Голем интерес за мастеркласот на хрватскиот илустратор Свјетлан Јунаковиќ во рамките на „Литера“

Големиот хрватски илустратор Свјетлан Јунаковиќ денеска во 18 часот ќе одржи онлајн-мастерклас наменет за илустратори, студенти, вљубеници во илустрацијата. Мастеркласот не еден од најголемите хрватски и европски илустратори е во рамките на третиот Фестивал за литература и илустрација за деца „Литера 2021“. Оттаму велат дека 50-ина илустратори и автори се пријавиле за да го проследат мастеркласот на Јунаковиќ.

– Тоа ги потврдува нашите напори да влијаеме позитивно на можноста за споделување искуства на светски познати уметници со нашата илустраторска фела – велат од „Литера“.

Мастеркласот ќе трае два часа и ќе се реализира на платформата „Зум“.

Свјетлан Јунаковиќ е роден на 23 јануари 1961 година во Загреб. Тој е сликар, скулптор и илустратор, најдобро познат по неговите детски сликовници. Освоил бројни меѓународни награда за неговите илустрации и учестувал на бројни изложби низ Европа. Дипломирал на Академијата „Брера“ во Милано, каде и специјализирал скулптура. Професор е на Академијата за применета уметност во Загреб и на Меѓународната школа во Сармеде во Италија.

САКАМ ДА ГИ ОХРАБРАМ МАКЕДОНСКИТЕ ИЛУСТРАТОРИ ДА НАПРЕДУВААТ ВО ОВАА МНОГУ УБАВА, НО И МНОГУ ТЕШКА РАБОТА

Јунаковиќ беше финалист на меѓународното биенале на наградата Ханс Кристијан Андерсен во 2008 и во 2010 година. Многу меѓународни награди се дел од неговата биографија.

– За нас е голем предизвик да го доближиме светското искуство до нашите млади илустратори. Професорот Јунаковиќ срдечно прифати да сподели дел од своето богато искуство со нашите илустратори и ова е само почеток на соработката со големиот уметник. Прва прилика кога ќе се создадат услови, ние ќе организираме и негова изложба и работилници во живо – велат од „Литера“.

Можете да го пријавите вашето учество на следниот линк најдоцна до 14 часот денес.

 

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.

 

Сподели