Диригентката Елена Митревска настапи со Данскиот национален вокален ансамбл

Македонската диригентка Елена Митревска која живее и работи во Шведска настапи со престижниот Дански национален вокален ансамбл. Во текот на три концертни вечери во Мермерната црква во Копенхаген, таа диригираше дела од дански, но и од композитори од светската музичка ризница кои истовремено беа проследени со спектакуларни светлосни ефекти дизајнирани специјално за настанот од Кристијан Вајнберг Бонде.

Концептот е насловен „Небесна светлина“ и има цел да постигне комплетно доживување во кое светлосните ефекти се во комплетна хармонија со музиката која се изведува со цел да се постигне ефект на едно деноноќие.

Ова не е прв настап на Митревска со Данскиот вокален ансамбл кој важи за еден од водечките хорови во Скандинавија и во Европа. Нејзиното постојано работно место како главен хорски диригент е во операта во Малме каде во следната сезона ќе ја диригира продукцијата на операта „Кармен“ од Жорж Бизе.

Македонската публика неодамна имаше можност да ја види Митревска во Скопје, каде со Македонската филхармонија настапи на популарниот новогодишен концерт, a ќе настапи и со камерниот оркестар „Ајга“ на фестивалот „Денови на македонска музика“.

Сподели