Националните театри не се снајдоа добро во пандемијата, вели режисерката Теа Беговска

Театарски европски алтернативи Sturm und drang ќе биде онлајн фестивал што ќе се одржи во септември, на кој младата режисерка е фокусирана периодов

Режисерката Теа Беговска е од оние уметници кај нас кои никогаш не мируваат. Не постои кризно време за неа или изговор дека се случува пандемија и не може да се работи. Напротив, таа покажува дека императив на уметникот е да преживее и тогаш кога светот се руши, дека треба да раскажува приказни и тогаш кога очајот ни е на трпеза. Таа реализираше две претстави во своја продукција во изминатите месеци, а во март ја имаше привилегијата да биде единствен режисер од Македонија во големиот проект на Народниот театар од Крајова, Романија, „Хектомерон“.

Теа Беговска (фото: Енес Беговски)

Беговска не застанува тука. Таа подготвува и Театарски алтернативен фестивал чие прво издание ќе се случи во септември. Со неа зборуваме за нејзините планови, идеи, но и за состојбите со театарската сцена.

Една од 100 режисери во проект во Романија

Почестена е што била поканета да учествува во големиот проект во Романија, каде 100 режисери ги обработуваа 100-те приказни на Бокачо од „Декамерон“. Вели дека била сведок на фанатички професионализам каков што не доживеала кај нас.
– Ова е проект кој Романците го смислија за време на пандемија во овие пет месеци и го ангажираа сиот ансамбл од 40 вработени актери, режисери, драматурзи. Над 100 луѓе 4-5 месеци секојдневно работат како машинерија. Имавме само 7 дена да смислиме што правиме – пет дена онлајн-работа со актерот, а само два дена проба на сцена. Цела една машинерија работи во позадина. Актерите играат во живо. Крајот на јуни планираат 24-часовен маратон каде ќе се претстават сите 100 држави. Ова е генијален пример како еден сериозен национален театар треба да работи во време на пандемија. Нека го види некој примерот, нека го ископира, литературата е преполна со приказни како „Декамерон“. Ни останува само да смислуваме и да работиме! – вели Беговска.

Сцена од „Хектомерон“, во кој учествуваше Беговска, а играше актерката Алина Мангра

Таа признава дека досега немала работено под таков креативен притисок, но дека бесценето ѝ е искуството што запознала прекрасни луѓе и работела со многу талентирана актерка.
Беговска е вработена режисерка во Драмскиот театар во Скопје од 2015 година, а не добила шанса да изрежира ниту една претстава. Вели, ниту еден проект што го понудила, не ѝ бил прифатен.
– Мојата институција воопшто ме нема искористено во позитивна смисла на зборот. Ние сме мала фела, сите се знаеме меѓу себе и се знае што правам јас и како се развивам како режисер. Создавам на многу полиња. Не само јас, на ниво на ансамбл, на ниво на театри, сметам дека луѓето што работат таму воопшто не се искористени. Тоа не треба јас да го коментирам, тоа треба да тргне од институцијата. Менаџерите треба да размислат какви луѓе вработиле и да се потрудат од сите нив да го извлечат најдоброто – категорична е Теа.

Мораме посериозно да му пристапиме на театарот

Театарската уметност беше и сѐ уште е затекната од пандемијата. Според Беговска, тоа не значи дека треба да седиме и да не работиме ништо.
– Нашите национални театри не се снајдоа добро. Јас проблемот првично го гледам во менаџерите. Би било смешно или глупаво ние со колегите да се собереме и нешто да правиме, тоа ми изгледа крајно несериозно. Целата иницијатива треба да тргне од менаџерот на институцијата. Секоја сериозна институција тоа треба да го направи. Треба да си ги прашате вработените дали имаат идеја нешто да прават, јас верувам дека секој од нас ќе даде свое мислење. Некои наши театри се обидоа да направат нешто, но тоа не е доволно. Мораме малку посерионо да пристапиме кон ова. Доаѓа лето, менаџерите треба да си направат сериозна стратегија како ќе се работи, оти пандемијата нема да заврши утре – вели Беговска.

„Револуција во живо“ беше меѓународен проект кој таа го сработи онлајн во септември минатата година, во кој учествуваа актери од пет земји. Споделија што ги мачи, го зборуваа јазикот што сите го разбираа – јазикот на театарот. Токму од таа соработка се роди и идејата Беговска да основа нов фестивал – Театарски европски алтернативи Sturm und drang, кој ќе се реализира онлајн во септември. Тоа е нов голем предизвик за неа.
– Можеби не се чувствував подготвена да го направам. Во текот на годините, гледајќи и правејќи алтернативен театар, сакав да има фестивал кај нас кој ќе биде посветен на театарски европски алтернативи. Ќе има интернационална, студентска програма, нов бран, работилници… Работиме секојдневно, насочена сум само кон тоа и ги контактирам сите мои пријатели што сум ги запознала низ годините, сакам на публиката да ѝ приредиме убаво прво издание. Благодарна сум што некој ја препозна идејата и ни дава шанса да направиме нешто. Се надевам на поддршка за овој фестивал – вели Беговска.

Теа Беговска (фото: Дејан Џолев, преземено од Skala Magazin)

 

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.

Сподели