Преведувачкиот подвиг на „Илијада“ и „Одисеја“, светското прославување на скопскиот Универзитет во светот на микенолошките истражувања, изворот на љубовта кон антиката, значењето на класичната книжевност во македонски рамки се дел од обемното интервју со Михаил Д. Петрушевски кое во 1983 година е објавено во списанието „Разгледи“. Разговорот го водел Тодор Чаловски. Институтот за класични студии на својата Фејсбук-страница го објави интервјуто насловено „Љубовта кон вистината и културата и мера за сликата на постоењето.“
Денеска се навршуваат 35 години од смртта на Петрушевски, класичен филолог, микенолог, прв декан на Филозофскиот факултет, еден од основополжниците на МАНУ. Роден е на 2 јули 1911 година во Битола, каде завршил основно училиште и гимназија. Студирал класична филологија на Филозофскиот факултет во Белград каде што дипломирал во 1935 година. По ослободувањето се вратил во Македонија и активно учествува во организирањето на Филозофскиот факултет и првиот македонски универзитет. Бил прв декан на Филозофскиот факултет (1946-1949) како и ректор на Универзитетот во Скопје (1956-1958). Починал во Скопје на 27 февруари 1990 година.





