од каде изразија желба да ја издадат сликовницата. Од минатата недела книгата е пуштена во продажба во книжарниците на „Литература.мк“ и е наменета е за деца на возраст од 2 до 4 години. Голема благодарност до Libi Ars Lamina за поддршката, ова е вистинскиот начин да се развива детската креативност – вели Мирјана.

На радоста и’ немало крај кога Марко дознал дека неговите цртежи ќе се претворат во сликовница.
– Едно попладне мама ми даде да прочитам едно е-писмо – на него пишуваше дека многу им се допаднала „Гладното пиле“ и сакаат да ја издадат. На почетокот не ми беше јасно, затоа што не знаев дека мама воопшто ја има испратено книгата. Бев малку збунет, па откако ми објасни што тоа значи, многу се израдував. Тоа беше моето најголемо изненадување. А сега кога ја држам во раце се чувствувам убаво – вели Марко, кој е ученик во ОУ „Војдан Чернодрински“.

Тој ни сподели дека многу чести црта и дека многу сака да црта животни, бубачки и диносауруси.
– Не е ни чудо што во оваа приказна главните ликови се пилето и бубачките. Секако дека ќе продолжам да цртам, а дали ќе ни се случи нова приказна – ќе видиме, би било убаво – вели Марко.





