За публика со силен желудник – изложба и разговор со контроверзниот Олег Кулик во „Мала станица“

Олег Кулик е роден во 1961 година, во Киев, и важи за еден од основачите на акционизмот во постсоветска Русија

Изложбата Merry-go-round на Олег Кулик, еден од најконтроверзните уметници од Источниот блок, ќе биде отворена на 22 јуни во Мултимедијалниот центар „Мала станица“ во Скопје. Ќе бидат претставени неговите антологиски акции од 90-тите години на минатиот век и познатите амблематски изведби од сериите „Бесно куче“, „Јас ја касам Америка, Америка ме каса мене“, „Ја сакам Европа, а таа не ми ја возвраќа љубовта“, фотоколажи од 2000-та, како и нов перформанс и скулптура изведени во соработка со Музејот на современа уметност на Војводина. Изложбата ја организира Националната галерија во соработка со Олег Кулик и МСУ на Војводина, од каде што ќе биде преземена.

Кулик вели дека ова е ретроспективна изложба на неговите перформанси, но од гледна точка на неговиот нов период – периодот на скулптури.
– Всушност, ова е враќање кон моето потекло, откако започнав како вајар во раните 80-ти години. Така, јас гледам на моите перформанси како скулптор и гледам нови аспекти на телото. Сега ме интересира телото како скулптура. Порано имав интерес кон телото во одредена ситуација – вели Кулик.

Изложбата ќе биде поставена до 15 јули, а одговорна за проектот е Ана Франговска, виш кустос во Националната галерија. За времетраењето на изложбата ќе се организира и онлајн разговор со Олег Кулик, а во почетокот на јули во Скопје ќе гостува и Сања Којиќ-Младенов, куратор на проектот во МСУ на Војводина. Таа ќе одржи предавање за соработката со Кулик и за неговите позначајни проекти.

Франговска вели дека акциите и перформансите на Кулик сѐ уште предизвикуваат непријатност, отпор, па дури и шок, а дефинитивно ги поставувале и сѐ уште ги поставуваат дискурсите за дозволивото и општествено прифатливото во уметноста.
Сања Којиќ-Младенов вели:
– Олег Кулик е еден од клучните меѓународни уметници кој ги проблематизира маргинализацијата на источноевропскиот контекст од страна на западната уметничка сцена, транзициските општествени промени на комунистичкиот режим и критиката на соцреализмот во уметноста, важен исто така и за разгледување и деконструкција на современата уметност во нашиот регион.

Олег Кулик е роден во 1961 година, во Киев, и важи за еден од основачите на акционизмот во постсоветска Русија. Преку својата работа ги истражува односите меѓу политиката и моќта, емоционалните и физичките аспекти на односот меѓу луѓето и животните, нормалноста и отстапувањето, кичот и уметноста. Дипломирал на Кралската уметничка школа во 1979 година. Ја започнал својата кариера како кустос во галеријата „Риџина“ во Москва, каде што неговите неконвенционални изложби и пристапи веднаш го привлекле вниманието на јавноста. Од 2000-та се занимавал главно со техники како што се фотоколаж, скулпторски инсталации, сликарство и перформанси.

Учествувал во многу меѓународни проекти и биеналиња, вклучувајќи го и Биеналето во Венеција, како и Фестивалот Манифеста, а неговите дела се чуваат во колекции низ целиот свет во некои од најважните музеи, како што се „Тејт модерн“, „Помпиду“, Галеријата „Третјаков“ и други. Бил стипендист на Фондацијата „Полок-Краснер“ (1990) и на Берлинскиот сенат (1995). Покрај многуте меѓународни награди, Кулик е одликуван и со Медал за заслуги (Достојниот) од Руската академија на уметностите. Живее и работи во Москва.

Фото: НГМ

 

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.

Сподели