Да не го гласаат Етичкиот кодекс кој е денеска на дневен ред на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, затоа што ќе ја скрати академската слобода, побара Независниот академски синдикат од сенаторите на најголемиот државен универзитет во Македонија.
НАКС велат дека на ова предупредиле уште во февруари. Тие тврдат дека идентификувале клучни проблеми во кодексот.
– Тој е репресивен во неговата суштина и оневозможува квалитетна расправа и критика. Кодексот оди до таму да го санкционира синдикалното или делувањето преку друг начин на здружување на членовите на академската заедница, во случај кога раководните органи на Универзитетот ќе се произнесат дека нивните активности го повредуваат достоинството на Универзитетот и едниците. Со ова, сериозно се загрозува правото на слобода на говор, мисла и уверување и се ограничува правото на слободно здружување на членовите на академската заедница – велат од НАКС.
Од Синдикатот тврдат дека кодексот се обидува да го регулира и присуството на вработените на социјалните мрежи, со што се прави груб упад во личните права и слободи. Кодексот нема одредби кои обезбедуваат основна заштита на слободата на научната мисла и слободата на говорот – основите на едно демократско општество и слободен универзитет.
– Имајќи ги предвид овие сериозни недостатоци на Етичкиот кодекс, неговото изгласување ќе им овозможи простор на органите на управување да го потиснат секој став кој е различен од нивниот, обезбедувајќи едноумие низ привидна саморегулација, наместо академска слобода. Заштитата на достоинството, интегритетот и академската слобода на членовите на академската заедница е услов без кој не се може во автономен и слободен универзитет – велат од НАКС.





