Писателот Јован Павловски за фотографијата со Салвадор Дали

Во архивата на писателот и новинар Јован Павловски има стотици фотографии од интервјуа, настани од областа на културата. Една од нив го заинтригира вниманието на Умно.мк. Тоа е фотографијата снимена во јануари 1971 година, сликана во Париз, на изложбата која таму ја имаше Вангел Наумовски. На неа се, меѓу другите, Јован Павловски, Слободан Мицковиќ, југословенскиот амбасадор во Франција во тоа време Иво Вејвода. И – Салвадор Дали. Со негувани мустаќи, навистина, не едниот угоре, другиот удолу…

– Ќе забележите на фотографијата, Дали внимателно ги гледа изложените слики од Наумовски. Не можам точно да цитирам што рече, но точно се сеќавам дека беше исклучително задоволен од делата на нашиот сликар. И изненаден, пријатно, се разбира. Како и секој парижанец, кога му објаснивме дека авторот е од југословенската република Македонија, не пропушти да ја спомене Salade Macédoine… – се сеќава Јован Павловски.

Според авторот Асен Групче и неговата книга „Охрид; културниот живот и творештво во Охрид и Охрдиско во 20 век: преглед на поистакнати личности од 20 век“, во издание на „Матица македонска“, Дали изјавил дека „Наумовски е сликар од бајките.“

– На сликата, прв од десно е тогашниот југословенски амбасадор во Франција Иво Вејвода кој навистина многу се ангажираше да ја донесе изложбата на Вангела во Париз. До него е македонскиот писател Слободан Мицковиќ, јас сум во средината, со прекрстени раце. Морам да кажам, во позадината, се гледа лицето на мојата сопруга, Оливера Павловска – се смее Јован.

Јован Павловски

Тој вели дека му е особено драго што ја нашол оваа фотографија.

– Потсетува на настан кој во тоа време одекна многу сериозно и во Македонија и во тогашна Југославија, а што е многу значајно и во париските културни кругови. Секако, потсетува и на младоста – заклучува Павловски.

Вангел Наумовски е роден на 22 март 1922 година во охридското село Скребатно. Се запишал во Средното уметничко училиште во Скопје, но во 1947 година е исклучен од истото како „неталентиран“. Првата негова работа е цртач во ателјето за резба во Охрид, додека неговата прва изложба е во родниот град Охрид во 1954 година, пишува Википедија. Има над 30 самостојни изложби и 100 групни претставувања, а неговите дела се наоѓаат во многу музеи во Македонија и низ светот. После следувале нови изложби и награди и признанија. Првпат во странство Наумовски се претставил во 1961, додека во 1967 година станал член на Друштвото на ликовните уметници на Македонија, кое на изложба во 1969 година му ја доделил наградата „Свадбен венец”. Истата година градот Охрид му ја доделил наградата за сликарство „Седми ноември”, година која е забележана и по неговото целосно преминување во сликарството како слободна професија.

Дело од Вангел Наумовски

Во 1974, Наумовски е награден со Гран при за сликарство од Колекцијата „Винстон” во Женева, ја добил и наградата за сликарство „Нерешки мајстори” на ДЛУМ, а во 1979 година стана член на италијанската Academia Italia de belle Arti e del Lavoro, од каде што е номиниран и за академик. Во Италија е награден и со Premio d’ Italia 1980. На првото Биенале на југословенската самоука ликовна уметност во Светозарево во 1981 година добил откупна награда, а во истата година и награда за цртеж од Музејот на современата уметност во Скопје.

 

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.

Сподели