Пилот-проект за зачувување на македонскиот јазик во Италија каде учат деца од македонската дијаспора

Посебно внимание посветуваме на промоција на италијанскиот и македонскиот јазик. На Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ италијанскиот јазик се изучува веќе 62 години, а во последните години и на универзитетите во Тетово и во Штип, рече амбасадорот Силвестри

Во Италија во тек е пилот-проект за зачувување на македонскиот јазик во италијанските училишта каде учат деца од македонската дијаспора. Италијанската амбасада во земјава веќе организира емитување на неколку серии од РАИ преведени на македонски јазик. Посебно внимание посветуваме на промоција на италијанскиот и македонскиот јазик, рече италијанскиот амбасадор во земјава Андреа Силвестри на потпишувањето на Петтата програма за соработка на полето на културата, образованието и науката помеѓу Италија и Македонија.

Амбасадорот Андреа Силвестри и министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска

Документот го потпишаа амбасадорот Силвестри и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска. Силвестри на македонски јазик ги поздрави присутните гости и рече дека му претставува чест што во прекрасниот простор на Музејот на современата уметност ја потпишуваат Петтата програма за соработка на полето на културата, образованието и науката 2022-2025, само еден месец по посетата на италијанскиот претседател Серџо Матарела на нашата земја.

– Нашиот претседател отвори важни теми кои се од билатерален интерес за Италија и Северна Македонија. Особено значаен дел е соработката во културата каде Италија се смета за суперсила – рече Силвестри.

Дел од присутните гости

Според него, активностите во соработката во културата се прошируваат во повеќе области: изложби, музика, филм, театар, книжевност, конзервација и реставрација и заштита на културното и природното наследство. Тука е и кујната која за Италија има големо значење и културни вредности што се препознаени од УНЕСКО.
– На Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ италијанскиот јазик се изучува веќе 62 години, а во последните години и на универзитетите во Тетово и во Штип. Сè повеќе ученици го избираат како втор странски јазик во основното образование. Италијанскиот јазик е жив јазик кој се зборува во светот и нуди многу професионални можности. Затоа организираме Недела на италијанскиот јазик и многу други мултидисциплинарни активности за да ја запознаеме јавноста со нашиот јазик – посочи Силвестри.

Министерката Костадиновска-Стојчевска рече дека кога ќе се спомне Италија, секој од нас има различни асоцијации, а тие неминовно се поврзани со уметноста.
– Оваа земја, која чува над половина од најважните светски уметнички богатства, е наш потврден пријател со кого во континуитет градиме добри односи во сите сфери, а особено сме горди што тоа се потврдува на полето на културата. Културата, образованието и науката се области кои заземаат значајно место во билатералните односи меѓу двете земји – рече Костадиновска-Стојчевска.

Според неа врските во овие општествени сфери се многугодишни и се базираат врз доверба. Односите во културната соработка меѓу двете земји се унапредуваат со децении, а се темелат на Спогодбата за соработка во областа на културата, образованието и науката потпишана од владите на двете држави во 1998 година.
– Оваа, Петта програма за соработка која има важност до 2025 година, нè исправа пред нови шанси за продлабочување и зацврстување на комуникацијата, размена на искуства и афирмација на вредностите на двете земји – рече Костадиновска-Стојчевска.

Таа посочи дека програмата дава широка рамка за соработка во многу сфери: во размената на искуства во заштитата на културното наследство, во негувањето на двата јазика во обете земји, во соработката во кинематографијата, нашето претставување на Венециското биенале и чествувањето на св. Кирил во Рим. Програмата нуди посебни поволности за младите на полето на науката, образованието и културата, стипендии, размени, заеднички можности.

По потпишувањето на документот, Силвестри и Костадиновска-Стојчевска ја разгледаа изложбата која амбасадата на Италија ја организираше неодамна во МСУ – „Проект Северна Македонија – современи екосистеми“ на уметниците Антонио Масаруто и Роберто Геци. Низ поставката ги водеше кураторот Бојана Јанева, историчарка на уметност од МСУ.

Сподели