19,8 милиони евра за Универзалната сала, изборот на Али Синани за директор на Националната галерија е законски, крај за сомнителните туристички водичи

Ова се дел од темите што вчера беа начнати на брифингот на министерот за култура и туризам Зоран Љутков кој се осврна на општата состојба во институциите во културата, не само во изминатите 7-8 години туку и во една поширока рамка

Згаснување на Агенцијата за туризам и целосно вклучување на кадарот во Министерството за култура и туризам сосе буџетот од 605 милиони денари, надминување на проблемите со Универзалната сала чија санација треба до почне во септември и да биде целосно функционална во 2027 година, актуелните проблеми во Националната галерија на Македонија, што ќе се случува со Плаошник во Охрид, на што ќе се фокусира Агенцијата за филм во наредниот период, можно ли е уривање на споменикот на Мајка Тереза на скопскиот плоштад. Ова се дел од темите што вчера беа начнати на брифингот на министерот за култура и туризам Зоран Љутков. На средбата со новинарите присуствуваа и директорката на Управата за заштита на културното наследство, Весела Честоева, в.д. директорот на Агенцијата за филм, Сашко Мицевски и раководителката на секторот за туризам во Министерството, Билјана Стефаноска.

Љутков се осврна на општата состојба во институциите во културата, не само во изминатите 7-8 години туку и во една поширока рамка во која ресорот култура имал ограничени ресурси.

– Тоа ни беше и главната активност во изминатата година. Имаше капитални проекти заглавени по 12-13 години во административни лавиринти, без јасна визија што ќе се случува со нив. Важно беше да направиме стабилизација на институциите и да решиме основни проблеми – рече Љутков.

Собранието завчера ги изгласа измените на Законот за туристичка дејност со која згасна Агенцијата за туризам и околу 30 вработени се префрлени во Министерството за култура и туризам. Веќе е направена измена во систематизацијата, за сите постапки да завршат побрзо. Се уредуваат просториите каде ќе биде сместен новиот сектор – во Министерството за енергетика на плоштадот „Македонија“. Буџетот од 605 милиони денари е слеан во Министерството за култура и туризам и ќе биде распределен за промоција и поддршка на туризмот – за Плаошник, Скопско Кале, Агенција за филм, Турски театар, Саем за туризам, креативни индустрии итн.

Формирана е работна група со претставници од туристичкиот сектор, здруженијата на туристички водичи и високообразовни институции кои ќе ги обучуваат идните професионалци со кои ќе е регулира работата на туристичките водичи. Тоа треба да ги реши долгогодишните проблеми со нелојалната конкуренција и туристичките водичи кои презентираат искривена слика за историјата и културното наследство на Македонија.

Тендерот за Универзална сала се отвора утре

Со ребалансот на буџетот донесен минатата недела ресорот ќе добие 267.811.000 денари. Парите ќе бидат употребени за исплата на плати, државни награди, национални пензии и национален уметник. Љутков нагласи дека од 2019 до 2024 година не се добивале пари за оваа намена со ребалансот, туку се надополнувале со кратење на постоечкиот буџет за реализација на програмите.

– Годинава за првпат добивме одобрување од Министерството за финансии. Тоа само по себе значи дека културата ги задржува сите пари за програмските активности каде нема скусување – рече тој.

Титулата национален уметник со години не се доделува, а на новинарско прашање дали ќе биде обновена тој одговори дека засега нема таква иницијатива.

Пожарот избувна на 9 април 2024 година

Реконструкцијата на Универзалната сала ќе почне на крајот на септември. По пожарот изготвен е проект со комплетна изградба, опремен ентериер, терморегулациски систем и партерно уредување. Објектот останува имот на Град Скопје и Општина Центар, но надминати се сите административни проблеми во однос на изведувачот на реконструкцијата што ќе биде целосно во надлежност на Министерството за култура и туризам. Салата треба да биде готова во 2027 година за да може со полн капацитет да се вклучи во манифестацијата „Скопје – Европска престолнина на културата за 2028“.

Тендерот за изведба ќе биде објавен утре, а постапката треба да трае околу 60 дена. За оваа година се обезбедени 15 милиони денари, се планираат 360 милиони денари за 2026 година, 450 милиони денари за 2027 година. Ќе останат упте 395 милиони денари за да им се доисплатат на изведувачите во 2028 година. Вкупно, тоа се 1 милијарда и 220 милиони денари (околу 19,8 милиони евра). Љутков рече дека во процесот на средување на документацијата за целосно преземање на одговорностите за реконструкција на Универзалната сала имале непречена соработка и до Град Скопје и со Општина Центар.

Во однос на подготовките за „Скопје – Европска престолнина на културата за 2028“ која ќе ја делиме со Ческе Будјејовице во Чешка и Бриж во Франција, Град Скопје како носител на проектот формираше координативно тело од 13 членови – 10 на предлог на Град Скопје и тројца од Министерството за култура. Љутков рече дека нема детали од програмата, официјалната страница на Скопје 2028 не е ажурирана. Се доцни со подготовките.

– Иако не сме надлежни за организацијата, како ресор стоиме на располагање да помогнеме да не ја загубиме номинацијата – рече Љутков.

„Секаде се поставени висококвалитетни луѓе“

Во однос на проблемите во Националната галерија на Македонија (НГМ) кои подолго време ја брануваат јавноста, Љутков негираше дека назначувањето на Али Синани за директор на институцијата е дека е политички договор со коалицискиот партнер „Вреди“. Тој рече дека на конкурсот се пријавиле четири кандидати и сите ги исполнувале условите, но тројца кандидати (кои се дел од вработените на НГМ н.з.) понудиле идентична програма.

Зоран Љутков

– Јас како министер, врз основа на пријавените на конкурсот донесувам решение за назначување на директор. Сепак, не можам да ги знам детално состојбите во секоја институција – има 72 национални установи во земјава. Затоа формирав и тричлена стручна комисија какао поддршка во процесот, ја разгледуваше документацијата и ми даде мислење – дали се доставени сите документи, дали се исполнети условите. Иако недостасувале одредени документи кај дел од кандидатите, имало добра комуникација со сите и документите биле доставени на време. Сите четворица кандидати ги исполнуваа условите, но во делот на понудената програма тројца кандидати поднеле идентична програма. Али Синани понуди визија која се поклопува со мојата визија и на основа на тоа е донесено решението за избор на директор. Нема ништо незаконско, ниту во процесот, ниту во одлуката – рече Љутков.

На новинарско прашање зошто се откажани подготовките за изложбата на реномираниот уметник од Албанија – Адриан Паци кој има светска уметничка кариера, Љутков одговори дека не се откажани, туку се одложени.

Поставка во објект на Националната галерија

– Во тој момент Синани ја преземаше должноста, а кустосот одговорен за проектот во тој момент бил на годишен одмор. Синани замолил подготовките да бидат одложени за извесен период. Директорите на институциите имаат автономно право да донесуваат одлуки – рече Љутков.

На прашањето за назначување на директори на институции во културата на основа на политички договор со коалицискиот партнер, Љутков рече дека секоја политичка партија преферира и сугерира одреден кадар.

– Секаде се поставени висококвалитетни луѓе, без разлика дали се од ВМРО-ДПМНЕ, „Вреди“ или СДСМ. Има директори на институции кои се поставени во време на претходната влада и не се сменети – Театар Комедија, Националниот џез оркестар, Музејот на современата уметност … – рече Љутков.

Тој додаде дека имало многу шпекулации во однос на овој случај – дека Синани назначил заменик-директор и веднаш заминал на одмор, дека барал службено возило, што за Љутков е логично прашање бидејќи живее во Гостивар.

Споменикот на Мајка Тереза нема да се урива

На прашањето дали има најави за отстранување на споменикот на Мајка Тереза на плоштадот „Македонија“ во Скопје, тој рече дека се планира проектот да се реализира, зашто уривањето ќе чини два пати поскапо од довршувањето.

На брифингот се осврна и на почетокот на работата на Инспекторатот за македонски јазик кој ќе функционира во рамките на Министерството за култура и туризам. Наскоро ќе биде објавен оглас за 12 вработувања.

Плаошник

За Плаошник се обезбедени 38 милиони денари со ребалансот на буџетот со кој објектите треба да бидат завршени до фаза на карабина. Проектот нема измени од основниот план пред повеќе од десетина години и се планира да се довршат сите предвидени објекти.

Сашко Мицевски најави добри денови за македонскиот филм. Потврда за тоа се двата филма што ќе имаат светска премиера на Филмскиот фестивал во Венеција – „Мајка“ на Теона Стругар Митевска и „Сиљан“ на режисерката Тамара Котевска.

Фото: Министерство за култура и туризам

Сподели