Проф. д-р Валентин Мирчески во интервјуто за Умно.мк зборува за состојбите во науката и истражувањето во Македонија, за односот на државата кон овие сектори, за реформите во основното образование
Односот на државата кон високото образование во изминатите три децении наликува на синусоидална функција, која благо осцилира, позитивно или негативно, над една константна вредност која е понижувачка и деструктивна, и типична за општества кои цивилизациски назадуваат, вели д-р Валентин Мирчески, професор на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Тој подолго време беше дел од управата на ПМФ, а во еден кус период и в.д. декан. Кон крајот на 2020 година, Универзитетот „Стенфорд“ од САД ја објави листата на најдобри научници со светот, според објавените трудови и импактот на нивната работа. Мирчески со уште шестмина научници од Македонија се најде на листата. Вели дека како дел од управата на ПМФ имал можност да се запознае со административните аспекти од работата на високообразовните институции, чија непотребна комплексност ја отежнува, а понекогаш целосно ја гуши, суштинската академска дејност – образование и научна работа.
– Од таа позиција човек може да го согледа односот на академскиот и административен кадар во целина, да го разбере нивото на мотивираност, посветеност и одговорност на луѓето кои се главни протагонисти во таа „академска драма“, но и да ја види количината натрупани фрустрации заради условите во кои се работи и живее. Природно-математичкиот факултет според многу суштински академски особености, како што се научноистражувачка работа, образовната дејност и култура за внатрешна дебата, е високо над просекот во Македонија. Но, во суровата џунгла на македонското општество таквите доблести повеќе се хендикеп отколку предност – вели Мирчески.

Институт за хемија
Изминатата академска година беше невообичаена за сите. Како се снајде ПМФ со пандемијата од Ковид-19?
– Со оглед на скромниот информатички капацитет (информатичка инфраструктура, софтверски и хардверски потенцијал), би рекол дека факултетот постигна максимум од она што беше возможно во овие, најблаго речено, чудни, вонредни услови. Конфузниот почеток во работењето на далечина на почетокот на кризата во летниот семестар на учебната 2019/20 година веќе е заменет со „стабилно“ далечинско учење. Но, оваа состојба јасно ни предочи колку човечката комуникација е повеќеслојна и сложена, и колкав хендикеп е отсуството на говорот на телото, размената на погледи, импресии (чувства) во текот комуникацијата итн. Покрај сите заложби, се чини дека сувопарноста на наставата на далечина е непоправлив недостаток. Уште повеќе, во сферата на практичната настава, каде оној кој учи треба да биде најдиректно инволвиран во процесот на учење, априпори е невозможно да се изведе на далечина. Изјавите дека некои институции извонредно работеле во овие услови се карактеристични само за општество со култура на општоприфатена лага.
ПМФ е стожерот на природните науки во сите нивоа на образование во земјава, а дополнително понатаму и во науката. Каква поддршка добива од државата?
– Односот на државата кон високото образование во изминативе 30 години наликува на синусоидална функција, која благо осцилира, позитивно или негативно, над една константна вредност. Таа константа, преносно кажано, е понижувачка и деструктивна, и типична за општества кои цивилизациски назадуваат. И порано сум пишувал дека високото образование се третира како социјално загрозена, а не како развојна категорија. Од друга страна, високото образование во голема мера е извор на политичкото милје кое ги диктира односите во општеството и го дефинира ваквиот однос на државата кон високото образование. Со тоа, се затвора еден круг, кој во најдобар случај се движи во место и неминовно оневозможува прогрес на општеството.
ПМФ колективно оцени дека новата концепција за основно образование не е поставена на добра основа. Влеговме во фаза во која експерти од својата област би се вклучиле во подготовката на наставните планови. Ќе се вклучи ли професорскиот кадар од ПМФ во оваа фаза? И умно ли е со вакви коренити реформи да се брза?
– Јавните дебати организирани од политичките структури кај нас скоро секогаш се со манипулативна природа, се организираат откога одлуката е донесена, и се во духот на поговорката дека звукот на тапаните доаѓа после свадбата, па затоа тој се доживува како врева, а не како повик за веселба. Поимот интегрираност, кој е во сржта на предложената реформа, поставен во широк контекст на природните науки, во смисла на нивниот историски развој и сегашен тренд на напредок, воопшто не е проблематичен и мене ми е многу близок.
Природата се манифестира во нејзината целокупност, во интегрирана форма, а науките историски се поделиле само заради поедноставно изучување и раслојување на огромната комплексност на природните феномени.
Денес пак, интердисциплинарноста во научниот пристап е модерен тренд, што повторно имплицира на интеграција. Но, не сум сигурен дека овој филозофски поглед е причина за предложените реформи. Се плашам од постоење на други, многу приземни (можеби и уште пониски) политички мотиви за целокупниот процес.
Факултетите во земјава генерално кубурат со кадар, нема вработувања на асистенти кои понатаму би ги презеле обврските од менторите итн. Во моментот колку вработувања се неопходни на ПМФ и каде е ситуацијата најлоша?
– Не можам да не ја изразам мојата радост и благодарност што Министерството за образование и наука имаше разбирање за насушните кадровски потреби на факултетот, и како ретко кога во изминативе години, факултетот во еден наврат доби прилика да реализира околу дваесетина нови вработувања. Ова е за секоја пофалба; уште повеќе што нови вработувања има и на други членки на нашиот универзитет. Ова фрла светло на надеж и читателот има право поведро да го доживее ова интервју и покрај доминантниот критички тон.

Лабораторија на ПМФ
Доаѓате од Институтот за хемија од каде излегле врвни научници кои и денес работат во престижни научни установи во светот. Девалвацијата во сиот образовен систем во земјава си го направи своето, а тоа се одрази и на условите за работа на Институтот. Како да се спречи овој процес?
– Ентузијазмот и енергијата кои извираат од некои институции не се бесконечни категории. Во еден систем мора да се внесува енергија за да тој врши корисна работа. Посебно вредни се оние системи во кои внесената енергија не се троши само за нивно внатрешно преуредување (кавги), туку од нив извира корисна работа (научни резултати, мотивирани и едуцирани студенти итн.). Оттука, ако ги разбираме основните законитости на природата ќе можеме да ги разбереме и општествените феномени. Со други зборови, добрите институции треба конечно да бидат поддржани. Ако нема енергија за целосна квалитетна поддршка на високото образование и научната работа, тогаш барем нека се отпочне со концептот на центри на извонредност, кои ќе служат како модел и ќе бидат стимул за други вредни институции во нашата земја.
Колку државата е свесна за научниот потенцијал што го имаме?
– Природата не го дискриминира македонскиот народ, ниту пак ги дискриминира другите народи во овој регион, во смисла на правична распределба на космичката интелигенција. Кај нас, во релативна смисла, се раѓаат ист број надарени луѓе колку и во која било друга, многу поразвиена земја од нашата. Проблемот со човечката егзистенција не произлегува од преддефинираните категории кои се надвор од човечката контрола, туку од слободата и одговорноста која му е дадена на човекот.
Никој не може да одлучи кога и каде ќе се роди, ниту со какви дарови ќе дојде на овој свет, но секој има слобода да одлучи што ќе прави со својот живот. Во тоа се разликуваат луѓето поединечно, односно општествата во целина.
Нашата определба да ги трошиме даровите и дадената енергија само за внатрешни, бескорисни и грешни распределби оневозможува развој на нашето општеството. Малку поедноставно и поведро кажано, состојбата со распоредот на луѓето во нашето општество наликува на познатиот виц со човекот кој имал многу убави црти на лицето, но за жал, грешно му биле распоредени.
МОН во последните месеци најавуваше поголем буџет за наука. Статистиката покажува дека Македонија е меѓу земјите кои издвојуваат најнизок процент од БДП за наука. Колкав пораст е неопходен за да може науката да придонесе во развојот на оваа земја? И кога првите резултати би можеле да се очекуваат?
– Во политичката прагма, празните ветувања се поопасен политички концепт отколку да се каже дека некој сектор нема да биде поддржан и дека тој е надвор од определена политичка агенда. Ми се чини дека степенот на изгладнетост за квалитетна промена е толку голем што е веќе доцна за ветувања дека секторот на науката и истражувањето ќе биде подобрен, а оттука и политичката цена за тоа ќе биде неминовно испорачана.
Извор на фотографии: Youtube





