Платформата „Буки“ претставена пред „Македонски телеком“

Платформата за транскрипција на македонски говор „Буки“ беше претставена пред повеќе од 400 вработени и целиот менаџерски тим на „Македонски телеком“ во салата на Македонскиот народен театар на настан на кој беа изложени достигнувањата и плановите на компанијата. Платформата ја претставија проф. д-р Илина Јакимовска, раководителка на Институтот за етнологија и антропологија (ИЕА) при Природно-математички факултет – УКИМ и проф. д-р Никола Стиков, професор по биомедицински инженеринг на Политехничката школа при Универзитетот во Монтреал.

– Благодарност за можноста да се промовира Институтот за етнологија и антропологија при ПМФ пред една ваква публика, која дозна за нашата образовна, научна, но и општествено ангажирана работа. Во платформата „Буки“ се вградени повеќе од 100 часа аудио и транскрибиран теренски материјал од Дигиталниот архив на етнолошки и антрополошки ресурси при ИЕА – вели Јакимовска.

„Буки“ овозможува унапредено користење на официјалниот јазик при креирање текстови во дигитална форма. Еден од експертите кои работеа на создавање на алатката е Дејан Порјазовски кој истражува на Универзитетот „Аалто“ во Финска.

Сподели