На 85 години почина карикатуристот Јордан Поп-Илиев. Toj e добитник на преку 100 награди и признанија на меѓународни конкурси и фестивали за карикатура, како и на десетина признанија од домашните простор.
Роден e во Неготино. Завршил Философски факултет – група Педагогија со Историја на уметност. Карикатурата му е преокупација уште од најрано детство. Активно почнува да црта карикатури од 1968-69 год. Објавувал карикатури во сите хумористични листови и во повеќе дневни листови низ екс-Југославија. Во 1977 год. ја издава првата книга со карикатури под наслов „Рогови“. Поп Илиев е еден од основачите на Здружението на карикатуристите на СРМакедонија во 1980 год. и на ФЕКО-Здружение на карикатуристите во светот.
Во 90-тите години од минатиот век бил редовен соработник во најпознати светски сатиричнохумористични листови: „Nebespalter“, Швајцарија; „Pardon“, Германија; „100-Blagues“, Франција и „Ca Bala“, Италија. Препечатуван е во сите хумористично-сатирични листови во светот. Самостојно изложувал свои дела во Амстердам -1984, Тренто -1989, Габрово -2008 и Северен Кипар -2008 год. Учествувал на повеќе групни изложби во странство и застапен е во околу 400 каталози.
Тој е прв македонски карикатурист кој отворил самостојна изложба на карикатури во странство (Легница, Полска, 1980 год.). Самостојно изложувал во Скопје (1981) како и во неколку градови низ Р. Македонија. Илустратор е на неколку учебници за основно и средно образование и илустрирал повеќе книги од самостојни автори. Застапен е во повеќе музеи на карикатурата во светот (Тренто, Толентино, Техеран, Габрово, Берлин, Истанбул, Мексико, Варшава, Монтреал, Рио де Жанеиро…). Застапуван е и во календари, рекламни паноа и плакати. Учесник е на низа колонии и собири за карикатури низ Европа.
Имал свои рубрики во неколку весници („Вечер“- „Црно на бело во колор“, во 1990-тите). Во „Дневник“ секојдневно соработувал од 2010 до 2013 год. Во овој период има изработено 1156 карикатури. Бил член на жири комисија за карикатури во Турција, Бугарија, Азербејџан, Косово и на повеќе конкурси во Скопје и низ Македонија. Денес, негови презентации можат да се видат и на повеќе електронски страни за карикатура во светот (околу 180 карикатури и скратени текстови).





