За подготовка за тест, на учениците им се даваат печатени материјали од учебниците или скрипти за да може ученикот да се потсети на учениот материјал или да го научи. Тестовите може два пати да се прават
Дванаесет години работа како наставник по математика во државни основни и средни и приватни училишта во Македонија, пишување раскази во списанието за деца „Другарче“, книги, математички приказни низ кои се обидуваше на поинаков начин да им ја приближи оваа наука на најмалите. Тања Бајрактарова-Веда вели дека нејзините работни места имаат „шаренолик“ опсег, а најголема придобивка е искуството. Таа речиси три години живее во Шведска. Работи како наставник што им помага на новодојдените ученици од Македонија кои имаат потешкотии во совладувањето на наставните единици поради недоволно познавање на шведскиот јазик. Истовремено студира на Стокхолмскиот универзитет за да може да предава математика во основно или средно училиште. Со Бајрактарова-Веда разговараме за нејзиното лично искуство со шведскиот образовен систем како мајка на две деца. Вели дека сите примери се однесуваат на училиштето каде учат нејзините деца и не се однесуваат на цела Шведска.

Тања Бајрактарова-Веда
– За да се запишете на Стокхолмскиот универзитет мора добро да го познавате шведскиот јазик. Можам да се пофалам дека успеав за година и половина да го совладам јазикот за да ги исполнам условите за упис. Интересно е и тоа што студиите опфаќаат методика и педагогија на наставата тука во Шведска и сосема ги комплетираат, дополнуваат и усовршуваат погледите кон учителската работа. Кога човек учи друг јазик, а воедно и живее во земјата каде се зборува јазикот, тој ја менува и структурата на начинот на размислување, а понекогаш се менува и сопствениот идентитет. Но, тоа е цела филозофија – раскажува Бајрактарова-Веда.
Како почнавте да ги пишувате математичките приказни?
– Пред десет години Ксенија Маказлиева-Трајчева виде во мене потенцијал кој реши да го менторира и развива. Нејзина идеја беше да ги спојам математиката и пишувањето. Така се создадоа математичките приказни. Тоа се всушност вообичени приказни, со имплементирани математички содржини. Следеше издавање на мојата прва книга „Балони и бонбони“, а потоа „Слушни, пеј, играј…“ која содржи традиционални песни и игри за деца во соработка со познатата виолинистка и пејачка Андријана Јаневска. Соработката сè уште трае. Потоа излегоа и други книги како „Заспивалки“ – прекрасно дело од песни и приказни во рима, исто така работено со Андријана Јаневска, но и „Волшебен свет“ кој претставува збирка од математички приказни наменети за прво одделение. Голем дел од моите необјавени раскази сакам да ги преведам и објавам тука во Шведска.

Вашите деца учат во рамките на шведскиот образовен систем. Може ли да наброите неколку основни разлики во основното образование во Македонија и во Шведска?
– Можам да објаснам за училиштето во кое учат моите две момчиња, соодветно 6-то и 2-ро одделение. На почетокот најмногу бев изненадена од фреквенцијата на домашната работа. Ја добиваат на крајот на неделата, во петок и таа се состои или од домашна работа по математика или по шведски јазик, на најмногу две страници А4 формат. Но, често се случува наставниците да им дадат книги за читање дома, доколку учениците не успеат на часовите да завршат со читањето одреден број страници од книгата. Сите домашни работи предвидено е децата да ги завршат самостојно. Моите деца ретко учат од учебници дома. Голем дел од наставата се одвива се одвива преку видеонаставни материјали, работа во групи за која лично сметам дека е многу ефективна, како и настава во природа, посета на музеи, соработка со други училишта и слично. За подготовка за тест, на учениците им се даваат печатени материјали од учебниците или скрипти за да може ученикот да се потсети на учениот материјал или да го научи. Но, ако побара ученикот, наставникот е обврзан да му го даде учебникот, а тоа се случува најчесто за подготовка за тест. Тестовите може два пати да се прават. Морам да нагласам дека наставни ресурси има во изобилство: од хартии, фломастери, острилки, боички, тетратки до печатачи и алатки што се користат за техничко образование, како на пример пила или бормашина. Значајна разлика е исто така соединувањето на предметите. На пример, предметот Социјално-ориентирани науки ги вклопува во себе науките историја, географија, општество (религија), додека предметот Природно-ориентирани науки ги опфаќа биологија, хемија и физика. Во сите предмети е вклучено критичко размислување, кое учениците се поттикнуваат да го создадат, искажат и развијат. Со самото тоа што постои корелација меѓу предметите, се охрабрува критичкиот пристап. Не се учи сувопарно, преку факти и „на памет“ туку се размислува, дискутира и аргументира за наученото.
Во Македонија во тек се реформи во основното образование. Дали ги следите и каков е Вашиот став во однос на промените?
– Јас сум за промени. Кога човек менува нешто, тој учи нови работи. Дури и да не е „добар“ исходот за поединецот (релативно е тоа што е „добро“ за некого), за мнозинството евентуално ќе има позитивен ефект. Велам евентуално бидејќи ние луѓето сме зависни од времето. Треба да помине извесно време за да можеме ние, во рамките на еден човечки живот или можеби не, да согледаме дека нешто е добро за нас и нè бутка напред. Затоа што и да не е добар исходот за мнозинството, останува искуството кое е бесценето и од кое дознаваме многу нешта. На крајот, евентуално, сепак одиме напред, независно од времето. Предложените реформи во основното образование во Македонија наликуваат на оние наставни програми на кои јас сега студирам, а моите деца веќе ги следат тука во Шведска. Навистина е тешко да се прифатат промени, но јас предлагам во разгледувањето на предложените наставни програми да се има неполитички и објективен аргументиран пристап. Кога еден граѓанин на Македонија ќе ја отвори и прочита предложената наставна програма, треба да биде објективен во своите согледувања, јасен во своите ставови, разбирлив, но со критички пристап кон проблемот.

И самата во Македонија користевте иновативни методи на предавање математика. Каков методолошки пристап користевте во вашите математички приказни?
– Математичките приказни ги употребувам посебно во одделенската настава. Тие навистина придонесуваат да се совлада наставната единица најмногу поради тоа што го привлекуваат вниманието на учениците. Секој сака да слуша приказни. Тоа се приказни кои обработуваат теми од секојдневието, но со имплементирани математички знаења и термини. Приказните се интересни, забавни, примамливи, а учениците суптилно ја примаат математичката содржина од нив. Во 2017 и 2018 година, во соработка со театарското здружение „Колектив Ветерница“ успеавме да ги драматизираме приказните и да ги презентираме во три училишта во општина Центар. Фидбекот беше навистина позитивен од страна на наставниците, а учениците уживаа во интерактивните претстави работени врз база на моите математички приказни. Уште пред да дојдам во Шведска, моите предавања речиси не се разликуваа од предавањата на еден шведски наставник. Интересно е тоа што јас не ги оценував учениците после одреден тест. Им го давав проверениот тест на учениците назад, да ги согледаат грешките и да ги научат нештата како што треба. Нели одат во училиште да научат, а не да ги оценуваме и критикуваме? Не за џабе велат дека оценката не е мерило на знаењето. И тоа навистина е така во овој контекст.

Промени во образованието ни се неопходни. Но, дали олку комплексни реформи треба да се брзаат?
– Секој може да се навикне на нешто подобро. Реформите навистина се комплексни за ова поднебје, но не и избрзани. Нормално е да се мисли дека реформите се избрзуваат посебно во оваа наставна констелација. Но, земете предвид дека мнозинството од останатите западни земји го употребуваат сосема истиот начин на настава како што се предложува сега во Македонија. Тој не е воведен неодамна за да не можеме да ги видиме позитивните резултати. На ваков начин, преку дигитализација на наставата, во Шведска веќе учат најмалку десетина години, ако не и повеќе. Тоа значи дека имале доволно долго време да ги истражат, класифицираат, детализираат резултатите од ваквиот образовен систем. Како што знаете, скандинавските земји се наоѓаат во првите 15 земји во светот на ПИСА тестовите. Освен тоа, предложено е првата година реформата во Македонија да се спроведе само во четврто одделение, а тоа воопшто не наликува на некој избрзан процес.

Од своето искуство, какви реформи во предметот математика ни се потребни во основното образование?
– Наставата по математика има комплексен концепт. Да се рече дека некој наставник е добар, треба многу критериуми и услови да се задоволат. Искуството е важно, но во линија со тоа е и волјата и желбата да се пренесе знаењето на учениците. Многумина го поседуваат тоа, но што се случува со останатите? Потребно е воведување нов предмет во студиите кој би ја опфаќал педагошката реторика: Што е добро, а што не да се каже на ученикот? Како треба еден наставник да се однесува во училиште? Како наставникот да се справи во различни ситуации? Затоа што наставник не се раѓа, наставник се станува. И секој може да стане добар наставник, доколку сака. Исто така потребно е математиката во пониските одделенија да се изучува повеќе преку игра, разговор, соодветни логички предизвици, мултимедијални содржини и примена на математиката во секојдневниот живот. Приказните кои јас ги употребувам во наставата го нудат сето тоа. Но, пожелно е да се модифицира наставата по математика и за погорните одделенија во насока на согледување на нејзината примена. Затоа е потребно воведување посебен предмет во студиите кој ќе ја опфаќа примената на математиката во секојдневието.





