Визионерот што живееше во иднината

На денешен ден е роден Никола Тесла. За него нема да откриеме нешто ново во овој текст, но секогаш е добро да се потсетиме на големите научници што оставиле џиновски траги во историјата

Пред 165 години, во летна ноќ со бура и молњи, во Смилјан кај Госпиќ е роден големиот изумител, електротехничар, физичар Никола Тесла. Легендата вели дека кога се родил, бабицата рекла дека тоа ќе биде дете на темнината, но мајка му Георгина (Ѓука) рекла:
– Не, ова ќе биде дете на светлината!

Родното место на Никола Тесла, Смилјан, Хрватска

На денешен ден е роден Никола Тесла. За него нема да откриеме нешто ново во овој текст, но секогаш е добро да се потсетиме на големите научници што оставиле џиновски траги во историјата. Никола Тесла потекнува од православно семејство. Татко му Милутин бил свештеник, а и мајка му Ѓука потекнувала од православното свештеничко семејство Мандиќ. Имал три сестри, Милка, Ангелина и Марица, и брат Дане што починал кога бил мал.

Школувањето го почнал во родниот Смилјан, каде учел германски јазик, сметање и веронаука. Заминал во Госпиќ каде учел подготвително основно училиште и нижа гимназија, пишува во неговата биографија на интернет-страницата на Меморијалниот центра „Никола Тесла“ во Смилјан.
Виша гимназија завршил во Карловац, па добил стипендија за Високата политехничка школа во Грац. Поради укинувањето на стипендијата, Никола не успеал да заврши втора година, па се препуштил на картање и коцкање за да ја надомести финансиската загуба. Не успеал во намерата и се откажал од студирање пред трета година. Кратко време работел во Марибор, а по смртта на татка си во 1879 година работи во гимназијата во Госпиќ. Во 1880 година се обидува да се запише на факултет во Прага, но не успеал, па следната година почнал да работи во Будимпешта на изградбата на првата телефонска централа.

Мајка ми беше исклучителна жена

Иако за својата инвентивност треба да ѝ се заблагодарам на мајка ми за нејзиното влијание, вежбите што ми ги даваше татко ми беа многу корисни. Содржеа многу задачи, на пример, погодување туѓи мисли, откривање разни грешки или изрази, повторување долги реченици или сметање на памет. Тие дневни вежби ми го зајакнаа помнењето и разумот, посебно критичкото мислење и несомнено ми беа многу корисни. Мајка ми потекнуваше од едно од најстарите семсјтва во тој крај и во себе носеше инвенторска жичка. И нејзините татко и дедо измислиле многу помагала за домаќинството, земјоделството и за други цели. Навистина беше исклучително способна жена, храбра и постојана, ги совладуваше животните бури и од нив излекуваше големи поуки… Мајка ми беше првокласен изумитал и верувам дека би постигнала многу, да не беше толку оддалачена од современиот живот и многуте можности што ги нуди.

Во Париз Тесла работи во фирмата на Едисон (Continental Edison Company) и во 1883 година во Стразбур го конструирал првиот модел на индукциски мотор. По враќањето од Париз, Тесла добил препорака од Чарлс Бечелор и во 1884 заминал за Њујорк и се вработил во компанијата на Едисон. По недоразбирањљето со него во 1885-та, Тесла основа сопствена компанија Tesla Electric & Manufаcturing Company. За една година компанијата му пропаднала, па морал да се издржува себеси работејќи тешка физичка работа. Во 1887 година ја основал Tesla Electric Company и почнал да пријавува патенти: повеќефазен систем на пренос на електрична енергија, индукциски мотор, генератори и трансформатори. Во 1888 Тесла влегува во партнертство со Џорџ Вестингхаус и му продава патенти врз база на наизменична електрична енергија за еден милион долари, но добива само 60.000 долари.

Во 1889 година Тесла се вратил во Европа и го посетил родното место. Тоа му била прва посета на Европа откако заминал за Америка. Во 1890 година почнал да истражува струи со висока фреквенција и следната година го изработил Теслиниот трансформатор. Втората посета на Европа му била во 1892 година кога дошол да ја погреба мајка си. Тогаш ги посетил и: Лондон, Париз, Загреб, Будимпешта и Белград. Во 1893 година е одржана изложбата во Чикаго посветена на достигнувањата на полето на електротехниката каде Тесла ја прикажал предноста на наизменичната енергија. Во пожар во 1895 година била уништена неговата лабораторија, па не успеал да ги објави откритијата за електрони и х-зраци.

Во 1896 година на Нијагарините Водопади е пуштена во употреба хидроцентралата на која се користени патенти на Тесла врз база на наизменична електрична енергија. Тесла прв го создал и далечинското управување – во 1989 година го демонстрирал својот брод на далечинско управување. Продолжил да истражува на високофреквентни и високонапонски струи. Во 1899 ја изградил лабораторијата во Колорадо Спрингс каде врши експерименти со овие струи. Во 1900 година почнал да го гради Системот за безжичен пренос на електрична енергија на Лонг Ајленд кој никогаш не го завршил, затоа што Џон П. Морган му го укинал финансирањето. Тесла продолжил со своите изуми.

Во 1919 година излегува од печат неговата биографија „Моите пронајдоци“. Тој и понатаму пријавувал патенти од различни подрачја. Во 1917 година го добива Едисоновиот медал, во 1926 година бил прогласен за почесен доктор на Универзитетот во Загреб, а во 1937 добива почесен докторат на Политехничката школа во Грац и на Универзитетот во Париз.

Тесла голем дел од својот живот го поминал живеејќи во хотели каде и починал, на 7 јануари, 1943 година во хотелот „Њујоркер“ во Њујорк, на 33. кат, во апартманот 3327. Имал 86 години.

Извор: Меморијален центар „Никола Тесла“

Фото: Pixabay

 

Сподели