Целта на овие студии е да образуваат стручен кадар кој ќе се стекне со организациски вештини поврзани со различните аспекти на заштитата на наследството, вели проф. д-р Илина Јакимовска, раководителка на Институтот за етнологија и антропологија
Менаџмент и заштита на културно наследство е новата програма за четиригодишни додипломски студии на Институтот за етнологија и антропологија која ќе почне да се изучува од октомври на Природно-математичкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Планирана како втора програма на Институтот (покрај постоечката по етнологија и антропологија), на неа ќе може да се запишат 35 студенти – 20 редовни, 10 со кофинансирање и 5 вонредни. Проф. д-р Илина Јакимовска, раководителка на Институтот вели дека причината што студиите се отвораат токму кај нив е што овие области се органски поврзани со етнологијата и антропологијата, кои самите по себе го проучуваат движното и недвижното културно наследство.

Археолошки локалитет Стоби / Фото: Умно.мк
– Студиите, сепак, се интердисциплинарни, со оглед на тоа што вклучуваат и основи на менаџментот и маркетингот во културата, визуелната култура и уметност, културниот туризам и одржливиот развој итн. Ангажирани ќе бидат и професори од Економскиот факултет и Економскиот институт при УКИМ и од катедрата за Историја на уметност и археологија при Филозофскиот факултет. Нудиме широка лепеза на предмети кои се однесуваат на управувањето и заштитата на културното наследство, но и запознавање со светското, балканското и македонското културно наследство, со националните паркови, музеите на отворено и другите заштитени подрачја – објаснува Јакимовска.
Идеја што се развива подолго време
Според неа, од методолошки аспект значајни се предметите кои се однесуваат на користење на ресурси при истражувањето на културното наследство, како и ракувањето со документација и примената на дигиталните технологии. Не е запоставен ниту комуникацискиот аспект, во смисла на промоција на културното наследство преку медиумите (традиционалните и новите), како и негувањето на културата на говорот и јавното изразување, што би овозможило за овие теми да се зборува на јасен и пристапен начин. Студентската пракса ќе овозможи и реално соочување со овие прашања во различни институции од соодветниот домен.

– Целта на овие студии е да образуваат стручен кадар кој ќе се стекне со организациски вештини поврзани со различните аспекти на заштитата на наследството, но и кој ќе го разбира и концептот на креативната културна индустрија, како и маркетиншката пракса поврзана со културното наследство. Се надеваме дека овој профил на стручен кадар ќе може активно да се вклучи во креирањето на културните политики и успешно ќе се снајде во управувањето на македонските институции од областа на културното наследство и во неговата промоција – вели Јакимовска.
Идејата за новата програма е развивана подолго, уште во мандатот на претходниот раководител на Институтот, проф. д-р Даворин Трпески кој сега е продекан за материјални и финансиски прашања на ПМФ. Во Македонија нема високообразовна институција за заштита на културното наследство (освен неколку насоки што се учат на повеќе факултети) и секоја од свој аспект се занимава со него.
– Сметавме дека тука е еден од главните проблеми, што не постојат студии кои ќе имаат интегративен пристап во заштитата на наследството, а цело време во стратегиите на Министерството за култура се спомнува поимот „интегративна заштита на културното наследство“. Нашата идеја беше да ги обединиме во едно сите оние кои се занимаваат со културното наследство. Се надевам дека до некаде успеавме, но тој процес сè уште не е завршен. Нашата идеја е да вклучиме и други дисциплини и науки за овие студии да бидат што поквалитетни. ПМФ и науките во него ни нудат широки можности да се развиваме и да напредуваме во ова поле. Тоа, секако, би било во интерес на македонското културно наследство – вели Трпески.
И тие капацитети што ги имаме, не ги користиме
Иако Македонија изобилува со културно наследство, со децении нема стратегија, ниту акциски планови во заштитата која би се следела без разлика на политичката гарнитура на власт. Трпески вели дека нашето општество 30 години лута и тешко се снаоѓа во сферите на менаџментот, во правењето на стратегии за заштита или во нивното имплементирање. Не дека немаме капацитети, туку и тие што ги имаме не ги користиме.

– Едноставно, културното наследство во изминативе децении единствено им беше од корист на политичките елити кои водеа и водат борба за политичка контрола над него. Тоа е погрешен пристап и целосно отстапува од идеите и целите на УНЕСКО. Се разбира, со тоа не се придонесува кон заштита на културното наследство, туку кон негово побрзо пропаѓање. Актуелните случувања со Охрид само го потврдуваат тоа. Свесни сме дека со новата студиска програма не можеме да очекуваме изградба на стручњаци преку ноќ. Тоа е долг процес. Првите кадри би излегле најрано за 4-5 години, но тие ќе се надоградуваат и во наредните години. Можеби за десетина години ќе ги имаме првите посериозни стручни лица на кои, верувам, ќе им се овозможи шанса да се вклучат во процесот на креирање на културни политики поврзани со заштитата на културното наследство. Очигледно е дека досегашниот пристап не ги даде очекуваните резултати, па сметаме дека интердисциплинарните студии од овој тип можеби ќе направат поквалитетен исчекор во управувањето и заштитата на македонското културно наследство – категоричен е Трпески.
Во иницијативата не се сами. Базата ја нуди ПМФ, а ќе биде интензивна соработката и со други факултети и институти при УКИМ и со други универзитети од Европа кои имаат далеку поголемо искуство со студии кои се однесуваат на управувањето и заштитата на културното наследство.
Јакимовска дополнува дека од аспект на логистика, библиотеката на Институтот за етнологија и антропологија располага со библиотечни единици (книги, стручни списанија) и за културното наследство, или самите едеиници се дел од него. Последното особено се однесува на донираните збирки на колеги од светот и од земјата. Исто така, Институтот располага и со специјализиран Архив, односно Дигитален архив за етнолошки и антрополошки ресурси, кои ги опфаќаат сите досега собрани етнографски, фолклорни и други антрополошки материјали, специјални колекции на предмети, архивски материјали, аудио, фото и видео материјали што сега се чуваат во Институтот.

Стоби / Фото: Умно.мк
– Соработуваме речиси со сите македонски институции кои имаат тесна врска со управувањето и заштитата на културното наследство. Во најголем дел од нив нашите студенти одеа на пракса, односно волонтираа. Со отворањето на новите студии по менаџмент и заштита на културното наследство, веруваме дека соработката ќе се интензивира, особено во делот кој се однесува на волонтирањето и обавувањето на студентската пракса. Сето ова ни влева надеж дека успешно ќе се справиме со предизвикот што го носат студиите по менаџмент и заштита на културното наследство – објаснува Јакимовска.
Институтот за етнологија и антропологија – овластен субјект за заштита на нематеријалното културно наследство
Неколку професори од Институт за етнологија и антропологија беа претседатели на Македонскиот национален комитет за заштита на културното наследство во опасност „Син штит“. На прашањето колку овој факт придонел да размислуваат за отворањето на новата студиска програма, Трпески вели:
– Секако дека тоа имало одредено влијание врз идејата за основање на студии поврзани со културното наследство. Несомнено, нивната активност придонела да се направи одредено позитивно поместување во размислувањата. Но, Синиот штит опфаќа само еден мал дел од широкото поле на наследството, односно само делот кој се однесува на заштитата на културното наследство во опасност. Во нашиот случај, се обидовме да опфатиме што поширок опсег од културното наследство, па покрај управувањето со него, акцентот го ставивме и на аспектите на заштитата. Во таа насока оди и тоа што од пред околу 4 години Институтот за етнологија и антропологија се стекна со статус на овластен субјект за заштита на нематеријалното културно наследство – вели тој.
Целата програма погледнете ја ТУКА.





