Васил Зафирчев: Искрено се надевам на 6. сезона на „Преспав“. Имаме уште многу приказни за раскажување

Нема поголема сатисфакција за вербата, посветеноста и интензивната работа на сите нас кои сме вклучени во реализацијата на серијата – вели Зафирчев

„Кујната на Марио“ е новиот проект на продукција ОХО, кој ќе се прикажува од денеска во 12 часот на јутјуб-каналот на серијата. Готвачот кој едвај знае да готви, но секогаш е подготвен да прави нови сплетки во пансионот во телевизиската серија „Преспав“, овојпат има нов предизвик. Заедно со колегите од пансионот на публиката ќе и понудат 10 рецепти за готвење. Актерот Васил Зафирчев пет сезони го оживува ликот на хрватскиот готвач. Во интервјуто за Умно.мк открива повеќе за новиот серијал, но и неговите театарски проекти на матичната сцена во Народниот театар „Јордан Хаџиконстантинов-Џинот“ во Велес.

Што ќе содржи серијалот на Марио? Како се роди идејата?

– „Кујната на Марио“ е дигитален мини-серијал од 10 епизоди, проект-дериват на ТВ-серијата „Преспав“ во продукција на ОХО, во кој Марио го снима на видео целиот процес на изучување на кулинарството. Идејата за ова кулинарско шоу е на продуцентот Пеце Талески и во него Марио заедно со другите ликови од „Преспав“ подготвуваат 10 фантастични рецепти. Па, покрај хуморот и сатирата карактеристични за „Преспав“, шоуто е и одлична можност да се научи нешто повеќе за кулинарството, но и да се испробаат нови и интересни рецепти.

Ве изненадува ли популарноста на ликот на хрватскиот готвач во „Преспав“?

– На почетокот секако дека бев изненаден, бидејќи не знаев каков ќе биде интересот и приемот на ликот кај публиката, првенствено заради неговата специфична биографија, животна филозофија и јазична култура. Но, денес сум неизмерно благодарен за вниманието, почитта и гледаноста од публиката и тоа од најразлични генерации, која не само што ја препозна идејата на проектот, туку ги засака и ликовите што ги играме. Нема поголема сатисфакција за вербата, посветеноста и интензивната работа на сите нас кои сме вклучени во реализацијата на серијата.

Може ли да се очекува шеста сезона на „Преспав“?

– Искрено се надевам дека ќе има. „Преспав“ е несомнено единствена домашна продукција која зад себе има цели пет сезони и снимени и емитувани над 120 епизоди. Токму затоа, како екипа, дефинитивно имаме уште многу приказни за раскажување.

Што подготвувате периодов во Велешкиот театар?

– Во тек на подготовка се две нови театарски продукции од годишната програма на театарот. Едната од нив е „Четири соби“ чија премиера е предвидена кон крајот на мај, а другата е „Орестија“ која е планирана премиерно да биде изведена во август на отворањето на Фестивалот на античка драма „Стоби“.

Токму Велешкиот театар ми се чини дека доста добро се снајде во периодот на короната и не ја заборави публиката. Дали тоа е и ваш впечаток?

– Секако. Најважно е што без оглед на кризата и неколкуте прекини во работењето, сепак успеавме да одржиме континуитет, па дури и да создадеме два проекта кои директно произлегоа од бизарноста на контекстот. Едниот беше интернет-проектот „Тој и таа“, а другиот театарската инсталација за еден гледач „Херои 04:33“.

Сцена од „Херои 04:33“ (фото: Стефан Самандов)

Националните театри замреа уште минатата година. Некако многу малку се прилагодија на ситуацијата, за разлика од алтернативните театри кои многу брзо понудија видеа од претстави, монолози… Пропуштија ли можност да се прилагодат?

– Коронакризата беше одлична можност за адаптација, преиспитување и промена. За враќање кон основите на театарот како уметност, за нотирање на добрите и слабите страни од неговото системско функционирање, но и за изнаоѓање нови инспирации и поинакви провокации кои во фокусот ќе ја имаат токму кризата. Само од нејзиниот контекст може да произлезе автентична и курентна културна понуда која ќе може да ги задоволи потребите на публиката, но и да го прошири нејзиниот хоризонт на емоционално очекување.

Сцена од буто-претставата на Зафирчев

Какви проекти Ве очекуваат наредниот период?

– Покрај „Кујната на Марио“, во подготовка е и мојата магистерска претстава по театарска режија „Петтото годишно време“ во продукција на мојот матичен Велешки театар. Станува збор за танцтеатарски моноперформанс во кој настапува Олга Панго, а чија премиера е предвидена за средината на јуни.

Како Ковид-19 влијаеше на вас?

– Само уште повеќе ме сврте кон себе самиот и кон луѓето и нештата кои ги сакам и кои вистински ми значат.

Насловни фотографии: Кристијан Теодoрoв

 

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.

Сподели