Праизведба на „Само глас“ на Нина Плавањац во МНТ: Мојата баба беше Македонка, чувствувам силна врска со македонскиот јазик

Како млада авторка, многу сум благодарна што наидов на такво разбирање и почит од едни од најталентираните и најостварени уметници во регионот – вели драмската авторка од Белград

23-годишната драмска авторка од Србија, Нина Плавањац се потпиша на текстот „Само глас“, кој вечерва во 20 часот на сцената на Македонскиот народен театар ќе ја доживее својата праизведба. Претходната добра соработка со режисерот и композитор Марјан Неќак ја донесе младата авторка во Скопје, каде соработуваше со актерката Звездана Ангеловска која ја толкува главната улога и го преведе текстот и Никола Ристановски, кој се појавува со глас.

Плавањац дипломирала во 2019 година на Катедрата за драматургија при Факултетот за драмски уметности во Белград. Нејзиниот драмски текст „Бесмртни“ влегол во најтесниот избор на „Стериино позорје“ со четирите најдобри текстови во Србија за 2015 година. Истиот текст авторката го адаптирала за радио, по што Радио Белград 2 ја снима радиодрамата и следната година ја емитува во главната програма. Текстот „Каде дрвјата сјаат“ влегол во изборот на „Heartefact“, фондацијата за пет најдобри драмски текстови од земјите на бившата СФРЈ во 2016 година.

Две радиодрами на Плавањац ја освоиле втората награда на конкурсот „Неда Деполо“ на РТС и се меѓу петте најдобри радиодрами на РТС за 2018 година. Работела како драматург, лектор и преведувач на мјузиклот „Коса“ во копродукција на Театарот за млади од Нови Сад и Новосадскиот театар каде што премиерната изведба се одржала во декември 2019 година. Сценарист е на неколку кратки играни филмови.

Со неа разговараме за соработката со МНТ, со актерите и предизвикот да се доживее праизведба на свое дело на друг јазик.
– Кога се запознавме со Неќак пред две години, брзо откривме дека имаме слични поетики и однос кон работата, па заедно влеговме во процесот на подготовка на неколку проекти. „Само глас“ е наш прв реализиран проект и на оваа претстава гледам како на целосна симбиоза помеѓу идејата и чувствата на целата екипа. Како млада авторка, многу сум благодарна што наидов на такво разбирање и почит од едни од најталентираните и најостварени уметници во регионот. Процесот претставуваше непрестано надградување и развивање идеја, како и темелно и посветено истражување на темите со кои се бавиме – вели Плавањац.

Таа признава дека и e невообичаено што праизведбата и е на странски јазик, но истовремено, тоа е и најсреќниот сплет на околности.
– Мојата покојна баба беше Македонка, така што чувствувам силна врска со македонскиот јазик и мојот текст на него ми звучи сосема природно. Oсвен што била Македонка, мојата баба исто така била надарена писателка и претпоставувам дека потребата за пишување сум ја наследила од неа – вели таа.

Таа вели дека патот на младиот автор да стигне до професионална сцена е макотрпен, а патот да дојде до почит и третман што го заслужува, е скоро невозможен.

– Оттаму е и моето изненадување на среќата што сум ја имала. Не е доволно само да се изведе текст на млад автор, неопходно е да го третирате со професионализам и посветеност, за младиот автор да добие шанса да се афирмира – вели Плавањац.
Неќак е и автор на музиката, сценограф и дизајнер на светлото. Освен актерите, учествува и балетанот Мирослав Митрашиновиќ.
Ова е приказна за силна и талентирана жена, која преку ниска постапка го доживува најпонижувачкиот момент во својот живот, борејќи се за сопствениот идентитет. Позната е само Таа, бидејќи во нејзината личност се измешани повеќе архетипови: на ќерка, на дете, на жена, на љубовница, на ѕвезда, на протагонистка и на антагонистка.

Нина Плавањац

Се поставуваат повеќе прашања: Постои ли лек за осаменоста и како да се пополни празнината во себе? Бегање или самоизолација, прејадување или гладување, самоизмама или сурова искреност, фатална љубов, опсесија? Како да разликуваме опсесија од безусловна љубов и постои ли воопшто безусловна љубов? Како повторно да се пронајдеме себеси, кога одамна сме изгубени и животот не e налик на она што мислевме дека ќе биде? Како се станува од дното на кое никогаш не сме мислеле дека ќе завршиме?
Претставата ќе биде изведена и на 27 и 29 мај. Костимограф на претставата е Наташа Павлиќиќ, видеодизајнер – Марин Лукановиќ, а за дизајнот на плакатот се погрижи Зоран Кардула.

 

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк

Сподели