Активностите се одвиваат според планот, и досега се реализирани над 50 отсто од одобрените пари, односно 16.827.443 денари, соопшти министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска
Неопходни се вработувања на стручен кадар во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје. Потребна е нова современа опрема во Центарот за дигитализација при НУБ, неопходна за едукација и надградба на знаењата на новите млади генерации корисници. Ова се дел од проблемите со кои се соочува НУБ за кои директорот Рахметула Куќи вчера разговараше со министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска. Таа изврши увид во работата за санација на покривната конструкција на Библиотеката. Во изминатите два месеца интензивно се реконструираат три од постојните пет кубуси на покривната конструкција на стариот дел од објектот. За проектот Министерството за култура досега одвоило околу 30 милиони денари. Активностите се одвиваат според планот, и досега се реализирани над 50 отсто од одобрените пари, односно 16.827.443 денари.

Куќи и Костадиновска-Стојчевска дискутираа и за актуелните предизвици со кои се соочува оваа институција чиј објект претставува архитектонско ремек-дело на еден од најзначајните македонски архитекти – неодамна починатиот Петар Муличковски. Годинава симболично, со неговата смрт и почетокот на реконструкцијата на старата зграда на НУБ, се навршува точно половина век од нејзиното официјално пуштање во употреба.
Костадиновска-Стојчевска ја потенцираше својата заложба оваа институција, една од првите основана со одлука на АСНОМ во 1944 година, повторно да го врати својот сјај и да стане водечко збирно место за младите и прогресивни студенти, истражувачи и културни дејци.
– Ние сме тука да ја подобриме сегашноста во оваа институција која може да ни понуди најточен и најдобар поглед кон посветлата иднина преку сето културно и историско искуство и богатство акумулирано во депоата на оваа наша најголема библиотека – рече Костадиновска-Стојчевска.

Таа и Куќи разговараа и за повеќедецениското неоправдано запоставување на оваа институција и ги искажаа своите заеднички идни заложби и потврдија дека таквата практика е минато. Потврда за тоа се подобрените работни услови за вработените, како и интересот на неколку домашни угледни компании и дипломатски претставништва да дадат свој придонес во враќањето на сјајот на оваа клучна институција од областа на културата и образованието.
Реализацијата на проектот за целосна реконструкција на покривот, кој во оваа фаза опфаќа вкупно 1.070 квадратни метри, како и на блоковите 3 и 5 од објектот на НУБ продолжува и следната година.
Лани студенти споделија очајни фотографии од Националната и универзитетска библиотека – поплавени и распаднати читални, искршени столчиња… Од Министерството за култура тогаш изјавија дека тогашната министерка Ирена Стефоска испратила комисија во ненајавена работна посета на НУБ.
– Со извршениот увид констатирани се бројни слабости. Поради негрижа, објектот со години е запоставуван и доведен во исклучително лоша состојба, а хигиената е одраз на „домаќинското“ однесување на менаџментот – соопшти лани Министерството.
Наскоро беше разрешен тогашниот директор Фремзим Даути.





