Конески борејќи се за своето, за нашето, никогаш не се бореше против туѓото

Неретко неговото име се злоупотребува во дневно-политичките пресметки на национална основа, неговите зборови се вадат од контекст, вели писателката Лидија Димковска

„Дај Боже секои сто години да ни се раѓа по еден Блаже!“ се зборовите со кои Петре М. Андреевски во 1993 година се збогувал со Блаже Конески. Годинава Македонија одбележува 100 години од раѓањето на великанот Конески. По сите бури со македонскиот јазик особено во последните години се наметнува прашањето, освен декларативно, дали сме ја сфатиле суштината на неговото дело?

Според писателката Лидија Димковска, за личност како Блаже Конески, толку значајна за македонскиот јазик, литература и култура, не го чуваме доволно неговото име, дело и наследство. Таа вели дека неретко неговото име се злоупотребува во дневно-политичките пресметки на национална основа, неговите зборови се вадат од контекст и се ставаат во друг иако во делото на Блаже Конески е јасно дека тој, борејќи се за своето, за нашето, никогаш не се бори против туѓото и другото во смисла на дискриминација или неприфаќање.

Лидија Димковска (фото: Наташа Купљенак)

– Блаже Конески е нашиот прв инклузивист, космополит кој би требало да ни биде пример и поттик за сожителствување меѓу народите, јазиците и културите. Други култури од личност како неговата досега ќе направеа светски позната референца. Ние не сме способни ни да објавиме нови изданија од неговите избрани песни во најдобрите светски издавачки куќи. За жал, нема кој да се занимава со тоа, а би требало, и тоа како! И во Македонија треба да се создаде поинаков пристап кон неговите дела, па младите читатели да го читаат и вонучилишната лектира за да можат сами да се идентификуваат со неговото писмо. Секој голем творец може да биде „кул“ за младите генерации, во тоа сум сигурна. Стогодишнината од неговото раѓање може да биде одлична шанса за повеќеслојно и најразновидно претставување на делото на Блаже Конески пред најразличен вид публика, а не само во академската сфера. Оваа година сѐ би требало да биде во негов знак. Но не церемонијално, туку суштински, какво што е и неговото дело – вели Димковска.

„Бренд на слободарската и независна Македонија“

Повеќе автори периодов издаваат книги инспирирани од ликот и делото на Конески. Еден од нив е и Томислав Османли, кој ја издаде поемата „Бдеења Блажеви“.  Во поговорот за книгата  Глигор Стојковски напиша дека Османли создал поетски текст со кој едноставно, прецизно и убедливо, ја отсликува суровоста на нашата реалност.

„Но, менувајќи ја формата на книжевниот израз, отвора пред себе нов простор, ја зголемува сугестивноста, ефектот е значително поголем. Ставајќи ја комплексната личност на Конески во центарот на поемата, ставајќи ги во неговата близина и Рацин и Миладиновци, Османли не само што не може, туку безмалку свесно настојува да се чувствуваат благи навеви од нивните песни, низ алузии, низ ритамот, низ лексиката… низ нивното чувствување на поезијата и на животот“, пишува Стојковски.

Хрватскиот македонист и голем поборник за македонскиот литературен јазик и култура, Горан Калоѓера на својот фејсбук-профил напиша прекрасни зборови за значењето на Конески, за кого вели дека е „бренд на слободарската и независна Македонија“.

– Секој што се обидува да ја намали неговата величина е будала или неписмен човек. Ние, надвор од границите на Македонија, знаеме многу добро што тој „мал, голем човек“ направи за Македонија. И ние тоа го цениме, почитуваме и достоинствено го вреднуваме. На великаните треба да им се оддаде достојна почит. А Блаже Конески тоа го заслужува – напиша Калоѓера.

Горан Калоѓера

На почетокот на годинава, Меѓународниот семинар за македонски јазик својата Прва зимска школа ја посвети токму на Конески. Проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, директорка на Семинарот, вели дека голем предизвик била идејата што тлеела повеќе години и како вулкан еруптирала кон крајот на 2020 година. Слушателите биле 50-ина студенти, професори, истражувачи на македонскиот јазик, литература и култура, но и балканисти и слависти.

– Големиот интерес се должи и благодарение на вложеноста на нашите лектори по македонски јазик во лекторатите на странските универзитети, како и на професорите/предавачите македоности и слависти на странските универзитети. Треба да се истакне дека двете групи семинаристи што беа дел од напреднатиот курс (литература и култура) кај мене, како и од напреднатиот курс за преведување кај Роза Тасевска, работеа на исчитување и преведување на избрани текстови од творештвото на Блаже Конески. Овој пат се работеше на помалку познатите стихови, зашто Конески не е само „Тешкото“ и „Везилка“. Конески треба да се спознае и преку неговите минијатури, но и лирски и прозни записи, преку неговите раскази од единствена збирка во проза „Лозје“ – вели Мојсова-Чепишевска.

Македонски учебници за странци, насловени според неговите дела

Сите учесници добро знаеја кој е Конески, но научија и нешто ново, вели професорката.

– Се разнежија пред стиховите што Конески ги има напишано за децата како „Приспивна“ или „Дете заспано крај езеро“, се возбудија пред неговите минијатури и лирски записи заради откритието како од секојдневните работи знае незабележително да направи мала филозофија на животот. Лекторските часови беа вистински (мали по времетраење, а големи по значење) симпозиуми. Сите со страст преведуваа на своите јазици. Така што нивните преводи се извонреден и драгоцен материјал настанат во текот на самата школа и благодарение на тоа ќе го имаме творештвото на Конески на преку 10 јазици – вели Мојсова-Чепишевска.

Весна Мојсова-Чепишевска

Наставата за сите нивоа на познавање на македонскиот јазик се одвивала на почетно, средно и напреднато рамниште по учебниците за македонски јазик за странци. Насловите на учебниците се според дела на Конески: „Тешкото“ од Симон Саздов, „Лозје“ од Гордана Алексова, „Златоврв“ од Анета Дучевска и „Везилка“ од Весна Мојсова-Чепишевска, во издание на УКИМ.

– И преку самите наслови на учебниците, позајмени од творештвото на Конески, ние му се оддолжуваме и поклонуваме на великанот. Мислам дека е јасна алузијата што сакавме да ја постигнеме и преку самите наслови. Кога започнува да се учи македонскиот јазик (како и секој друг јазик) тогаш се игра ТЕШКОТО, но потоа треба да се ископа големото ЛОЗЈЕ за да се стигне до еден свој ЗЛАТОВРВ. Кога тоа ќе се постигне… е тогаш секој еден може да почне да везе како онаа ВЕЗИЛКА на големиот Конески! Со Првата зимска школа го зацврстивме и самото име на Конески. Иако, реално не може никој да го оспори. Тој е неприкосновен во она што го направи и на полето на науката на јазикот и на полето на науката за книжевноста. Но, и во самата книжевноста преку својот автентичен поетски глас како дел од современата македонска, и европска и светска поезија, но и на полето на преводот/препевот – завршува Мојсова-Чепишевска.

 

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.

Сподели