74 верзии на „Т’га за југ“ на 43 јазици достапни онлајн

Дигиталната верзија на Poliglota – заедничко издание на Струшките вечери на поезијата и НИП „Нова Македонија“, редакција „Детска радост“ од 1994 година е поставена на веб страницата на Струшките вечери на поезијата. Изданието го приредил нашиот истакнат поет Гане Тодоровски. Тој напишал:

„… Во таа чест, му ја претставуваме на читателот оваа мала книшка со песната ,Т’га за југ’ препеана на повеќе јазици како полногласен показ за проникнувањето на литературите ширум светот, како потврда дека големата мисија на литературата е да ги зближи народите од сите континенти и да ја афирмира големата идеја за создавање на иден свет без граници…“

Поставувањето на ова издание е почеток на проектот за дигитализација на богатата издавачка продукција на Струшките вечери на поезијата која што на овој начин ќе биде достапна за најширокиот круг на читатели, велат од СВП. Во изданието се претставени 74 адаптации на 43 јазици (преводи, препеви, парафрази, имитации, транскрипции и сплантации) на „Т’га за југ“ од пријателите на македонската поезија, од учесниците на СВП и од почитувачите на уметноста на зборот од сите меридијани на светот.

„Да се надеваме дека ќе продолжи животот на песнава која претставува вистинска драгоценост во културната ризница на еден мал народ, кој веќе со милениуми грчевито се бори за да опстои“ – напишал Тодоровски во предговорот.

Освен дигиталната верзија на изданието, покрај оригиналот на македонски јазик, издвоени се и препевите на англиски, албански и на француски јазик. Покрај кратката биографска белешка за Константин Миладинов (чиј автор е струшкиот историчар Петар Аврамоски) застапени се толкувањата на „Т’га за југ“ (пократкото, од Гане Тодоровски и поопсежното толкување од уште еден великан на македонската поезија, Блаже Конески).

Изданието може да го видите ТУКА.

Сподели