По синоќешните проекции во Кочани, Патувачкото кино на „МакеДокс“ вечерва се сели во селото Оризари. Проекциите ќе почнат во 21 часот, ќе се одржуваат на отворен простор, а влезот е бесплатен.
Патувачкото кино на „МакеДокс“ годинава го смени својот формат и се одржува во текот на четири викенди во јуни, јули и во септември. Во првата половина од годинашните патешествија се одржаа проекции во Кратово, с. Шлегово и две во градот под Исарот – Штип.
– Чувството на екипата на Патувачкото кино по првите два викенди е одлично! Проекциите беа полни, публиката задоволна, а ние уште повеќе. Со нас на проекцијата во Штип имавме присутна филмска екипа од прикажаниот документарен филм „Сите ќе умреме“ во режија на Сашко Потер Мицевски. Покрај него, присутни беа и продуцентот Илија Тирицовски, монтажерката Сандра Ѓоргиева и главниот лик на филмот, Зоран Сичев. Се создаде одлична атмосферa и уште еднаш ни се потврди важноста на дисперзирањето на културата низ целата држава. Се надеваме дека овој викенд во Кочани и последниот во септември во Виница ќе поминат исто толку добро колку и првите два – истакна Сара Ферро од екипата на Патувачкото кино на „МакеДокс“.
Екипата на филмот „Сите ќе умреме“ во режија на Сашко Поттер Мицевски (втор од лево) во Штип
Иако негови филмови веќе биле прикажувани како дел од филмската програма на фестивалот и на Патувачкото кино, авторот, документарист и режисер, Сашко Потер Мицевски, првпат присуствуваше на вечерна филмска сесија под отворено небо со „МакеДокс“ во родниот Штип.
– Беше исклучително задоволство да се биде присутен на Патувачкото кино на „МакеДокс“ како автор на краткометражен филм што активно се прикажува на истото. Документарниот филм „Сите ќе умреме“ е снимен во Штип, со урбан штипски лик и беше многу возбудливо да биде презентиран пред штипската јавност, која со многу возбуда го пречека тимот на „МакеДокс“. Зоки, главниот протагонист на филмот, и дел од авторската екипа беа присутни на проекцијата, каде што публиката имаше можност да чуе збор-два за филмот. Најтешко е кога дело се презентира пред свои луѓе, тие се најголем репер за твојот личен успех и најголем мотив за пробивање на границите. Штип мене лично ми беше инспирација за два документарни филмови и ќе остане долго присутен во моите идни дела. Тој нуди магични ликови, надреални приказни и уникатен хумор, што и тоа како му недостига на македонскиот филм – изјави Мицевски.
Патувачкото кино на „МакеДокс 2021“ е поддржано од македонската Агенција за филм, општините Кратово, Кочани, Штип и Виница и Центарот за развој на Источен плански регион.
Медиумски покровители на Патувачкото кино и фестивалот „МакеДокс“ се: Слободен печат, Нова Македонија, МКД.мк, УМНО, СДК.мк, Плус Инфо, Окно, Офф.нет, Е-Магазин, Радио МОФ, Радио Џез ФМ, Радио Канал 103, Радио Антена5, Радио Бубамара, Лајф Радио, Плагиј.ат, Его, Поп-ап, Види Вака, Гледај.мк, Лице в лице.