Македонија на Кан! Марија Апчевска номинирана за „Златна палма“ за краткиот „Северен Пол“

15-минутниот филм „Северен Пол“ на режисерката Марија Апчевска е избран во конкуренција за наградата најдобар краток филм на 74. Кански филмски фестивал. Селекцијата на десетте во најтесна конкуренција жирито на оваа програма ја соопшти синоќа.

„Северен Пол“ е избран меѓу дури 3.739 кратки филмови од цел свет. Во десетте најдобри се наоѓаат филмови од: Бразил, Данска, Кина, Франција, Хонг Конг, Иран, Португалија, Косово.

Во историјата на нашата кинематографија, само еден режисер од Македонија досега успеал да добие „Златна палма“ за краток филм. Тоа му успеа на Митко Панов во 1991 година за филмот „Со кренати раце“.

Сите десет номинирани филмови ќе бидат промовирани во Кан на 16 јули, а ден подоцна ќе се знае и добитникот на единствената награда во оваа категорија.

Филмот „Северен пол“ се снимаше во јануари годинавa, по сценарио и режија на Апчевска, а во продукција на „Кино око“.

Главните улоги ги толкуваат Антонија Белезелкоска и Лука Митев. Директор на фотографија е Владимир Самоиловски, сценографијата е на Кирил Спасески, костимите на Билјана Гргур, шминка – Горан Игњатовски, а тон-снимател – Игор Поповски. Филмот е во копродукција со Србија.

За филмот „Бардо“, Апчевска во 2012 година беше номинирана за наградата „Кристална мечка“ на Берлинале, но ја освои наградата за најдобар филм на Монпелје медитерански филмски фестивал.

Во 2017 година доби неколку номинации на светски фестивали за филмот „Амби“.

Насловна фотографија: Агенција за филм

 

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.

 

 

 

Сподели