На 22 мај, ден кој уште е познат и како летен Св. Никола, цветаат кактусите во Демир Капија. Така велат мештаните кога ќе ги прашате кое време во годината е најдобро за посета на ова живописно место.
Долината на кактусите се наоѓа во близина на напуштеното село Клисура, на околу 5 километри јужно од Демир Капија. Тука, во непосредна близина на Долината е и црквата „Св. Никола“ во која на 22 мај доаѓаат жителите на Демир Капија да го прослават празникот во дворот на црквата.
Џуџестите кактуси од родот Opuntio припаѓаат на вид што вирее во Мексико. Имаат жолтеникаво-белузлав цвет. Плодот се задржува подолг период и е со црвеникаво-виолетова боја, со цилиндрична форма.









