Сашо Димоски, драматург: Театарот мора да се менува за да преживее, а промените не му се новости

Романот „Петтото годишно време“ го публикуваше „Култура“ во 2015 година, а непосредно по објавувањето го доби „Рациновото признание“. Шест години подоцна, низ оваа претстава, текстот од романот добива смисла повеќе, барем за мене – вели Димоски

Претставата „Петтото годишно време“ по текст на Сашо Димоски, во режија на Васил Зафирчев, а во изведба на балерината Олга Панго, ќе биде премиерно изведена вечерва во 20 часот на големата сцена „Петре Прличко“ во велешкиот театар. Станува збор за магистерска претстава по театарска режија на Васил Зафирчев, под менторство на проф. Дејан Пројковски на Факултетот за театарски уметности на Универзитетот „Еуропа прима“ во Скопје. Сценографијата, видеото, илустрациите и рекламниот материјал за претставата се на Филип Коруновски. Костимографијата е на Раде Василев, а автор на аудиодизајнот и музиката е Сашко Костов.
„Петтото годишно време“ е претставата за една балерина на 73 години, сместена во старечки дом, која иако боледува од Алцхајмерова болест, грчевито се бори да ги оживее најзначајните моменти, настани и случки од нејзиниот минат живот, со цел да стигне до нејзиниот вечен сценски момент, кој практично ќе значи и нејзина конечна физичка смрт.
Првата реприза на претставата е на 16 јуни, а на 24 јуни претставата ќе биде изведена и во рамките на фестивалот на монодрама во Битола. Разговараме со авторот на текстот Сашо Димоски, кој е и директор на Велешкиот театар.

Како се роди „Петтото годишно време“?

– Романот „Петтото годишно време“ го публикуваше „Култура“ во 2015 година, а непосредно по објавувањето го доби „Рациновото признание“. Во 2018 година издаден е на албански јазик од издавачката куќа „Омбра ГВГ“ од Тирана. Шест години подоцна, низ оваа претстава, текстот од романот добива смисла повеќе, барем за мене.

Сте направиле интересен избор со Олга Панго како главен лик. Може ли повеќе за спојот меѓу креативците во претставата и дали беше едноставно да се дојде до премиерата?

– Потребни беа само неколку средби на кои се прецизираше рамката во која претставата ќе се гради, исчистен текст, осмислена сценска семантика и прецизирани типови мизансцен. Останатото се два месеци интензивна потрага по говорот на телото во криза и негова артикулација во севкупноста на изведбата. Синкретичноста на оваа претстава, која се потпира на спецификата на перформерот и неговата органика, врамена е во силна аудиовизуелна слика на апстрактни атмосфери – состојби меѓу заборавот и сеќавањето, меѓу неможноста за говор и потребата од говорење, меѓу забрзаното и забавеното време, меѓу Ерос, Хипнос и Танатос, претстава чиј прецизен механизам функционира како колаж од слики кои се менуваат.

Народниот театар „Јордан Хаџиконстантинов-Џинот“ е еден од ретките кај нас кој успеа и во пандемија да се прилагоди некако на новите услови, имавте и онлајн-проекти и брзо и се вративте на публиката со претстави со помалку актери. Беше ли предизвик целата ситуација?

– Од почетокот на пандемијата до сега Велешкиот театар премиерно ги прикажа: интернет-серијалот од дванаесет епизоди „Тој и Таа“, театарската инсталација за еден гледач „Херои 04:33“, произлезена директно од нормативот на забрани и заштити од ковид-19, театарската претстава со маскоти „Шумска болница“, монодрамата „Исмена“, претставата „Четири соби“ и танцтеатарската претстава „Петтото годишно време“. Настапивме на неколку фестивали – Охридско лето, МОТ, Ристо Шишков, Косово Шоукејс, Сараевска зима, Град Сараево. Ова се доволни показатели дека со добра и осмислена организација на продукциите, рамката на пандемијата се покажува како провокација за исчекор напред.

Олга Панго

Се плашите ли дека на театрите им се заканува опасноста да ја изгубат својата верна публика?

– Можеби ерата на дигиталните медиуми на посредното искуство, времето на екраните од секаков тип ја истиснува важноста и смислата која театарот традиционално си ја препишува себеси. Тоа треба да значи само дека театарот мора одново да си ја најде својата публика, да ја измисли, а со тоа одново да се измисли себеси по 2500 години. Театарот мора да биде свесен за потребата од еволуција која е едноставна последица од еволуцијата на публиката. Театарот мора да се менува за да преживее, а промените не му се новости.

Каде е местото на македонскиот автор на сцените? Како се уште да сте во трагови авторите кои добиваат шанса да бидат поставени?

– Македонскиот автор треба да се избори за своето место преку автентичен однос кон светот преточен во драмска структура и писмо, да си го најде своето место наоѓајќи се себеси и создавајќи тимови во кои патот на пронаоѓањето ќе резултира со смислата на сценското дело. Осмислувајќи го својот пат, да се осмисли себеси. Велешкиот театар секогаш им дава шанса на младите автори и ја стимулира домашната драма, на неговата сцена се праизведени значајни македонски текстови, а изведени се голем број други, што ја потврдува свесноста за фактот дека без национална драма невозможен е национален театар.

Дали можеби летово и убавите месеци планирате да имате и проекти на отворена сцена?

– Во подготовки сме за годинешното издание на ИФАД Стоби кој ќе биде отворен со Есхиловата „Орестија“, во нејзината интегрална форма, копордукција меѓу Велешкиот театар и Националната опера и балет, пробите веќе течат. Најголем дел од претставите во годинешната селекција на фестивалот ќе се изведуваат на неколку отворени сцени.

 

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.

 

Сподели